за

Има крал и меѓу лавовите: Peugeot се враќа на Леман

Најновиот автомобил на Французите се разликува уште во ознаката. Peugeot 9X8 е подгревање за хиперавтомобилот што в година ќе се пушти во маратонските трки на Леман и Спа.

На дигитална конференција, на којашто увозникот Еуроимпекс уредно ги покани македонските медиуми, Peugeot попладнево го претстави 9X8, хипеавтомобил што в година ќе вози во светското првенство во издржливост WEC.

Уште една победа за најмоќната дама во автомобилската индустрија. Марката на Линда Џексон денес потсети на изобилството од традициски моменти и достигнувања на Peugeot. Лавот в година се враќа на маратонските трки од рангот на 24 Часа Леман, Нирбургринг, Спа, Дајтона и други. Тоа што остави најсилен впечаток на денешниот настан беше спонтаноста и позитивната енергија што тимот на британската директорка го прошири низ целиот свет на онлајн-премиерата.

Бидејќи трките секогаш имаат допирна точка со сериските возила, така и Peugeot 9X8 има допирна точка со 208-308-508 по тоа што користи електрификација во погонската спрега, односно хибриден погон. На тој начин, стратегијата Neo-Performance преоѓа и во мотоспортот. Што се однесува до дизајнот, најновиот Peugeot ја следи истата шема со шепи во светлата напред и назад, како кај стандардните модели. Најголемата занимација на аеродинамичарите денес е да се „ослободат“ од тешките и масивни спојлери. Така и кај 9X8 целосно отсуствува масивен заден спојлер. Во силуетата и не само во неа се препознаваат форми од лавовството.

Новиот тркач на Французите е директен наследник на Peugeot 905, победник на 24 часа Леман во 1992 и 1993 година, а секако и на Peugeot 908, кој триумфираше на францускиот маратон во 2009 година. Како што кажа госпоѓа Џексон: „Ние се тркаме со цел да победиме“. Толку од скромноста што денес е тотално демоде.

Од годинава, некогашната топ-категорија автомобили во трките во издржливост, воспеаните LMP1 протитипи, заменети се со хиперавтомобили, според новиот правилник на FIA. Болидите од топ-категоријата сега се водат како Le Mans Hypercar (LMH). Инженерите добија голема слобода во аеродинамиката, а воедно се отвори простор и дизајнерите да се докажат. Во овој случај, Peugeot Design навистина се докажа.

Буквата X во ознаката Peugeot 9X8 се однесува на погонот на сите тркала, во комбинација со хибридна погонска техника

Покрај тоа што стилот на Peugeot се препознава во светлата – уште повеќе во логото, нормално – моќен белег на француската марка е селениум сивата боја во контраст со криптонско дречливи зелено-жолти акценти. На фановите на марката веднаш им „светнува“ дека тоа е шемата на Peugeot Sport Engineered, позната од спортските варијанти на 508 и 508 SW.

Техничарите на Peugeot се посебно горди на перките, што првпат беа користени на 24 часа Леман во 1967 година, кај Chaparral 2F. По повеќе од половина век, Peugeot ги враќа перките, кои секако имаат низа посебни функции и потфункции, чијшто опис повеќе ќе личи на елаборат.

Работата на болидот започна во септември 2020 година, кога Peugeot најави враќање во маратонските трки. Тимот прво се посвети на погонот. Назад работи 2,6-литарски битурбо V6 под агол од 90 степени, со 680 КС, кој е основата на погоската спрега PEUGEOT HYBRID4 500KW. Завршните тестирања се во тек од април.

Моментно се работи на доусовршување на „остатокот“ од погонската спрега, односно на електромоторот со 200 kW (272 КС) кој е вграден напред, како и на седумстепениот секвенцијален менувач и на батеријата. Електричната мрежа работи во 900-волтна архитектура, вклучувајќи ја батеријата – којашто е дело на Saft, специјалист на TotalEnergies.

PEUGEOT 9X8 – Технички податоци

Класа: Le Mans Hypercar (LMH)

Должина: 5,000mm

Ширина: 2,080mm

Висина: 1,180mm

Меѓуоскино растојание: 3,045mm

Погонска спрега: PEUGEOT HYBRID4 500KW (на сите тркала)

Погон на задна оска: 500kW (680 КС), 2.6L twin-turbo, 90o V6 + седумстепен секвенцијален менувач

Погон на предна оска: 200kW електормотор + едностепен редуктор

Батерија: Со висока енергетска густина, 900-volt дизајнирана заеднички од Peugeot Sport, TotalEnergies/Saft

Горива и масла: TotalEnergies

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota започна со производство на кросоверот Yaris Cross

Мате Римац ја создава најуспешната бизнис-приказна на Балканот