
- Порше лани плати 700 милиони евра за царините во САД
- Северна Америка е најголем пазар на Порше, со удел од 31 проценти.
- За производство во САД се неопходни масивни инвестиции и изградба на сложена верига од добавувачи.
- Ауди се откажа од намерата да гради фабрика во САД, поради притисоците од царините.
Порше лани плати 700 милиони евра царина за извозот на автомобили од Европа за САД и очекува трошоците да го достигнат истото ниво во 2026 година. Тоа врши притисок, за производителот да размислува за изградба на фабрика во САД, и покрај тоа што се неопходни големи инвестиции, изјави новиот извршен директор Мајкл Лајтерс.
„Производство во Соединетите Држави се чини примамливо, но тоа е голема инвестиција,“ кажа Лајтерс при соопштувањето на деловните резулати на компанијата на 11-ти март. „Размислуваме за тоа.“
Порше лани демантираше дека истражува можност да произведува во САД.
Товарот од царините ја погодува профитабилноста на Порше, на најголемиот пазар на марката, во време кога забавува продажбата во Кина.
Производството во САД ќе го стави Порше во рамноправна положба со сопернциите Мерцедес-Бенц и БМВ, коишто веќе со децении произведуваат СУВ во САД.
Големиот СУВ-модел Кајен се произведува во Братислава, Словачка, додека СУВ-моделот од средната класа Макан излегува од погоните во Лајпцих, Германија.
За таков чекор се неопходни милијарди евра, во услови кога маржата на добивката на Порше во 2025 година се смалила на 1,1 процент, наспроти 14,1 проценти во 2024 година.
„Тоа е многу посложено отколку што обично се мисли, затоа што не се работи само за фабриката и за локацијата. Се работи и за веригата од добавувачи,“ објасни Лајтерс.
Тој на 1-ви јануари го презеде шефовското место од Оливер Блуме, кој продолжи да раководи со целиот концерн Фолксваген, каде што припаѓа и Порше.
Во минатата година, Германците испорачаа 86.229 возила во Северна Америка, што претставува 31 проценти од вкупната испорака од 279.449 возила во светот. Една година пред тоа, Северна Америка имаше удел од 28 проценти во светската продажба, со испорачани 86.229 возила.
Само во САД, Порше лани испорачал 76.219 возила, исто колку во 2024 година.
САД добија на значење како пазар, во време кога Порше мора да се бори со локалните ривали во Кина, каде што продажбата лани опаднала за 26 проценти, на 41.938 возила.
Порше повеќепати ги зголемуваше цените за САД за да надомести за царините за возила што се увезуваат од ЕУ, коишто администрацијата на Трамп ги зголеми на 15 проценти, од 2,5 проценти.
И покрај зголемените цени, Порше пријави „солидна побарувачка“ за своите возила во земјата. „Во моментов имаме стабилна пазарна слика,“ изјави директорот за финансии Јохен Брекнер.
Ауди, уште една марка на концернот, ги откажа плановите за изградба на фабрика во САД, поради царините.
Блуме покажа загриженост при редовното годишно обраќање пред медиумите на 10-ти март. „Мора да најдеме начин за да компензираме за царините,“ кажа тој. „Не можеме да ги направиме двете работи – да плаќаме високи царини и потоа да инвестираме во фабрика.“
Ауди ги извезува своите носечки модели од фабриката во Мексико, вклучувајќи го СУВ-моделот од средна класа Ку 5 и плаќа царини за тоа.
Порше развива замена за верзијата на Макан со мотори со внатрешно согорување, што ќе ја користи платформата ППЦ на Ауди, истата платформа како Ку 5 и други модели.
Концернот Фолксваген плати вкупно 2,9 милијарди евра на сметка на царините во САД, за последните девет месеци од годината. Компанијата процени дека трошокот за царини на ниво на цела година би изнесувал околу 5 милијарди евра.
Фолксваген поседува фабрика во Чатануга, Тенеси, каде што се произведуваат големиот кросовер Атлас и електричниот СУВ-модел ИД.4. Смалената побарувачка за ИД.4 може да направи простор за моделите на Порше.
Концернот гради фабрика и во Јужна Каролина, за да произведува теренски возила од возобновената марка Скаут. Планот е првите возила да бидат испорачани во 2028 година.
Порше предвидува дека оперативната маржа на групацијата годинава ќе се движи меѓу 5,5 и 7,5 проценти. Оперативната маржа спадна на 1,1 процент во минатата година, наспроти 14,1 проценти во 2024 година, откако производителот ги отпиша вложувањата во нови електрични модели.















