
Марката со лавот ја подготвува сцената за нова генерација на 208, на којашто в година ѝ претстои една од најважните моделски премиери на европската сцена. Во концептот Пежо Полигон се забележуваат неколку можни детали од идниот сериски модел, посебно во графиката во задните столбови и во новата форма на светлата.
На Пежо му претстои важна моделска премиера в година, нова генерација на Пежо 208. Тоа ќе биде прв модел од класичната градска класа во целиот концерн Стелантис, што ќе премине во следната генерација.
Пежо, заедно со Опел и со неговата британска сестра Воксхол, како и Ланчиа, се единствените класични кобилимузини од градската класа што во моментов се нудат во концернот со неговите шампионски 14 марки. Тоа се 208, Корса и Ипсилон.
Цитроен, Џип, Алфа Ромео, Фиат, сите се префрлија на СУВ од Б-сегментот, во замена за класична градска комбилимизина, со своите Ц3, Авенџер, Јуниор и Гранде Панда. Долго пред нив, тоа го изведе и ДС со својата тројка. Затоа е важно, како следната 208-ка ќе повлече нога и во која насока ќе ги води моделите од овој сегмент. Со историското влијание што го имаат „двојките“ на Пежо, идниот модел од оваа серија ќе биде репер и за конкуренцијата.
Засега се знае малку за техниката на новата 208, единствено е познато дека таа прва ќе ја користи платформата СТЛА Смол, а веднаш по неа ќе следи и нова Корса. Исто е извесно и дека ќе се нуди електрична изведба, покрај класичните погони, и секако, неколку варијанти на благи хибриди.
Французите подготвија и необично прво појавување на концептот Полигон, кого што јавноста ќе може да го погледне подетално во посебно креиран остров во „пукачката“ видео игра Фортнајт. Таа видео средба е закажана за 10:11 минути на 10-тиот ден во 11-от месец. Следниот чекор е на 12-ти ноември во 13 часот, кога Пежо Полигон ќе се појави во видео на каналот на марката на јутјуб.
Видеото од тестот на Пежо 208 во основната изведба
Неизвесно е дали 208-ката прва ќе добие сериска верзија на концептот на кокпит Хајперсквер, каде што е главен воланот – патем поврзан со управувачкиот механизам преку кабел – со тркалезни отвори во него, преку коишто на иновативен начин ќе се ракува со функциите во кокпитот. Пежо веќе се има зафатено да иновира, со долгата традиција на и-Кокпит, така што е сосем извесно дека Хајперскверот полека ќе се пушта во сериските модели.















