за

Првиот Порше 911 со хибриден погон има премиера во мај

Првпат електромотор ќе му помага на Порше 911 да постигне врвни перформанси. Помошта всушност е заради еко-нормите на ЕУ.

Утеха за традиционалистите на Порше е тоа што хибридниот 911 побрзо вози круг на Нордшлајфе.

Првиот Порше 911 со хибриден погон наскоро ќе појде кон продажните салони на германската спортска марка. Како што веќе долго се најавуваше, хибридот доаѓа заедно со моделското освежување на иконскиот модел на Порше.

По обемна програма за развој и тестирање, Порше пак најде начин, за моделот од којшто почна целата историја на марката, 911, да го направи побрз и подобар. Кон завршетокот на април, Цуфенхаузен ќе почне со нарачки за освеженото издание на постоечката генерација на 911, со фабричка ознака 992, што својата премиера ја имаше во 2018 година. Новината, односно најгласната новина кај фејслифтот е воведувањето хибриден погон во понудата.

Франк Мозер, шеф за моделските серии 911 и 718, што значи за моделите со мотор назад, кажува дека „првпат во 61-годишната историја на нашата икона вградуваме хибриден погон во уличен-нојнелфер. Овој нов вид на хибрид со високи перформанси, прави 911 да биде уште подинамичен.“

За Порше, 911 е „нојнелфер“

Тестирањето на хибридниот нојнелфер – така на германски се изговара ознаката на моделот – опфати измачување на техниката во исклучителни услови, и на жега и на мраз, по планински патишта и во град. Тимот на Мозер помина повеќе од пет милиони километри во тестирање, со сите прототипи што беа опфатени во развојот.

Порше 911 со хибриден погон ја вози 20-километарската Нордшлајфе за 8,7 секунди побрзо

Секој 911 мора да се тестира на Нордшлајфе, долгиот курс во Нирбургринг, тоа е устав за Порше. Тест-возачот и амбасадор на марката, Јерг Бергмајстер, постигна најдобро време на патеката од 7:16,934 минути. Порше вели дека тоа е „за 8,7 секунди побрзо од споредливата изведба од претходната генерација“. Се возело со сериски гуми, со дополнителен аеро-кит што, се состои од фиксен заден спојлер, заради поголем потисок назад.

Прашањето е кој е споредливиот модел од претходната генерација на 911? Следи големо изненадување кога ќе се соберат времињата што ги спомнува Порше во соопштението. Така се доаѓа до податок дека тоа време од 7:25:41 минути веројатно се однесува на Порше 911 Турбо С од генерацијата 911 – тоа што има разлика во времињата се должи на фактот што рекордите сега се сметаат според сменетата должина на патеката. Како основа за споредбата, Порше веројатно ја зема предвид моќноста. Во тој случај, може да се смета дека хибридниот Порше ќе вози со најмалку 560 КС.

Извесно е дека не станува збор за приклучен хибриден погон, туку за класичен хибриден погон, затоа што тешката батерија и техниката за полнење инаку би ја уништиле забавата во нојнелферот.

Многу нешта остануваат под знак на прашање, така што засега сé се сведува само на претпоставки. Хибридниот модел веројатно ќе биде единствена таква моделска изведба во гамата на 911, што значи дека останатите варијанти ќе продолжат по старо. Може да се очекува и воведување благ хибриден погон во останатата гама, што ќе ја смали емисијата пред Комисијата на ЕУ што ги мери ЦО2, а нема да влијае врз возните својства.

Исто така е неизвесна и ознаката што ќе ја носи хибридниот модел, покрај Карера, ГТС, Тарга, ГТ3 или Турбо и Турбо С

Тест-возачот Јерг Бергмајстер вели дека „новиот 911 стана значително побрз на тркачката патека. Имаме подобро држење, значително зголемена моќност, а спонтаниот одговор на перформансниот-хибрид е голема предност.“

Светската премиера на новото Порше 911 ќе се одржи на 28-ми мај во 15 часот. Јавноста ќе може да го следи настанот во живо, преку каналот на Порше на јутјуб.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ферари ја качи добивката со ист број продадени возила

Форд ги запре нарачките на батерии, губи 100.000 долари од секој електричен автомобил