за

Пежо освои награда за панорамскиот ај-Кокпит од Компјутер Билд

Во денешниот свет, во автомобилите се ценат и нештата што се однесуваат на онлајн-можностите и на логиката на ракувањето. На Пежо тоа му успева.

Германски Компјутер Билд, дел од мегаконцернот Аксел Шпрингер, заедно со Ауто Билд, на инженерите на Пежо им ја призна работата врз новата генерација на ај-Кокпит што светот ја виде првпат во новиот 3008.

Новиот Панорамски ај-Кокпит на Пежо им остави добри впечатоци на читателите на Ауто Билд и Компјутер Билд и освои награда за Конектиран Автомобил во категоријата на „Забава“. Французите првпат го вградија следниот еволутивен чекор на својот десетмилионски ај-Кокпит во новиот Пежо 3008, односно во неговата електрична изведба Е-3008, што ќе добие повеќе нагласок при скорешниот пазарен старт.

Намерата на инженерите беше со кокпитот во новиот Е-3008 да понудат средина што е лесна, безбедна и прегледна за користење. Основата е панорамски покрив со пречник од 21 палци (53,3 сантиметри) што е заоблен и покрива повеќе од половина од ширината на арматурната табла.

Дополнителен ефект е тоа што дисплејот создава впечаток како да лебди над таблата, а и тоа е нагласено дополнително со заднинското осветлување. Воланот исто така е нов, а има нови детали и за ај-Тоглс во средишната конзола, коишто се мали одделни сензорски полиња, што може да се програмираат по желба, за брзо вклучување на најчестите функции.

Држачите на дисплејот не се гледаат од местото на возачот и на патниците. Дури отсуствува и вообичаената рамка и сето тоа придонесува да се стекне природно чувство. Преку десната половина од дисплејот се пристапува до менито за греење/ладење, навигација, радио и поврзување онлајн и со преносни уреди.

Жером Мишерон, директор за целата моделска гама, потсетува дека „во декада на успеси и усовршување, со повеќе од 10 милиони задоволни корисници, Пежо ај-Кокпит досега нема претрпено волкава метаморфоза, тој навистина е донесен до следното скалило, за да се ужува во лесно возење и целосна безбедност и во просторен дизајн за пријатно чувство во возилото.“

Што е наградата Конектед Кар Аворд

Ауто Билд и Компјутер Билд по десетти пат го одржуваат изборот за Конектед Кар Аворд. Награди се доделуваат за најдобрите идеи од технолошките компании, добавувачите и производителите на автомобили, според гласовите на читателите на порталот аутобилд.де и на магазинот Компјутер Билд, во периодот од 21-ви септември до 22-ри октомври 2023. Наградата е замислена како поддршка на дигиталната трансформација на автомобилската индустрија. Изборот се одвива во 7 категории, вклучувајќи безбедност, забава, нова мобилност и награда за пионерство.

Видеото од тестот на Пежо 408

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Во европското седиште на Грејт Вол: Менаџерите со високи плати, но понижени

Хјундаи ги продаде двете руски фабрики за 100 евра