за

Форд ги запре нарачките на батерии, губи 100.000 долари од секој електричен автомобил

Поради падот на цените на електричните автомобили, загубите на Форд во првото тромесечје се двојно поголеми од загубата што веќе беше направена лани.

Форд Ф-150 Лајтнинг, електричниот пикап полни батерија на излез од фабриката во Руж

Форд ги запре нарачките на батерии од добавувачите, за да спречи загубата од електричните автомобили да продолжи да расте. Информацијата доаѓа од луѓе што се запознаени со случувањата. Форд ги смали големите очекувања, во време кога пазарот на електрични автомобили во САД бележи нагло опаѓање.

Производителот од САД ќе продолжи да соработува со своите добавувачи на батерии, меѓу коишто спаѓаат јужнокорејските СК Он и Ел Џи Енерџи Солушн, како и кинескиот Контемпорари Амперекс Технолоџи (КАТЛ), кажуваат луѓето што побараа нивното име да не се објавува поради тоа што се откриваат интерни одлуки.

Форд во ноември соопшти дека фабриката за батерии за ЕВ што ја планира во Маршал, ќе биде значително помала од првичните предвидувања. Тоа во голем дел се должи на фактот што побарувачката за ЕВ повеќе не расте како што очекуваше компанијата и индустријата општо. Помалите добавувачи, како производителот на батерии Аур Некст Енерџи, веќе го чувствуваат притисокот од забавениот напредок на браншата во насока на електричните автомобили.

Овој потег е дел од прекројувањето на стратегијата за ЕВ на Форд. Во тоа спаѓаат уште скусување на трошоците за батериските електрични модели за 12 милијарди долари, одложување на стартот на новите ЕВ-модели, кратење на цените, како и одложување и смалување на планираните фабрики за батерии.

Форд за годинава предвиде дека загубата ќе достигне 5,5 милијарди долари. Извршниот директор Џим Фарли неодамна изјави дека неговото одделение за ЕВ, наречено Модел е, „во моментов претставува најголем товар за целата компанија.“

Претставник од Форд кажа дека компанијата обично не коментира за своите односи или состојби со добавувачите. КАТЛ соопшти дека „соработката со Форд напредува вообичаено“ без да наведе подробности. СК Он и Ел Џи кажаа дека нивните договори со Форд продолжуваат да важат, но оставија неизвесност околу тоа дали има промени во нарачките.

Поради падот на цените на ЕВ и забавувањето на побарувачката, загубите на Форд од секој продаден ЕВ надминаа 100.000 долари во првото тромесечје. Тоа е повеќе од двојно во споредба со загубата што веќе беше направена лани, коментираат познавачи.

Блумберг Интелиџенс цени дека загубите што Форд ќе ги претрпи годдинава во својот огранок за електрични возила, ќе се приближат или дури и ќе ја надминат добивката што компанијата ќе ја оствари од својот огранок Форд Блу, којшто произведува традиционални возила со мотори со внатрешно согорување. Меѓу нив спаѓаат Бронко и хибридниот Маверик.

„Тоа го поставува прашањето, дали се исплатува масивно да се вложува во ЕВ,“ напишаа во извештајот Стив Мен и Питер Лау, истражувачи на БИ.

Смалувањето на нарачките е знак дека браншата трпи големи главоболки. Производителите во САД се соочуваат со забавување на побарувачката за ЕВ, наспроти очекувањата. Во меѓувреме, производители на батерии во Јужна Кореја, Кина и други земји, се соочуваат со натрупување на непродадените батерии.

Тоа понатаму предизвикува да паѓаат и цените на клучните суровини, како што се литиум, кобалт и никел, со коишто годинава и без тоа се тргуваше по најниски цени во последниве години. Во врзаниот ланец, тоа понатаму ги обесхрабрува компаниите да вложуваат во нови проекти, а во некои случаи, доведе и до затворање на рудници.

Менаџерите на Форд кажуваат дека ги скусиле трошоците за производство на ЕВ за илјадници долари, во напорите да направат овие автомобили да носат заработка. Во исто време, тие ги скусија продажните цени на своите модели, за да останат конкурентни во однос на лидерот Тесла, којшто настапи со агресивни попусти за своите електрични автомобили.

„Гледавме како драстично се спуштаат цените и не бевме во состојба да држиме чекор со смалувањето на нашите трошоци,“ кажа Џон Лолер, директор за финансии во Форд.

Форд во меѓувреме напредува со развојот на малечки електрични модели, што ќе стартуваат од околу 25.000 долари и ќе почнат да се продаваат кон завршетокот на 2026 година. Тоа се модели што се базираат врз техниката на Фолксваген.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Првиот Порше 911 со хибриден погон има премиера во мај

Рејнџ Ровер организира тренинг за луксуз, три дена отмено јадење и спиење