Peugeot испорача 100 примероци од 208 Rally4

Peugeot 208 е бестселер и во спортскиот огранок на француската марка. Покрај тоа што лани го освои француското првенство во рели и победи во класата со погон на две тркала во италијанското рели, Peugeot Sport сега го одбележува и стотиот испорачан примерок од својот Peugeot 208 Rally4.

Веста за стоте испорачани примероци од 208 Rally ќе ги потсети љубителите на Peugeot и на мотоспортот на своевремениот Пежо Куп во Македонија, како и на бројните примероци од 106 Rally, што луѓето обожуваа да ги возат во секојдневието, меѓу другото и поради имиџот од мотоспортот. Тоа беа некои времиња во коишто имаше и еуфорија и средства за македонскиот мотоспорт.

Во светски рамки, Peugeot ја продолжува долгата традиција. Годинава возачите на Peugeot ќе учествуваат во дури седум тркачки купови ширум Европа и Латинска Америка, по најразлични подлоги. И во услови на пандемија, Peugeot 208 Rally4 лани стартуваше на повеќе од 250 рели трки во 18 држави низ Европа и Латинска Америка.

Испораките на возила беа организирани беспрекорно, вклучувајќи го и славеничкиот 100-ти примерок од 208 Rally4. Тој му припаѓа на тимот на Кастро Јангали во Перу и ќе учествува во неодамна стартуваниот рели-куп сo Peugeot 208 во земјата. Автомобилот го избираат млади тркачи што имаат амбиции да напредуваат далеку во својата кариера.

Главниот поттикнувач на тркачката еуфорија беа успешните рели-купови во Франција, Шпанија и Португалија, по коишто слични првенства почнаа да се одржуваат и во Италија, Унгарија, Чешка, а сега и во Перу. Првенство во коешто учествуваат PEUGEOT 208 Rally4 и Opel Corsa Rally4, како два модели на Stellantis Motorsport, се одржува во Белгија и Луксембург.

Првенства во Европа во коишто вози Peugeot 208 Rally4 во 2021 година

208 Rally Cup France

208 Rally Cup Iberica (Spain & Portugal)

208 Rally Cup Italy

Stellantis Motorsport Cup-Belux PEUGEOT 208 Rally4 & Opel Corsa Rally4

208 Rally Cup Hungary

Технички податоци · Peugeot 208 Rally4

Мотор: 3 цилиндри, турбо, 1,199cc

Моќност: 208 КС при 5,450rpm

Вртежен момент: 290 Nm при 3,000rpm

Пренос: Sadev 5-степен секвенцијален менувач

Диференцијал: Со механичка блокада

Предни сопирачки: Вентилирани дискови (330 mm асфалт, 283 mm земја)

Задни сопирачки: Диск 290 mm

Суспензија со трикратно дотерување (повратна сила, висока компресија и ниска брзина)

Тежина: Не под 1,080 kg ; Не под 1,250 kg со возач и совозач

Цена на готов автомобил: € 66,000 без ДДВ

Кит за асфалт или земја: € 8,990 без ДДВ

RALLYE MONT-BLANC 2020

Претходна објаваToyota разви амбулантно возило со погон на водород
Следна објаваKia ја продолжи соработката со Total до 2026 година