за

Новиот Peugeot 3008 доаѓа со сосем нова организација на кокпитот

Почнува најавната машинерија за важниот новитет на Peugeot, за новата генерација на компактниот СУВ-модел 3008. Кокпитот стана панорама.

Има причина зошто Peugeot сакаше цел свет да го види концептниот автомобил Inception. Тој е базата од којашто во следните години ќе се црпат главните идеи при изведувањето на секој нов модел на Французите. Peugeot се менува, повторно, новиот 3008 доаѓа со сосем нов начин на организирање на кокпитот.

Идејата со новиот кокпит во новиот Peugeot 3008 е креативноста, уживањето во возење и електричните перформанси да се подигнат на следното скалило. Компактниот СУВ и еден од бестселерите на марката со лавот е прв што го користи новиот Panoramic i-Cockpit, панорамски кокпит.

Со обвјавувањето на првите фабрички слики од внатрешноста на новиот модел, Peugeot ја потврдува и премиерата на 3008 во септември. Преостанатото време ќе биде доволно да се претстават сите новини што ги донесува оваа моделска серија.

Клучниот дел во панорамскиот кокпит е дисплејот со пречник од 21 инчи (околу 53 сантиметри). Дисплејот е заоблен, со највисока можна резолуција и создава впечаток како да лебди над арматурната табла. Уште една новина што се забележува е воланот.

Од Peugeot 308 се познати i-Toggles, софтверските полиња што може да се програмираат според желбите на возачот. Полето со овие i-Toggles е издвоено како посебен дисплеј, што практично го зафаќа просторот којшто некогаш им припаѓаше на командите за клима уредот.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Тимот на француската марка вели дека „во цела декада успеси и усовршувања, PEUGEOT i-Cockpit досега нема доживеано таква метаморфоза, тој буквално е доведен до следното ниво.“

Дизајнерите си поставија цел да направат панорамскиот i-Cockpit да биде единствен во целата бранша. Се мислело и на достапноста за совозачот, за безбедноста, комфорот, пријатното чувство.

Во десетте години досега и во близу десет милиони возила, Peugeot i-Cockpit постојано се усовршуваше и воведе дигитални инструменти, безжична врска, говорни команди, 3D-ефекти, i-Toggles што се програмираат, многу нешта.

Заоблениот дисплеј од 21 инчи ги соединува дигиталните инструменти и дисплејот на инфо-забавниот систем што работи на допир. Дисплејот е поставен на држач што е невидлив од кое било место во кабината. Тоа создава впечаток како тој да лебди. За впечатокот да се нагласи, под дисплејот се наоѓаат посебни диодни светилки.

Бирачот за автоматскиот менувач повторно се пресели. Неговото место сега е во самата арматурна табла, десно од копчето за старт. Со тоа се ослободи простор во легнатиот дел од средишната конзола, за одлагање предмети и за одложување на телефонот.

Новината во воланот е во смалувањето на средишниот дел и во додавањето сензорски полиња за ракување со функциите на возилото преку воланот. Копчињата се активираат само кога со прст ќе се допре врз нив, за да се избегне несакано вклучување. Нова форма и многу поблагородна изработка прикажуваат и рачките зад воланот.

Дизајнерите смислија нов шарм за амбиенталното осветлување. Алуминиумска лајсна по целата ширина на кокпитот го рефлектира светлото од светлечките диоди и на тој начин создава нов впечаток во кабината.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volvo во мај ја зголеми продажбата за близу третина

Овој автобус на Mercedes близу 40 години беше во служба