за

За почеток на годината: Почетните модели на сите марки на македонскиот пазар

Од Dacia до Volvo, направивме кус преглед на моделите со коишто почнуваат понудите на автомобилските марки на македонскиот пазар.

Почетните модели на сите марки на македонскиот пазар

Сé е во знак на почетоците. Почнува 2021 година, почнуваат нови надежи и очекувања, почнува да се работи на нови планови, сите сакаат убав почеток. Првата тема годинава им ја посветуваме на најосновните модели што стојат на почетокот во ценовниците на автомобилските марки во Македонија.

Кој е моментно најдостапниот модел на автомобилскиот пазар во Македонија? Колку чини најосновниот модел од премиум марка? Што друго може да се избере за одредена сума? Одговорите на сите овие прашања следат во првата објава на Аутомедиа во 2021 година. Ги погледнавме ценовниците што увозниците на автомобили ги имаат објавено на своите матични вебсајтови и кај секоја марка го баравме најдостапниот модел.

Оваа навидум едноставна тема, отвора многу подтеми и воедно ја прикажува пазарната понуда од свежо и различно гледиште. Секако дека следат многу изненадувања, почнувајќи уште од првото и основно прашање, кој го нуди најевтиниот автомобил на македонскиот пазар. Цените и обемот на опрема ги пренесуваме од содржините на официјалните вебсајтови на увозниците, што значи дека во одредени случаи е можно некои понуди да се застарени или едноставно е можно вебсајтовите да не се ажурирани.

Значи, најдостапниот автомобил во моментов на македонскиот пазар е:

Toyota Aygo 1.0 X, со цена од 8.990 евра

Toyota Aygo уште од првата генерација што се произведуваше меѓу 2005 и 2013 година, повеќе ужива имиџ на автомобил што не се расипува, отколку имиџ на малечок автомобил. Моторот конструиран од Daihatsu е легенда, влече шампионски и троши малку. Станува збор за акциска цена од 8.990 евра, додека редовната е 10.790 евра. Клима уред, радио и „комфорна електрика“ се стандард.

Dacia Sandero 1.0 SCe 75 FAP Essential, со цена од 9.350 евра

Романскиот градски модел е директно пред генерациска смена, цената се однесува на моделот од претходната генерација. Кусата верзија на историскиот Logan првпат ја возевме во 2012 година на светската промоција на моделот во Хрватска, на Хвар. Напредокот во однос на првиот Logan и Sandero се џиновски, а во 2017 година имаше и моделско освежување. Опременоста на моделот што го нуди Аутомотив Груп е повеќе од солидна. Тоа што му дава посебен „шмек“ на моделот, сепак е просторноста на кабината.

Mitsubishi Space Star 1.2 Intro, со цена од 9.180 евра

Читателите на Аутомедиа најмалку ќе бидат изненадени од тоа што Mitsubishi е веднаш на третото место на „најдостапните марки“ на пазарот. Space Star трипати беше на тест и секој пат одушевуваше. Сите предности доаѓаат од генијалната лесна конструкција, што го држи возилото под 900 килограми. Малечкиот Mitsu е брз, лесен, релаксиран, но и изненадувачки просторен. Штедливоста, таа е епска. Автомобил за обожуватели на малите и генијални концепти. И тука станува збор за акциска цена, редовната е 9.990 евра. Уште еден плус е преоѓањето на 1,2-литарски мотор.

Hyundai i10 Comfort, со цена од 11.300 евра

Тој е најновиот модел во оваа дружина на „почетници“. Автомобилот е нов, но не и моделот. Претходникот се продаваше одлично, особено во времето пред да почне масивниот увоз на стари луксузни автомобили. Hyundai i10 не е констуиран да биде спартански и не бара откажувања, туку е создаден со цел за максимално да се искористат сите предности на градските автомобили. Дизајнот е свеж, каросеријата е поширока и пониска од порено, интересен стилски детал е задниот столб. Безбедносната опрема е топ, клима уред е стандард, има и екстра ставки, како темпомат или магленки.

Renault Twingo Life SCe 65, со цена од 11.690 евра

Несомнено најоригиналниот автомобил во градската класа, со мотор назад и заден погон, со неверојатно мал круг на вртење, со жив и радосен карактер. Близнак со Smart Forfour, на францускиот пазар во меѓувреме достапен и во електрична изведба. Голема вредност носи наследството на името Twingo.

Kia Rio 1.2 Base, со цена од 11.950 евра

Кој очекуваше уште голем број марки да се појават пред Kia во овој преглед, сигурно ќе се изненади пријатно од „раното“ место на Rio. Автомобилот во класата на Polo и Yaris неодамна беше комплетно освежен, повеќе во техниката, отколку во изгледот. Има новини и во моделската политика на Kia на нашиот пазар. Увозникот досега ја базираше својата понуда на две нивоа на опрема, кои вештите менаџери на Киа Моторс ги скроија оптимално според тоа што го бара и го цени пазарот. Новината е во воведувањето на основен модел, Base, кој чини 11.950 евра, односно 1.600 евра под нивото EX, што беше појдовно ниво пред моделското освежување. Тоа што станува збор за Base модел не менува ништо, затоа што единствено „недостигаат“ ставки од рангот на паркинг сензори, камера за рикверц или автоматско долго светло. И уште еден доказ дека увозниците (барем тие за чијашто работа известуваме) се грижат за своите клиенти и за своите марки: Киа Моторс има фантастична акциска понуда за Rio. Со второто ниво на опрема, значи не Base, туку EX, или по ново уште Reference 1, градската Kia чини 12.550 евра, односно илјада евра „минус“ редовната цена.

