за

Во европското седиште на Грејт Вол: Менаџерите со високи плати, но понижени

Производителот на Хавал е критикуван во германските медиуми за односот кон менаџерите што се регрутирани да работат во европската централа на Кинезите.

Во европската централа на кинескиот концерн Грејт Вол, кај нас познат по марката Хавал, владее лоша работна средина. Менаџерите што со високи плати беа привлечени да работат за Кинезите, се жалат за лошиот однос на кинеските газди.

На искусни менаџери од европските марки им беа понудени високи плати и им се ветуваше работна атмосфера како во старт-ап, како во компанија што почнува сé од ново. Кинескиот концерн Грејт Вол Мотор, познат по марките Хавал и Веј, за својата европска централа во Минхен водеше агресивна кампања за да привлече најспособни менаџери од европските компании.

Нивната задача е да ги пробијат марките Хавал, Веј и Ора на европскиот пазар. Тоа не е едноставна задача. Уште е потешко да се работи на исполнување на задачата, затоа што менаџерите мора да се соочуваат со „токсична работна средина“.

Според високотиражниот неделник „Франкфуртер Алгемајнен Зонтагсцајтунг“ (ФАС), повеќе директори на Грејт Вол Мотор во Минхен се жалат за невообичаено груб тон во компанијата, за отсуство на респект и за постојано добивање директиви од Кина.

„Кинезите привлекуваат со многу пари“, ФАС цитира анонимен менаџер. Платите се за 30 до 50 проценти повисоки отколку кај германските работодавци. И покрај тоа, многумина веќе жалат што преминале во новата фирма: „Во оваа компанија повеќе не може да се работи.“

„Културни разлики“

Петмина актуелни и поранешни директори, како и деловни парнери, го кажуваат истото за протоколот. Во објавата на ФАС стои дека и во моќниот работнички синдикат ИГ Метал во Минхен веќе се запознаени со лошата работна клима во европската централа за Хавал, Веј и Ора, каде што се вработени повеќе од 100 лица. „Мојата компетентност вооошто не се бараше“, изјави поранешен вработен за ФАС. Истиот впечаток го сподели и лице што останало да работи во централата: „Кинезите пак си работат сé по свое.“

Објавата на германскиот ФАС

https://www.faz.net/aktuell/wirtschaft/gwm-aus-china-deutsche-beklagen-toxische-arbeitsatmosphaere-beim-autokonzern-19459713.html

Германскиот неделник го соочи директорот Штефен Кост со поплаките. Тој од јуни 2023 година е одговорен за оперативното делување на Грејт Вол Мотор во Европа, а како комерцијален директор одговара пред регионалниот претседател Шангџун Менг. Според Кост, работната средина била „интензивна“, затоа што производителот одвај е познат во Европа, а тој наведе и дека „не може секој да се снајде“ со тешките услови на работа.

Во кинеската компанија било вообичаено и да се поднесуваат „потемелни рапорти“, објаснува Кост и вели дека станувало збор за „културни разлики.“ Од друга страна, лице што порано има работено во Кина, вели дека овие разлики навистина постојат, „меѓутоа Грејт Вол дефинитивно е исклучок.“

Војничка дисциплина во фабриките

За начинот на којшто шефот на управниот одбор и голем акционер Веи Џианџун , раководи со компанијата, дури и во Кина се цени дека е екстремен. Според објавите на медиумите, во кинеските фабрики на Грејт Вол владее војнична дисциплина. Бил Русо, експерт и поранешен менаџер на Дајмлер Крајслер, со долгогодишно искуство во Кина, самиот забележал како вработените маршираат наредени во колона покрај монтажната лента, по попладневната пауза и по завршетокот на работното време.

Фајненшел Тајмс уште во 2017 година објави дека приправниците мора прво да минат двонеделен „дрил“ со офицерите од кинеската народнаоослободителна армија, пред да почнат да работат во фабриката. Подоцна Блумберг коригираше дека приправниците мораат цел месец да го издржат изживувањето на старешините.

Веј во 2000-те години изјави за „Саут Чајна Морнинг Пост“ дека од неговите вработени се бара многу и затоа компанијата ги подложува на „интензивен тренинг.“

Во минатата есен биле отпуштени голем број директори, за што синдикатот ИГ Метал цени дека се „без разумно образложение“. Еден од вработените бил изнесен од централата од двајца обезбедувачи. Според Кост, не биле планирани следни отпуштања. Но, има и некој над него што решава за тоа.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Во Женева сто години се одржува автосалонот, годинава само малку изложувачи

Пежо освои награда за панорамскиот ај-Кокпит од Компјутер Билд