за

Загревање за 8-ми март: Жените во марката Mini

Што е заедничко за најбрзото Mini во историјата, за првото електрично Mini и за најголемиот модел во понудата на Mini? Зад сите овие автомобили стои жена.

Жените имаат голема улога во Mini, не само поради тоа што тие сочинуваат половина од клиентелата. Важни се, затоа што тие учествуваат и во секој дел од развојот, конструирањето, дизајнирањето, општо зад секое подрачје во коешто задира автомобилизмот во Mini – рамноправно со мажите.

Тука престануваат предрасудите. Најбрзиот Mini во историјата, John Cooper Works GP, создаден е од жена. Петра Бек раководеше со развојот на дуплиот специјалист до сериски модел – „дупли“ затоа што JCW е едно скалило над Cooper S, а потоа и GP е едно скалило над JCW. Инженерката по електротехника работи во групацијата BMW од 2007 година. Во последните две години, Петра е директорка на проектите за развој на нови модели во Mini. Едно од нејзините врвни достигнувања е одговорноста за развојот на JCW GP во сериски автомобил – во најбрзиот досега произведен Mini.

Со дволитарскиот турбо-бензинец со 306 КС и во серија од само 3.000 примероци, овој Mini е вистински раритет. „Ми се допаѓа кога автомобилот предизвикува насмевки кај другите учесници во сообраќајот. Точно тоа се случува со секое Mini“, коментира Петра. Истото се случува и на рели-трките со олдтајмери, на коишто Петра Бек учествува со задоволство и со нетрпение очекува да продолжи нивното одржување, прекинато поради пандемијата.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Дама стои и зад развојот на првиот електричен модел на Mini. Елена Едер е вистинско „дете на светот“. Таа е родена во Италија, потоа нејзиното семејство се сели во САД, па во Франција. Машинската инженерка во својата кариера има работено во Франција, Италија, Англија и Германија, исто и во Индија и Кина.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Елена Едер е мајка на три деца и во Mini се чувствува како дома. Таа раководеше со проектот на првиот електричен модел на британската марка, на Mini Cooper SE. Инженерката уште во детството се одушевувала од технологијата. „Јас не играв со кукли, туку со автомобили“. Нормално е што таа ја остварува својата кариера во автомобилската бранша. „Секогаш ме одушевуваа комплексноста и убавите работи. За инженерите, автомобилите се истото што Great Barrier Reef е за нуркачите.“

Mini Countryman, како најкрупен и најцврст модел во понудата на Британците, воедно ја ужива и улогата на „најмажествен“ модел. А, тој најмажествен модел е дизајниран од дама, од дизајнерката Кристине Зуријан. Таа чувстувва посебна поврзаност со овој модел: „Mini Countryman е спортски и многустран, оддава многу енергија на релативно мала површина што ја зафаќа возилото. Тоа на одреден начин точно се совпаѓа со мојот животен стил“, кажува жената што напорната секојдневна работа ја надоместува со сноубординг, сурфање, возење велосипед, планинарење и кросфит.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Кристине го засакала Mini уште за време на студиите на Art Center College of Design во Лос Анџелес. Црвен Mini Cooper S со црн покрив е „првиот автомобил со којшто веднаш доживеав емотивна врска.“ Тоа го кажува дама што изразнала во „камионџиско“ семејство. На југот на Калифорнија, кадешто таа го минала детството, главно превозно средство биле пикапи со големи мотори V8.

Својата пасија за цртање, Кристине уште рано ја надградува со интерес за автомобили. Нејзиниот татко имал сопствено дизајнерско студио, каде што се создавале концептни и филмски возила, меѓу нив и Бетмобил.

Во 2010 година, Кристине почнува да работи во британската марка. „Тимскиот дух во Mini навистина е нешто посебно.“ Нејзината работа се состои во поставување на основите на карактерот на секој нов модел, негово усогласување со техниката, и секако, во создавањето на добар дизајн. Таа резимира со вистинските зборови: „Денес има голем број жени што ја тресат автомобилската индустрија, и ќе бидат уште повеќе.“

>>> Mini Cooper SE ја вози првата електрична тура низ Македонија (Дел 2)

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ford месечно продава близу 4.000 примероци од електричниот Mustang Mach-E

Porsche Taycan Cross Turismo струјата го вози насекаде