Skoda Fabia 1.0 Ambition, со цена од 12.030 евра

Skoda или марката што на македонскиот пазар има имиџ колку на „ролс-ројс“. Fabia е омилен модел на компаниите што располагаат со голем возен парк и тоа во светот кажува многу. Тоа значи, дека некој топ-менаџмент на трошоци пресметал дека компанијата ќе има најмалку трошоци со вклучувањето на Fabia во својот возен парк. И најмал ризик од дефекти, исто така. Секако дека и приватните корисници имаат корист од овие факти. Skoda Fabia е примена во секој поглед, а остава одличен впечаток и со опременоста. Шармот е во деталите: Грејачи во ретровизорите, не само електрика, туку и автоматика за предните прозорци, магленки. За 740 евра екстра, се добива Combi.

Suzuki Swift 1,2 Hybrid GL, со цена од 12.980 евра

За јапонската марка што продава јапонски автомобили пишувавме во последните објави лани. Suzuki е феномен на македонскиот пазар. Со удел од полни четири проценти, марката со големото S учествува на целиот македонски пазар најмалку петпати повеќе отколку во Европа. Лани, Suzuki продаде 180 модели со благ хибриден погон и суперопременост. Значи, Миркат не продава со цена, туку продава со противвредност. Причината зошто јапонската марка толку добро поминува на нашиот пазар е токму во тоа што возачките и возачите одлично ја познаваат марката. Половина е шега, а половина е вистина дека Suzuki не „профитира“ од сервисирањето на автомобилите (како некои франко, итало и слични марки). Во сервис единствено се менуваат масло и филтри. Затоа и македонските возачи веруваат во марката. Тие ги ценат и безбедносната опрема, штедливоста, генерално опременоста, дизајнот, „четирите цилиндри“, цената по којашто сето тоа се нуди. Плус, сите модели на Suzuki веќе цела година се испорачуваат исклучиво со благ хибриден погон. Кусо за Swift: Универзален модел. Направивме мала отстапка, затоа што најдостапниот модел на Suzuki всушност е Ignis, со цена од 12.960 евра. Тој е како Swift и Vitara во едно, во уште погуст концентрат.

Ford Fiesta 1.1i Business, со цена од 14.000 евра

Ford Focus и Fiesta наскоро со благиот хибриден погон од Puma

За Fiesta, сé што ќе кажеме е повторување. Таа едноставно е репер, другите модели се споредуваат со неа, тие се згодни или добри „како фиеста“. Кој е загрижен дека би го возел „само“ основниот модел на Ford, нема причина за тоа. Fiesta се произведува и како ST, еден од најспортските и најспособни модели во класата. И, еден од најпродаваните. Квалитетот е подигнат значително, материјалите се добри, има многу опрема.

Great Wall Haval H2, со цена од 17.950 евра

Зарем денес смее да отсуствува марка од Кина од набројувањето на пазарните понуди? Кај нас таа асоцијација веднаш води кон Толту Моторс, веќе традиционален увозник на марките на кинескиот концерн Great Wall. Летоска имавме пријатно изненадување со компактниот СУВ-модел Haval H6 на тест. Марката Haval – специјализирана за СУВ и една од четирите марки на концернот, заедно со Wey, GWM Pickup и Ora – има уште еден модел во понудата. Haval H2 е основниот СУВ на кинеската марка, долг 4,34 метри и со 1,5-литарски бензинец со 143 КС. Опременоста е вообичаено широкограда, постои и опција за изведба со погон на сите тркала.

Mini One, со цена од 19.000 евра

Одговор на прашањето, кој е најдостапниот модел од премиум марка. Според традицијата што стои зад името Mini, тоа е воедно и еден од најмоќните „брендови“ во оваа дружина. Во својата електрична изведба, Mini неодамна ја направи и првата комплетно електрична тура низ Македонија, секако во реализација на Аутомедиа. Mini со бензинец од 1,5-литар од серијата 1 на BMW не е помалку забавен за возење од електричниот модел, тоа сепак му е во гените. Интересна е акциската понуда на М Кар. По четири годишни рати, секоја во висина од по 5.050 евра, Mini One со екстра опрема овозможува заштеда од 7.330 евра.

