за

Мате Римац ја создава најуспешната бизнис-приказна на Балканот

Тоа што му успеа на хрватскиот вундермен Мате Римац претходно го нема постигнато ниту една автомобилска компанија на овие простори.

Porsche и Rimac Automobili се погодија за основање на заедничка компанија, во којашто се приклучува и Bugatti. Шефовите Оливер Блуме и Мате Римац го објавија името на новиот производител на хиперавтомобили: Bugatti-Rimac.

Основачкиот чин на компанијата со седиште во Загреб ќе биде комплетиран во последното тромесечје. Прво мора да се чека одобрение од организации за заштита од картелско здружување во неколку економски влијателни држави. Rimac учествува со 55%, останатите 45% се на Porsche. Германскиот производител, пак, учествува со 24% во акциите на Rimac. Bugatti се вклучува во заедничката компанија преку актуелниот сопственик Volkswagen, кој својот удел ќе го предаде на Porsche.

Оливер Блуме, претседател на управниот одбор на Porsche Ag, за овој несекојдневен потфат: „Ние ја соединуваме силната експертиза на Bugatti во бизнисот со хиперавтомобили, со големата иновациска моќ на Rimac, во подрачјето на електромобилноста. Bugatti во компанијата донесува марка што е богата со традиција, иконски производи, верна клиентска основа и светска сервисна мрежа. Rimac, покрај технологијата, внесува нова матрица на размислување во развојот и организацијата.“

Марките Bugatti и Rimac во почетокот ќе произведуваат два модели на хиперавтомобили под покривот на новата компанија: Bugatti Chiron и чисто електричниот Rimac Nevera. Субјектот Bugatti Automobiles S.A.S. продолжува да постои во новата компанија. Моделите на Bugatti и натаму ќе се произведуваат во Молсхајм, во Франција. Во иднина ќе се произведуваат заеднички развиени модели на двете марки.

Мате Римац, основач и извршен директор на Rimac: „Ова е навистина возбудлив момент. Rimac Automobili растеше мошне брзо и заедничката инвестиција ја воздигнува компанијата на сосем ново ниво. Bugatti и Rimac совршено се надополнуваат и внесуваат значајни квалитети: Ние се докажавме како пионер за електрични технологии во браншата, Bugatti располага со искуство во развој на врвни возила што е подолго од еден век и со исклучителна традиција во историјата на автомобилската индустрија. Ние ги спојуваме нашето знаење, нашите технологии и нашите вредности, со целта, во иднина да создаваме исклучителни проекти.“

Porsche започна партнерство со Rimac пред три години. „Со заедничката инвестиција е постигнат врвот во стратешкиот синџир на инвестиции“, цени финансовиот директор на Porsche, Луц Мешке.

Оливер Блуме и Луц Шемке ќе бидат членови на надзорниот одбор на Bugatti-Rimac. Извршен директор е Мате Римац. Во компанијата во моментот на основањето ќе работат околу 430 лица, од кои 300 во седиштето во Загреб и 130 во Молсхајм, во Алзас.

,

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Има крал и меѓу лавовите: Peugeot се враќа на Леман

Mercedes постигна 25% раст во првото полугодие