Добрите реклами ја следат марката Ситроен уште од времето на основачот Андре. Тој направи Ајфеловата Кула првпат да се осветли во 1925 година, и нормално, по целата висина стоеше напишано неговото име. Тој дух останува и денес. Главното видео во новата рекламна кампања за целата марка е ретко погодена содржина во овие денови.
Водечката идеја на Ситроен во осмислувањето на новата рекламна кампања се водеше околу прашањето: „Што ако највозбудливиот момент при изборот на следниот автомобил не Ви бил денот кога сте го донеле дома, туку моментот кога сте седнале зад воланот“.
Ситроен, заедно со својата агенција БЕТЦ деновиве направи реклама што е на рамниште со прочуениот Ц Икс ГТи Турбо и слично прочуената Грејс Џоунс, или со „најлудата“ и соодветно скапа реклама од 1980-те, кога Виза ГТи се обиде да летне од воен носач на авиони и заврши врз трупот на подморница.
Овојпат нема спектакли, туку класична драма, на вечната тема. Французите не рекламираат конкретен модел, туку цела марка, и во основа покануваат народот да си направи пробно возење на тековните модели, од понудата во којашто најстариот модел нема ниту две години.
Необично за врвот на автомобилска марка, дури и извршниот директор Ксавиер Шардон има збор за рекламата: „Изборот на возило не е само рационална одлука, туку и лична одлука.“
Важен момент, како и секогаш, претставува звучната заднина, а таа доаѓа од Сурвајворите и нивната класика „Из Дис Лав“.
Рекламите со автомобили, на веројатно сé уште моќниот медиум телевизијата, престанаа одеднаш, кога тв-куќите ги избркаа автомобилските компании и пред деценија и пол застанаа во одбрана на божемниот, но масовен увоз на користени автомобили, што единствено придонесе за денес насекаде да се креваат ридови од непоправливи автомобили, а тоа обично значи неисплатливи за поправка. Со тоа протерување на авто-куќите, денес на ТВ има само евтини серии и класично здодевни и одвишни политичари.















