за

Порано 406 Coupe, сега Peugeot 408: Убавите купе-модели денес се СУВ

Толку се сменети времињата. Тоа што во 1990-те ги газеше улиците како топ-моделка по модна писта, во форма на Peugeot 406 Coupe, летово се враќа како Peugeot 408, но со една клучна разлика.

Французите најавуваат нов модел во својата понуда, и тоа многу важен модел. Кон крајот на јуни, светот ќе го види новиот Peugeot 408. Техниката доаѓа од Peugeot 308, а традицијата што ја наследува е бесценета. Тоа ќе биде СУВ-купе, со форма којашто фановите на марката ќе ги потсети на Peugeot 504 Coupe, RCZ, на Peugeot 406 Coupe, посебно.

Peugeot едноставно мора да има купе-модел во својата понуда. Кулминацијата на присуството на моделите на Peugeot со „пресечен“ покрив се случуваше прво во 1970-те години, со Peugeot 504 Coupe. Дваесет години подоцна, сцената повторно зовре со Peugeot 406 Coupe, како една од најзаводливите каросериски форми во историјата на автомобилскиот дизајн. Во врска со зборот во заграда погоре: Coupe е француски збор и означува нешто што е отсечено. Правилно се пишува Coupé, што значи дека нагласокот е на „e“, односно се изговара купé.

Во случајов, отсечен е задниот дел од покривот. Купеата во старите времиња буквално користеа идентична каросерија со лимузините, со таа разлика што изгледаше како задниот дел од покривот да е отсечен.

Марката со лавот не открива ништо повеќе од големиот грб на Peugeot во маската, со задолжителната ознака напишана на хаубата. На единствената фабричка фотографија се забележува и фина лајсна што ја порабува маската. Тоа е воедно и суштината на купето. Тоа што се „одзема“ од покривот, се додава во опремата, во префинетоста и отменоста.

Пазарот на СУВ-купе модели е во подем и волуменскиот пазар сега бара автомобили, што во основата го следат концептот на премиум-болидите BMW X6, Mercedes-Benz GLE Coupe или Audi Q8. Големо е исчекувањето, како ќе изгледа купе на Peugeot во 2020-те. И традициската обврска е голема, сцената очекува сензација, и не можеме да очекуваме ништо помалку од тоа.

Техниката ќе доаѓа директно од Peugeot 308. Мошне е веројатно дека како врв го гамата ќе биде понуден 408 Hybrid4, со моќност од 300 КС, по пример на 3008 Hybrid4. Секако дека ќе се радуваме и на PSE-модел. Дали лакираните лајсни во маската значат дека уште од старт ќе биде достапен и 100% електричен модел? Во тој случај, е-408 ќе биде хет трик на Французите.

Нов СУВ-модел на Peugeot: Каде што има 3008 и 5008, има место и за 4008

Има уште едно купе што чека реализација…

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Во Британија се регистрирани 750.000 електрични автомобили и комбиња

Вистинскиот модел за чудните времиња: Mitsubishi на струја, од најмалечките