Volkswagen Caddy 5 2.0 TDI 75, со цена од 21.226 евра

А, каде е Volkswagen? Не е Golf и не е Polo или T-Cross, туку е патничката изведба на Caddy. Изборот падна на овој модел, токму поради тоа што Caddy постојано останува во сенка на „класичарите“ во понудата од Волфсбург. Овој мултиталент во меѓувреме влезе во својата петта генерација и поблиску е до патнички автомобил од кога било досега. Во годината што несомнено ќе му припадне на Golf на македонскиот автомобилски пазар, на момент да му придадеме слава на Caddy.

Honda Civic 1.0 Comfort, со цена од 23.990 евра

Кај Honda има интересна ситуација. Моделот со којшто почнува понудата на јапонската марка, не е и најдостапниот модел. Civic со 1.0-литарец со 129 КС е илјада евра подостапен од фактички основниот модел на Honda, Jazz. Хибридниот погон и исклулчително високото ниво на опременост ја предизвикаа оваа замена на улогите. Што се однесува до Civic, тоа е моделско име што се поврзува со богата историја на македонската сцена, меѓутоа Honda во последните години отстапи од високата позиција што долго ја уживаше во продажбата, во голем дел и поради тоа што Јапонците пропуштија масовно ширење на понудата на европскиот пазар. Тоа не ги менува квалитетите што се поврзуваат со марката. Honda и натаму е „поим“. По иста цена како Civic се нуди и компактниот СУВ-модел HR-V со 1,5-литарски бензинец.

BMW 116i, со цена од 25.050 евра

Премиум марките што се поврзуваат со шестцифрени цени и спектакуларни перформанси секако дека исто така имаат почеток на својата понуда. Кај марката од Минхен, тоа е BMW 116i, со 1,5-литарски турбо-бензинец со 109 КС. Посебна е привлечноста на основен модел од премиум марка. BMW низ целата историја постојано ја проширувал својата понуда со по уште една нова основна варијанта. Тоа го бара пазарот, кругот на обожуватели на марката се шири постојано. Така било уште од времето на 1502 и 315, подоцна и со Compact од серијата 3, а денес со серијата 1. Кусо, BMW е BMW.

Mercedes-Benz A160, со цена од 26.500 евра

Каде што има BMW, има и Mercedes. Обратното е поточно, но таа е врската. Тоа е исто како што црно не може без бело, и ден без ноќ. Mercedes A-Class постигна фантастичен успех и во голема мера придонесе за марката со сребрената ѕвезда денес да се наоѓа во европскиот Топ 5 – според продукцијата. Компактот од Штутгарт е стилски беспрекорен, забавен и динамичен за возење, а воедно и опремен со најнапредни комуникациски технологии. Дали основен модел на Mercedes уште е Mercedes? Добар одговор за тоа ни дава податокот за моќноста на 200D од легендарната W123. Изведбата со дизел со 55 КС и 113 Nm се продаде во 378.138 примероци меѓу 1976 и 1985 година. Повеќе од тоа постигна единствено 240D, со 449.780 примероци во истиот период.

Volvo XC40 T3 Experience, со цена од 34.990 евра

Шведската марка со новиот менаџмент за македонскиот пазар веќе ги надминува очекуваните бројки од продажбата. Трендот што Volvo го започна пред повеќе од половина деценија, со откажувањето од дизелите и големите бензинци, и со воведувањето електромотори во погонската спрега, денес е општ тренд во браншата. Секако дека XC40 & Co. се пробиваат побрзо од марките што допрва почнуваат да го надградуваат имиџот во насока на електрификацијата и дигитализацијата. Компактниот СУВ со 1,5-литарски турбо бензинец со 163 КС и со 8-степен автоматски менувач од добриот стар тип со претворач на вртежен момент, достапен е по акциска цена од 34.990 евра. Интересни понуди може да се најдат и во „онлајн-салонот“, каде што постојано се наведуват моделите кои моментно се на лагер.

Како заокружување на овој преглед на „најевтините“ модели на македонскиот пазар, следат понудите на перформанс-марките, Mercedes-AMG и BMW M. Штутгарт и Минхен, поточно Афалтербах и Гархинг, нагласуваат дека нивните марки се водат посебно од Мercedes-Benz и BMW. Во тој случај, A 35 AMG 4Matic+ со неговите 306 КС чини 51.990 евра, додека BMW M3 со 480 КС е достапен за 99.200 евра.

Неколку омилени марки во редакцијата сепак недостигаат во овие празнични денови, кога канцелариите се празни и за цените може да се консултираат единствено содржините на вебсајтовите. За Audi A1 Sportback уште не е објавен ценовникот, Lexus нема онлајн-присуство, Porsche има содржини што конкретно се однесуваат на македонскиот пазар, но не и цени. Ценовник за Seat Ibiza не е достапен, додека податоците за Nissan Micra не се ажурирани подолго време.

СРЕЌНА НОВА ГОДИНА!

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mini Cooper SE ја вози првата електрична тура низ Македонија (Дел 2) носечка

Mini Cooper SE ја вози првата електрична тура низ Македонија (Дел 2)

На оваа станица на Tesla полнат 72 електрични автомобили

На оваа станица на Tesla полнат 72 електрични автомобили