Хјундаи ги продаде двете руски фабрики за 100 евра

Не милиони, туку одвај нешто повеќе од сто евра. Толку новиот сопственик плати за фабриките на Хјундаи во Ст. Петерсбург.

Хјундаи е во загуба од близу 200 милиони евра од продажбата на своите две фабрики во рускиот град Санкт Петерсбург. Новиот сопственик воедно ја поседува и поранешната фабрика на Фолксваген во земјата.

Хјундаи го потпиша договорот за продажба на своите две фабрики во Русија. Јужнокорејската компанија со тоа е последниот производител на автомобили од светски ранг што ја напушти Русија, откако започна конфликтот со Украина.

Рускиот купувач, Арт-Фајненс, објави дека е завршена постапката на купување на фабриките на Хјундаи во Ст. Петерсбург и добиено е одобрение од руската влада и од агенцијата за спречување монопол.

Повеќето европски, јапонски и јужнокорејски производители го прекинаа производството и го напуштија рускиот пазар, откако Москва во февруари 2022 испрати војска во Украина. Продажбите најчесто се вршеа по номинална вредност, поради тоа што Русија примени заштитни механизми за да се спречи парите да се изнесат од земјата.

Хјундаи во декември објави дека планира да ги продаде руските капацитети по цена од 10.000 рубљи, или околу 103 евра, преземајќи загуба од 287 милијарди вони, односно близу 200 милиони евра. Производството во главната фабрика беше прекинато во март 2022 година.

Арт-Фајненс објави дека капацитетите на Хјундаи станале дел од АГР Груп. Понатаму се наведува дека капацитетите опфаќаат „две фабрики за производство на компанијата лоцирани во Ст. Петерсбург: фабрика во индустриската зона Каменка и фабрика во индустриската зона Шушари.

Втората фабрика му припаѓаше на Џенерал Моторс пред Хјундаи да ја купи во 2020 година. Двете фабрики заедно располагаат со капацитет за 300.000 возила годишно.

Сопственик на Арт-Фајненс е Андреј Павлович, кој во мај 2023 ја купи и фабриката на концернот Фолксваген во Русија. Фабриката е преименувана во АГР Аутомотив. Арт-Фајненс наведе дека и фабриката на Хјундаи ќе биде преименувана, откако ќе завршат правните процедури.

Хјундаи во декември објави дека ќе продолжи со сервисирање на возилата во Русија.

Кинеските прозиводители го зафатија делот од пазарот што претходно им припаѓаше на западните марки. Откако почна да зајакнува домашното производство, се верува дека ќе почне да опаѓа високиот удел од 56 проценти на кинеските марки.

Претходна објаваПежо освои награда за панорамскиот ај-Кокпит од Компјутер Билд
Следна објаваФиат Тополино со мотиви од Мики Маус пречекува гости во трговски центар во Торино

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here