за

Премиера на Порше Макан: Отсега само на струја

Порше повеќепати го одложуваше стартот, но новиот Макан конечно е тука и има задача марката да ја одведе во ерата на електромобилноста.

Бината за премиерата на Порше Макан во Сингапур

За марката од Цуфенхаузен, електричниот Макан е најважниот нов модел, од воведувањето на првиот Кајен пред 20 години, наваму.

Тековната генерација на Макан е бестселер од светски ранг. СУВ-моделот од средна класа е десет години во понудата на Порше и по повеќе од 800.000 продадени примероци е важен модел во понудата на спортската марка.

Макан има години зад себе, но тоа не му се забележува. Ниту на втор поглед. Вистина е дека во внатрешноста недостигаат неколку детали, што одамна се познати од конкурентските модели. Причината е во тоа што подзастарената електронска архитектура не дозволуваше проекциски дисплеј или анимирани инструменти. Покрај тоа, во лето стапуваат на сила нови и построги закони за заштита од сајбер напади, и тоа беше и главната причина за Порше да подзабрза со моделската смена. Актуелниот Макан и без тоа си доби неколку години екстра живот, поради тоа што побарувачката за моделот не стивна.

Напролет почнуваат нарачките за новата генерација, од којашто сите имаат големи очекувања, и производителот, и купувачите. Порше Макан истрпе неколку мачни поглавја. Прво, пред неколку години, нагло престана продажбата на бараната моделска изведба со дизел мотор.

Сега Макан е целосно електричен автомобил. Друга изведба, освен со погон што 100% е на струја, нема да постои. Има продавачи и има купувачи на коишто тоа нема да им се допадне, но тоа е насоката во којашто се движи автомобилскиот свет и сега е веќе сосем извесно дека нема да има остапување.

Оливер Блуме, извршен директор Порше АГ; Марк Форнес, шеф на Порше Стајл; Михаел Мауер, главен дизајнер на Порше

По електкричното првенче Тајкан, што напролет ќе добие неколку свежи зафати, главно во техниката, Макан ќе ја има задачата да ги води Швабите во ерата на електромобилноста. Голем е притисокот, затоа што Макан мора да биде погоден и не смее да си дозволи грешки, ниту во дизајнот, ниту во техниката. Последиците од евентуална грешка, би биле кобни.

Новиот Порше Макан е развиван заедно со сродниот Ауди Ку6 е-трон, кај кого што доцнењето се доживува уште потешко. Испораката почнува во доцно лето. Новиот Макан со изгледот се раководи според претходничката, изгледа симпатично и со тоа не двои во тековната понуда од модели на Порше. Електричните и бензинските модели уште извесно време ќе мораат да се трпат едни со други во салоните на марката.

Фабричко видео од Порше Макан Турбо

Макан ја доживеа својата светска премиера во изведбите Макан 4 и Макан Турбо. Гамата понатаму ќе се дополнува со ГТС и слични изведби, но и со основна верзија со заден погон. „Го подигнавме Макан на сосем друго ниво – со исклучителни е-перформанси и со впечатлив дизајн“, кажа извршниот директор Оливер Блуме на светската премиера во Сингапур.

Во споредба со претходничката, Макан Електро со својата должина од 4,78 метри порасна незналително. Ширината од 1,94 метар е раскошна за оваа класа. Тркалата на основниот модел на целата гама на Порше ќе досегаат до пречник од 22 инчи. Тоа е добро за изгледот, но уште подобро е за возните својства. Моделот во заминување ги постави реперите високо во тој поглед.

Од меѓуоскиното растојание од 2,89 метри, што е за близу девет сантиметри подолго во споредба со актуелниот модел, може да се очекува повеќе простор во кабината. Багажникот исто така порасна за 136 литри, односно зафатнината сега изнесува 540 литри. Со соборена клупа, на располагање стојат дпо 1.348 литри. Под предниот поклопец – што се отвора на допир – има уште еден простор за одлагање, со зафатнина од 84 литри.

Пред возачот стои дисплеј од 12,6 инчи, а за ракување со комфорните и забавните функции е задолжен средишниот дисплеј од 10,9 инчи. Со доплата се вградува и трет дисплеј пред совозачот, со истиот пречник. Првпат во Макан ќе биде достапен и проекциски диспчеј со унапредена реалност.

Основната моделска изведба Порше Макан 4 во Германија стартува од 84.100 евра. За тоа се добива погон со 300 кВ, односно 408 КС, и максимален вртежен момент од 650 њутнметри. Спринтот до темпо сто трае 5,2 секунди, брзината е ограничена на темпо 220. Потрошувачката според фабрика изнесува 17,9 кВч/100 км.

Фабричко видео од Порше Макан 4

Врвниот модел Макан Турбо настапува со 470 кВ (639 КС) и гигантски 1.130 њутнметри, и соодветно чини 114.600 евра. Спринтот тука трае 3,3 секунди, забрзувањето престанува при 260 км/ч.

Со батерија од 100 кВч, досегот на Макан 4 изнесува до 613 километри. Техниката дозволува користење брз полнач со моќност до 270 кВ. Во тој случај, наполнетост од 80% се постигнува за околу 20 минути. Со дозволена тежина до 2.000 килограми, електричниот СУВ може да биде корисен и за влечење приколка.

Посебна одлика е отпорот на воздух од 0,25, што е исклучително ниска вредност за СУВ.

Сите изведби на Макан во почетокот од продажбата имаат погон на сите тркала. Покрај избор на програми за возење, може да се доплати и за варијабилна пневматска амортизација и за управувана задна оска, што кругот на вртење со скусува на 11,1 метри.

Електронски регулираните амортизери располагаат со нова, двовентилска техника, што дозволува поголем распон меѓу комфор и спортси возни својства. Единствено што треба уште да се случи е електричниот погон да им се допадне на клиентите, затоа што сонорниот шестцилиндарски звук на трилитарците останува во минатото.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Производители правеле типски хомологации каде им „одговара“ најмногу

Италијанската премиерка Мелони се жали дека Стелантис е премногу на страна на Франција