Од тековната генерација на Porsche Macan се произведуваат повеќе од 80.000 примероци на годишно ниво. Директорот за производство во Porsche очекува дека во блиска иднина, електричниот Мacan ќе се произведува со истиот обем.
Во изјава за медиумите, Албрехт Рајмолд, директор за производство во Porsche, предвидува дека идната електрична верзија на Macan ќе се произведува во повеќе од 80.000 примероци, исто колку што во моментов постигнува актуелниот модел со бензински мотори. Почетокот на производството на изведбата на Macan што ќе користи само електричен погон, планиран е за крајот на следната година. Производството ќе се одвива во фабриката во Лајпцих, каде што се произведува и тековниот модел.
Познавачите веќе подолго време укажуваат на можното доцнење на електричниот Macan и на сестринскиот модел Audi Q6 e-tron, поради тоа што концернот Volkswagen заостанува во развојот на новиот софтвер. Двата модели ја користат новата платформа за електрични модели од премиум сегментот, којашто се води како PPE (Premium Platform Electric).
Електричниот Macan ќе биде втор модел на струја на спортската марка, по Taycan, којшто во меѓувреме се нуди во повеќе каросериски и моделски изведби.
Во првото полугодие, Macan бил втор најпродаван модел на Porsche, со 38.039 испорачани примероци. Од него се продава подобро само уште поскапиот и посилен Cayenne, којшто во првите шест месеци постигнал 41.947 испораки на светскиот пазар. Во истиот период, електричниот Taycan се продал во 18.877 примероци, што е под планираната динамика. Toa се должи на нередовната испорака на компоненти од добавувачите, главно микрочипови.
Рајмолд најави дека електричниот Macan и неговата изведба со бензински мотори ќе се произведуваат заедно две години.
Porsche: При дефект се менува само ќелијата, не целата батерија
















