На тоа се надоврзуваат уште погон на сите тркала како стандард и пневматска суспензија со висинско местење. Испораките почнуваат во лето, главните пет пазари на комби-Taycan се САД, Велика Британија, Норвешка, Холандија и Германија.
Ликот на Porsche Taycan Cross Turismo e верен на концептот Mission E Cross Turismo од салонот во Женева во 2018 година. Главниот белег на силуетата е линијата на покривот што постепено се спушта наназад. За дизајнерите на Porsche, тоа е „Flyline“. Останатите обележја што го оддаваат теренскиот дух се заштитните облоги на арките на крилата, заштитни панели напред и назад, како и странични прагови. Може да се доплати за пакет Offroad Design, со кој уште повеќе се нагласува теренскиот карактер.
Кокпитот е ист со спортската лимузина Taycan, со средишен дисплеј од 10,9 инчи и со опција за трет дисплеј, пред совозачот. Со доплата за теренски пакет, во кокпитот се вградува и компас.
Активното подвозје Porsche 4D-Chassis Control ги анализира и синхронизира сите системи во подвозјето, односно тоа значи дека еден контролен уред решава за сé што се случува под каросеријата. Адаптивна пневматска суспензија со трикоморна технологија и електронска регулација на амортизерите PASM е стандард во секој Turismo. Стандард е функцијата Smart-Lift. Кога возилото ќе се доближи непосредно до местото што претходно го има избрано возачот, предниот дел од каросеријата се подигнува автоматски – на пример при влегување во подземна гаража или при минување преку лежечки полицаец. За меморирање е доволно само едно притискање копче.
Програма за возење „Gravel Mode“
За возење по земјен пат или на каллива подлога е наменета програмата „Gravel Mode“. Каросеријата тогаш се подигнува за 30 mm, а соодветно се приспособуваат и сите системи во подвозјето: Porsche Active Suspension Management (PASM), Porsche Traction Management (PTM), Porsche Torque Vectoring Plus (PTV+), Porsche Stability Management (PSM), како и преносникот на задната оска.
Голема батерија се вградува стандардéно, напон до 800 волти
Taycan Cross Turismo работи со системски напон од 800 волти, место вообичаените 400 волти. Во дводелната перформанс-батерија се наоѓаат 33 ќелиски модули, кои се состојоат од по 12 одделни ќелии – тоа дава вкупно 396 ќелии. Вкупниот капацитет изнесува 93,4 kWh.
Каросеријата со коефициент на отпор на воздух 0,26 придонесува значително за ниската потрошувачка на енергија и за долгиот досег. Отворите за воздух напред се затвораат по потреба, а уште поефектно е двостепеното спуштање на каросеријата при повисоки брзини.
Секоја Taycan Cross Turismo располага со по еден електромотор на предната и задната оска. Највисоката можна моќ на рекуперација достигнува 290 kW и тоа е повеќе од конкуренцијата. Сопствениот полнач во Cross Turismo дозволува полнење со максимално 11 kW. Опција е двојно помоќен полнач со 22 kW. При користење брз полнач со еднонасочна струја може да се наполни енергија за 100 километри возење за само пет минути.
Porsche лани испорача повеќе од 20.000 примероци од лимузината Taycan на светскиот пазар. Во Норвешка, електричниот модел учествува со 70% од продажбата на марката. Електричната спортска лимузина има освоено над 50 награди во дваесетина држави, главно во Германија, САД, Велика Британија и Кина.
Четири моделски изведби од старт:
Taycan 4 Cross Turismo со 280 kW (380 КС), Overboost-моќност при Launch Control 350 kW (476 КС), забрзување 0-100 km/h за 5,1 секунди, крајна брзина 220 km/h, досег (WLTP) 389 – 456 km
Taycan 4S Cross Turismo со 360 kW (490 КС), Overboost-моќност при Launch Control 420 kW (571 КС), забрзување 0-100 km/h за 4,1 секунди, крајна брзина 240 km/h, досег (WLTP) 388 – 452 km
Taycan Turbo Cross Turismo со 460 kW (625 КС), Overboost-моќност при Launch Control 500 kW (680 КС), забрзување 0-100 km/h за 3,3 секунди, крајна брзина 250 km/h, досег (WLTP) 395 – 452 km
Taycan Turbo S Cross Turismo со 460 kW (625 КС), Overboost-моќност при Launch Control 560 kW (761 КС), забрзување 0-100 km/h за 2,9 секунди, крајна брзина 250 km/h, досег (WLTP) 388 – 419 km.