Моделското семејство на Порше Панамера се прошири со најсилната хибридна изведба и со осумцилиндарскиот модел со ознаката ГТС.
Верно на склопот од зафати што ги одликуваат ГТС-моделите, Панамера ГТС е создадена за посебно динамично возење, со нагласено спортско подвозје. Кај Турбо С Е-Хибрид повеќе одушевува луксузот од моќност и спојот на комфорно возење и врвни перформанси.
Порше Панамера ги смени гледиштата за луксузните лумузини. Таа на начин што е својствен за марката, соединува врвен возен комфор со возни својства на спортски автомобил на Порше. Две моделски изведби ја збогатуваат понудата во семејството на моделот. Двата модели се одликуваат со различен карактер. Панамера ГТС е спортска лимузина што вози како купе и става нагласок на емоциите.
Наспроти тоа, Панамера Турбо С Е-Хибрид оди на луксуз, како во поглед на неисцрпната моќност, така и во поглед на префинетоста во подвозјето и погонот. Таа е воедно и нова рекордерка на Нордшлајфе, на долгиот круг на Нирбургринг, како најбрз автомобил со мотор со внатрешно согорување и најбрза луксузна лимузина со хибриден погон.
Во двата модели работи усовршен 4,0 Ве-8 Битурбо, кој веќе се вградува во Турбо Е-Хибрид и уште сега ги исполнува барањата на нормата Еуро 7. Со преоѓањето од твин-скрол на моно-скрол турбополчачи се скусува загревањето на катализаторите. Ефикасноста на погонот е зголемена со температури на издувните гасови до 1.000 степени Целзиусови и со почистото согорување што произлегува од тоа, како и со подигнување на средниот притисок во коморите за согорување на 140 бари.
Осумстепениот менувач со двојна спојка е целосно нова конструкција. Површините што ја пренесуваат моќта се оптимирани и поместена е границата на термичкото оптоварување, за да се овозможи пренесување на исклучителниот вртежен момент на Панамера Турбо С Е-Хибрид.
Најсилната Панамера: Турбо С Е-Хибрид

Моделската ознака Турбо кај Порше по традиција ги означува најсилните модели, што воедно се наменети за секојневно возење. Со Турбо се означува и технолошкото водство на Порше. Затоа марката ги означува своите хибриди со Турбо.
Панамера Турбо С Е-Хибрид е досега најсилната моделска изведба. Моторот Ве-8 располага со 599 КС. Електромоторот е вграден во менувачот и постигнува 190 КС. Системската моќност е зголемена за 102 КС во споредба со претходникот и изнесува вкупно 782 КС. Вртежниот момент порасна за 150 на 1.000 њутнметри. Спринтот до темпо сто трае 2,9 секунди, највисоката брзина е 325 км/ч. Тоа е напредок за половина секунда и за 25 км/ч.
Досегот при возење на струја е зголемен, батеријата се полни побрзо и погонот реагира подиректно. Батеријата од 25,9 кВч има за 45 проценти повисок капацитет од претходно и овозможува досег до 88 километри во град. Со вградениот полнач од 11 кВ, батеријата се полни за два часа и 39 минути до 100 проценти.
Препознатлива појава на Турбо-моделите
Турбо-моделите се препознаваат по различната долна половина од задниот браник и по елементот напред што е лакиран во боја на каросеријата. Издувните цевки се хромирани и имаат нијанса на темна бронза. Стандард се керамички композитни сопирачки.

Ексклузивна за Турбо е сивата боја, турбонит, со посебно благороден изглед. Со оваа боја се изработени спојлерските елементи напред, лајсната во задниот браник и кованите тркала од 21 инчи со средишна завртка. Бојата во внатрешноста е присутна на украсните лајсни, на безбедносните ремени, на копчињата во средишната конзола и на воланот. Истото важи за штеповите на седиштата, во вратите, на таблата и патосниците. Целиот таван е обложен со рејс-текс, што личи како нештавена кожа.
Рекордот на Панамера Турбо С Е-Хибрид
Фабричкиот возач Ларс Керн ги извозе 20,832 километри на Нордшлајфе за 7 минути 24 секунди и 172 илјадинки. Тоа е новото време за најбрзата лимузина од виша класа со мотор со внатрешно согорување и хибриден погон. Во споредба со претходната рекордерка, времето е подобрено за 3,62 секунди.
Возачот е најактивен во изведбата Панамера ГТС
Кратенката ГТС означува Гран Туризмо Спорт и наменета е за моделите што нудат посебно возачко уживање, но пак се модели што може да се користат во секојдневието. ГТС се одликува со спортско подвозје, спортски пакет спојлери и внатрешност што е обработена во истиот стил. Моторот секако дека има клучно влијание во возачкото искуство во Панамера ГТС. Посебна одлика е тоа што моторот продолжува да влече рамномерно и по 6.000 вртежи.
Со 500 КС, моторот има за 20 КС повеќе отколку во претходничката. Тоа се претвора во спринт до темпо сто за 3,8 секунди и највисока брзина од 302 км/ч. Спортскиот издув внесува посебно звучно доживување во возењето.
Пневматската суспензија со две комори и два вентили е нагодена посебно спортски. Каросеријата е спуштена за 10 милиметри, стабилизаторите се покрути. Електронски регулираната блокада на диференцијал ПТВ Плус оптимално го распределува вртежниот момент меѓу тркалата. Задвижувањата на каросеријата во сите правци се намалени, но притоа не се жртвува комфорот.
Посебен дизајн и опрема за ГТС
ГТС-моделите имаат нагласено спортски изглед. Тие се препознаваат веднаш по црниот натпис ГТС отстрана и назад, по различниот преден дел, затемнетите матрични диодни светла напред и назад, како и по црвените сопирачки шепи.
Пакетот Спорт е стандарден, со каросериски додатоци во мат црна боја. Тоа важи за праговите, за додатоците напред, лајсните на прозорците и долната половина од задниот браник. Издувните цевки се изработени во темна бронзена боја. Контраст создаваат и тркалата од 21 инчи со централна завртка, лакирани во антрацит боја.
Внатре преовладува материјалот рејс-текс што е сличен на нештавена кожа. Со него се обложени таванот, потпирачите за раце и облогите на вратите, како и средината на спортските седишта што се местат во 18 насоки. По желба, внатрешноста може да биде изведена во кармин црвена или лискун сива боја. Стандард е озвучување Боус и спортски пакет Хроно со штоперка.
Лимузините се достапни за нарачка уште сега. Цената за Турбо С Е-Хибрид во Германија изнесува 229.400 евра, додека изведбата Екзекјутив почнува од 240.700 евра. Основната изведба на Панамера ГТС чини 165.300 евра. Испораките во Германија стартуваат наесен.
















