Е-408 е среќниот тринаесетти модел во понудата од електрични модели на Пежо

Електричниот СУВ-модел Е-3008 останува шампион во понудата на Пежо во поглед на досегот. Изведбата со погон на струја на фастбекот 408 мора да му го препушти предимството на нула-нула-осум Пежото. Неговиот домен останува стилот и чувството на купе со пет врати.

Брзо се развива разновидноста во електрификацијата на погонот на Пежо. Французите во целата своја понуда имаат и благи хибриди, и приклучни хибриди, и класични бензинци, по некој дизел, а како што секој следен нов модел доаѓа на пазарот, од него мора да постои и целосно електрична изведба.

Пежо досега нудеше точно дузина моделски изведби со целосно електричен погон. За да биде најпрегледно: Е-208, Е-2008, Е-308, Е-308 СВ, Е-3008, Е-5008, е-Боксер, е-Експерт комби, е-Експерт фургон, е-Партнер, е-Рифтер, е-Травелер. Точно дванаесет. Од новата генерација модели, единствено од Пежо 408 досега не можеше да се избере изведба со електричен погон. Сега и тоа е средено.

Прво би можело да се стекне впечаток дека електричната изведба од 408 сигурно веќе била пуштена во продажба, затоа што минаа повеќе од две години, откако марката со лавот го лансираше својот нестандарно стилизизиран фастбек. Тогаш беше најавено дека ќе постои и Е-408.

Причината за тоа е новиот Пежо Е-3008. Тој е прв модел воопшто во целиот концерн Стелантис, што ја користи платрформата СТЛА Медиум. Меѓу бројните придобивки од таа плаформа, спаѓа и способноста на електричниот Е-3008 во најспособната изведба да мине околу 700 километри со едно полнење. Пежо му даде предимство на важниот СУВ-модел.

Понудата кај Пежо 408 беше и досега беше далеку од скромна. Последен се придружи моделот со благ 48-волтен хибриден погон, со 136 КС и менувач со двојна спојка, покрај двата приклучни хибриди со 180 и 225 КС. Моделот што од почетокот беше понуден како основа во гамата, бензинецот со 130 КС, си заминува од понудата, на неговото место доаѓа благиот хибрид.

Единствената видлива разлика меѓу хибридните и електричната изведба на Пежо 408 е во ознаките и во отсуството на издувна цевка

Електричниот Е-408 точно балансира меѓу компактот Е-308 и шампионот Е-3008, во поглед на моќноста и во досегот. Со батерија од 58,2 кВч и со електромотор со 210 КС, новакот минува преку 450 километри. Тоа е сосем различна конфигурација од Е-308, којшто има е-мотор од 156 КС. Електромоторот од 210 КС и 345 њутнметри во Е-408 практично е истиот од Е-3008 и Е-5008. Батеријата на класичната комбилимузина исто така е помала и располага со 54 кВч.

На брз полнач со еднонасочна струја, Пежо Е-408 може да полни со моќност до 120 кВ, што овозможува батеријата да се наполни до 80% за 30 минути. За десет минути на полнач, батеријата се освежува за 100 километри.

Преку рачките зад воланот може да се избира меѓу три степени на рекуперација, односно полнење на батеријата при секое забавување, придружено со ефект сличен на моторно сопирање. Може да се избира и меѓу три степени на моќност на погонот – нормален, спортски и штедлив, соодветно со 190, 210 или 170 КС – што секако дека влијае врз досегот.

Топлинската пумпа е стандардна опрема и овозможува помалку енергија да се троши за загревање или за ладење на кабината.

Електричниот 408 ќе стартува со испорака рано во 2025 година, нарачките почнуваат наскоро.

Видеото од тестот на Пежо 408 ГТ со бензинец со 130 КС

Претходна објаваПорше уште еднаш го дотера автомобилскот часовник со домашната премиера на електричниот Макан
Следна објаваОсумдесет килолитри пиво пристигнаа на Октоберфест со електричен Мерцедес еАктрос

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here