за

Линда Џексон, Peugeot: „Животната средина ни е поважна од пазарниот удел“

Шефицата на Peugeot, Линда Џексон, заедно со своите повереници за развој, маркетинг и дизајн, во рамките на Денот на е-лавот, ги претстави насоките во коишто марката се движи кон иднината.

Коњските сили и нормите за издувни гасови се застарена тема, новиот „квалитет“ на автомобилите е колку нивното производство и користење ја поштедува животната средина. Автомобилската бранша се менува, затоа што и светот се менува, и многу нешта се раководат за да се сочува Земјата каква што ја сакаме. Peugeot го одржа E-Lion Day, историски ден во којшто врвниот менаџмент на марката покажа дека големите промени допрва следат.

Денот на е-лавот, организиран како онлајн-настан, којшто директно го следеа повеќе од илјада новинари од цел свет, потсети на една култна тв-емисија што почна да се емитува уште рано во 1980-те години, најавувајќи како напредната технологија ќе ни го смени секојдневието. Именувана Beyond 2000, оваа научно-популарна серија во австралиска продукција, тогаш многу прецизно и уверливо одговараше на прашањата, како ќе живее светот во новиот милениум.

Peugeot во минатата седмица го одржа историскиот E-Lion Day, изрежиран во духот на Beyond 2000, со таа разлика што технологиите и размислувањата прикажани на овој онлајн-настан не беа туѓи и далечни, туку сосем секојдневни и блиски. Beyond 2023, поточно. Секако дека Линда Џексон, шефица на Peugeot и една од највлијателните дами на светската автомобилска сцена, имаше подготвено и неколку конкретни најави за новите модели под знакот на лавот, но целта на настанот многу повеќе беше да се покаже колку е сменета целата стратегија околу произведувањето и користењето на автомобилите.

Кога на ваков важен настан не се спомнуваат коњски сили и издувните гасови се актуелни исто колку пумпа што точи мешавина за двотактен мотор, а место тоа се зборува за неутралност во поглед на емисијата на СО2 во цел еден еко-систем, па дури и се спомнува дека „во иднина повеќе нема да зборуваме за користени автомобили“, не е потребно дополнително убедување дека нешто драстично е сменето во браншата.

Eлектричен Peugeot е единствено и пред сé Peugeot. Кога нашите клиенти возат електричен Peugeot, недвојбено е дека тоа е Peugeot. Нашата амбиција е јасна, на пат сме да ги достигнеме и да ги надминеме нашите цели. До 2025 ќе имаме 100% електрична понуда во 100% од нашата гама.

Линда Џексон, извршна директорка на Peugeot

„Нашиот пристап кон електрификацијата е наша можност да одговориме на потребите на светот што се менува. Исто како што се менуваат вредностите што им значат на нашите клиенти, така и нашите се менуваат“, беа воведните зборови на Британката, која успева насоките во коишто ја развива марката Peugeot да ги направи блиски и разбирливи за светот, како кај ретко која друга марка.

„Проектот E-Lion е нашата водечка филозофија за следната генерација автомобили на Peugeot. Проектот E-Lion не е само електрификација, туку е холистилчки проект, пристап во 360 степени, што се базира врз петте ‘Е’“, така шефицата најпрегледно го објаснува целиот сложен концепт.

  1. Ecosystem: Екосистем од производи и услуги, што се базира врз компонентите на платформата STLA,
  2. Experience (искуство): Грижа околу целото искуство на корисниците, од полнење до користење онлајн-услуги во возилото,
  3. Electric: Сето тоа се заснова врз 100% батериски електричен погон – и на посветеноста да се понуди 100% помуда од батериски електрични возила до 2025,
  4. Efficiency (ефикасност): Постигнување максимални перформанси, а минимална потрошувачка, на пример, E-208 троши 12,5 kWh на 100 km
  5. Environment (животна средина): Сите чекори водат кон целта да се постигне нулта емисија на карбон до 2038 во сите подрачја на работењето на компанијата.

Во следните две години, Peugeot ќе пушти во продажба пет нови целосно електрични модели:

  • E-308
  • E-308 SW (прво европски комби со електричен погон),
  • E-408
  • E-3008
  • E-5008

Како што веќе објавивме, 308 и 308 SW ќе користат нов електромотор, различен од оној во бестселерите e-208 и e-2008, со смалена потрошувачка и во исто време зголемена моќност, 156 КС место 136 КС. Досегот ќе надминува 400 километри. Просечната потрошувачка изнесува 12,7 kWh/100 km.

Благ хибриден погон е новата варијанта во гамата на Peugeot

Електрификацијата го вклучува и воведувањето благ хибриден погон во целата гама, од 208 и 2008 до 308, 3008, 5008 и 408. Моделските изведби со благ хибриден погон користат 48-волтен стартер-генератор во замена за посебен стартер и посебен алтернатор, во комбинација со нов 1,2-литарски бензинец со 100 КС или 136 КС. Комбинацијата ја дополнува 6-степен менувач со двојна спојка, во којшто е вграден елеткромотор со моќност од 21 kW.

Новата погонска варијанта во моделите на Peugeot ќе биде за 15% поштедлива во споредба со не-електрифицираните изведби, со можност за возење на струја на растојание до околу еден километар, во градски услови. Според шефот за развој Жером Мишерон, половина од растојанието што вообичаено се минува низ град, ќе биде со електричен погон.

Светлата и стаклото се новите црно и хром

Жером Мишерон, шеф за развој на модели на Peugeot

Големата новина е комплетно обновен Peugeot 3008 и негова електрилна варијанта e-3008, којaшто пристига во втората половина од 2023 година. Со два електромотори, компактниот СУВ ќе може да помине до 700 километри со полна батерија. Тоа е првиот модел што ја користи новата платформа STLA Medium. Кусо потоа ќе следи и седумседот Peugeot 5008.

Дизајнерот Матијас Хосан вели дека во иднина нема да ни требаат користени автомобили

Новата генерација електрични автомобили има проектиран рок на експлоатација меѓу 20 и 25 години. Тоа им отвора нови можности на дизајнерите. Првиот човек за дизајнот на автомобилите Peugeot, Матијас Хосан, вели дека во иднина нема да постојат користени автомобили во формата што е позната досега. Носечката структура на идните модели е отпорна на стареење и на временски влијанија. Тоа значи дека по долги години, кога материјалите во кабината ќе почнат да покажуваат знаци на стареење и траги од користење, старите материјали ќе може да се отстранат, да се рециклираат целосно и да се вградат нови. Истото ќе важи и за електрониката, односно за софтверот.

Останатите детали од големиот настан на Peugeot наскоро.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Холандија: Kia најпродавана марка во 2022 година

Toyota останува најголем производител на автомобили во светот