На секое доаѓање на Роуд Шоуто, германската суперспортска марка донесува по едно ново искуство, сознание. Денес и забавачиња знаат дека Порше е брза и силна марка, но има уште многу над тоа. Роуд Шоуто есенва донесе потсетување дека разновидноста е тоа што го создава волшебството околу марката: Разлика меѓу турбо-В6 и атмосферски В8, и неговото височество шестцилиндарски боксер. Последниов се хибридизираше, но поршеовски. На тоа уште, чисто електричен погон и приклучен хибриден погон. Колку што има избор на бои кај обичните марки, толку има погонски варијанти кај Порше.
Оливер Ципсе, шефот на Порше, а воедно и шеф на целиот концерн Фолксваген со сите марки, со право се бори за да им обезбеди иднина на своите автомобили и по 2035 година, кога ЕУ е запната да им стави крај на новите автомобили со мотор со внатрешно согорување по салоните. Додека се гледа на хартија и се покажува сета оправданост на вложувањето во електричниот погон, што од една страна е добро заради заштита на животната средина, а од друга страна заради ослободување од зависноста од нафта, сето тоа има смисла. Но, кога ќе седне зад воланот со црниот коњ од историјата на Штутгарт, подобро е електромобилноста да им се препушти на другите. Порше, патем, и електричниот погон го владее најдобро.
Иако само малкумина, вклучувајќи и повеќе од половината од денешните автомобилски новинари, одвај дека имаат некакви познавања околу начинот на којшто функционираат моторите со внатрешно согорување, малку е потребно за човек да биде понесен од фасцинацијата што се нарекува Порше. Звук, мирис, допир, глетка, чувство, сé е тоа Порше.
„Во конвојот од единаесет автомобили беа претставени најновите SUV и BEV модели, меѓу кои својата моќ и елеганција ја демонстрираа Cayenne S SUV, Cayenne S Coupé и Cayenne GTS Coupé – симбол на перформанси и практичност во премиум сегментот. Иднината на електричната мобилност беше претставена преку врвниот Taycan Turbo, кој ја отсликува визијата на Porsche за одржлива и динамична мобилност. Macan 4S, пак, покажа совршена рамнотежа меѓу секојдневна употребливост и спортски дух. Легендарниот 911 беше присутен преку 911 GTS и карактеристичниот 911 Targa 4 GTS, кои уште еднаш ја потврдија безвремената магија на најпознатата спортска икона“, така Порше Македонија го опишува составот на овој необичен циркус.
Три дена групно се возеше Порше низ Македонија. Бизнисмени, новинари, инфлуенсерки, се менуваа. Одредиштето беше Трница, со прославениот ресторан и сета околна култура на храна што тој ја создава, каде што мораше да се заокружи доживувањето – со вкус.
Главна ѕвезда беше Порше 911 Тарга ГТС, не како најсилен во дружината, туку со најновиот инженерски потфат на Цуфенхаузен. Во ГТС работи хибриден погон, што се води како Т-Хибрид и со тоа се укажува дека не е како останатите. Електромотор е вграден меѓу компресорот и турбината. Тој електромотор е поврзан директно со вратилото на компресорот.

Задача на електромоторот во турбо-компресорот е да обезбеди притисок на натполнење, односно да го заврти компресорот, во време кога бројот на вртежи уште е премал и струјата од издувните гасови уште не е доволно силна за да создаде доволна брзина на вртење на турбината, а со тоа и на компресорот. Во основа, електромоторот ја „премостува“ турбодупката. Моторот влече моќно уште од најниски вртежи. Тоа ѝ годи и на динамиката, и на уживањето, и на потрошувачката на гориво.
При 1.500 вртежи, се создава вртежен момент од 500 њутнметри, за одвај петстотини вртежи подоцна, да се произведе полниот вртежен момент од 620 њутнметри.
View this post on Instagram
Батеријата од којашто се напојува електромоторот работи под 400 волти и располага со 1,9 кВч. Тешка 27 килограми, таа е сместена под предната хауба.
Но, тоа е половина од приказната. Во менувачот со двојна спојка е вграден уште еден електромотор, со моќност од 40 кВ (55 КС) и 150 њутнметри вртежен момент. Само моторот постигнува 485 КС, а со помош на двата електромотори се доаѓа до 541 КС и 610 њутнметри. Крајната брзина е 312 км/ч, спринтот трае три секунди.
„Овој настан покажа дека Porsche е повеќе од автомобил – тоа е симбол на стил, иновација и начин на живот кој создава незаборавни моменти за сите што ќе го почувствуваат“, порача тимот за маркетинг на Порше Македонија.
Уште еден заклучок, по искуството со уште едно Роуд Шоу на Порше. Македонија треба да воведе субвенции за Порше, чисто од почит кон марката, не поради тоа што на купувачите им е важно државата да им го потпомогне купувањето автомобил од Цуфенхаузен. И, патиштата некако ни се создадени за возење Порше.
















