Тој беше најпродаваниот автомобил во Европа во 2022 година и еден е од моделите што го сочинуваат јадрото на марката. Французите го освежија Peugeot 208, секако ставајќи нагласок на електричната изведба e-208.
Како деветто колено во низата градски модели на Peugeot, 208 постигна многу откако стартуваше продажбата на тековната генерација на завршетокот на 2019 година. За три години, се произведоа близу еден милион примероци во фабриките ширум светот. Во 2021 и 2022 година, Peugeot 208 беше најпродаван автомобил во Европа, во конкуренција на сите сегменти.
За успехот придонесе и електричната изведба e-208. По првите километри на тест во Аутомедиа, електричниот Peugeot беше толку уверлив во досегот и во перформансите, што со него пред повеќе од две години ја направивме славната тура до мариовска Градешница, далеку од секаков полнач или сервисна помош.
Во 2022 година, Peugeot e-208 беше најпродаван елетричен автомобил во Б-сегментот. Во домашната Франција, тој пак беше најпродаван електричен автомобил во општа конкуренција.
Продажбата на новиот Peugeot 208 ќе започне во ноември 2023, веројатно прво со електричната изведба, за кусо потоа да следат и класичните изведби. Понудата ја сочинуваат три нивоа на опременост – ALLURE, ACTIVE и GT – и шест погонски изведби, вклучувајќи ја електричната верзија со новиот електромотор со 115 kW/156 КС и со досег до 400 километри. Нови се и изведбите HYBRID 100 и HYBRID 136.
Комбинацијата од трите светлечки линии, странично во предниот браник, стана ново главно обележје на дизајнот на Peugeot
По пример на тркачкиот хиперавтомобил 9X8, како и новите 508 и 508 SW, па потоа и освежениот 2008, така и новиот 208 ги покажува трите светлечки „канџи“ во предниот браник. За тие да бидат уште позабележливи, поставени се на сјајна црна основа. Тие се повлечени повеќе во страна во споредба со сегашниот модел, за да се добие во визуелна ширина.
Целата гама на 208 ги добива овие светла, место само топ-изведбите. Посебен ефект има кај луксузниот GT, со трите светлечки модули во главните светла, што се надополнуваат со трите „канџи“ долу.
Целиот преден дел е сменет, почнувајќи од новото лого, што првпат беше ставено на Peugeot 308
Маската меко се втопува во браникот, како кај суперспортски автомобил. Дизанерот Матијас Хосан на тој начин постигна ефектна целина и му обезбеди препознатливост на новиот модел.
Задните светла внесуваат уште едно освежување. Трите канџи тука се наредени хоризонтално една врз друга. Тоа го води погледот кон црниот панел меѓу задните светла и придонесува и опашот да изгледа поширок. Во верзијата GT, светлата за наназад и трепкачите исто така користат диодна техника.
Сите фабрички фотографии и видеа за новиот Peugeot 208
Во отмениот манир на француската марка, новиот Peugeot 208 ќе се појавува во рекламите и на билбордите во новата боја Agueda Yellow. Тоа е заштитната боја на новиот модел. Втора нова боја е Selenium Grey, којашто според дизајнерите ја нагласува модерната нота.
Капите на ретровизорите се лакирани во сјајна црна боја ширум целата гама. Кај GT, истиот финиш се користи и на арките на крилата, а опција е црн покрив.
Нов дизајн за тркалата
Новиот дизајн на тркалата е клучен дел од стилот на Peugeot. Како пример се користи дизајнот на тркалата на Peugeot 408. Завртките на тркалата во сите верзии се покриени со четирикрака капа на којашто е испечатено логото на Peugeot.
Логоата на марката и моделот се изработени во нов фонт и во нова боја, базалтно сива. Место лавот, назад сега стои името на марката, напишано по средината на поклопецот. Електричниот e-208 има големо „Е“ во сина и бела боја.
Peugeot во видеото прави една интересна паралела со Peugeot 205
Седиштата се обложени со нови материјали. Најлуксузната изведба, како опција кај GT, е црната алкантара, со опшивка во зелена боја. Истата опшивка се повторува и по арматурната табла и вратите.
Дигиталните инструменти во Allure и GT добија нова графика. Дисплејот мери 10 инчи пречник, кај GT стандардно се прикажува во 3D. Може да се избира бојата и содржината на информациите. Во Active работат механички инструменти со патен компјутер од 3,5 инчи.
Сите Peugeot 208 добиваат средишен дисплеј од 10 инчи
Во новото моделско годиште следи средишен дисплеј од 10 инчи за сите модели, во замена за 7-те инчи кај тековниот модел. Во стилот на Peugeot 308, „клавијатурата“ под дисплејот овозможува брз пристап до главните функции.
Главата на рачката на мануелниот менувач е сменета, со подобрена ергономија. Кај верзиите со автоматски менувач нема промени, затоа што бирачот таму доби нов дизајн уште во минатата пролет.
Фабричкото видео за новиот Peugeot 208
Елеткричната изведба користи нов електромотор од 115 kW / 156 КС, со смалена потрошувачка, што во комбинација со сменетата хемија во батеријата од 51 kWh, помага за досегот да се зголеми на преку 400 километри. За сопствениот полнач во E-208 може да се избира меѓу верзија со 7,4 или 11 kW. При користење брз полнач со 100 kW, батеријата се полни до 80% за 25 минути. На обичен домашен приклучок, полнењето трае најмногу 11 часови и 10 минути.
Новина што ќе се воведува ширум целата гама се благите хибриди
Како основно ниво на електрификација, достапно, но докажано делотворно, во Peugeot 208 се воведуват две верзии со благ хибриден погон. Станува збор за стартер-генератор од 48 волти, којшто ги заменува стартерот и алтернаторот. Во основа, тоа е електромотор, што значи дека при забавување врши повраток на енергијата и ја полни малата и евтина батерија. Стартер-генераторот е вграден во ѕвоното на 6-степениот менувач со двојна спојка. Овие верзии поаѓаат на струја и можат куси растојанија од по неколку стотини метри последувателно да минат чисто на струја. Благите хибриди се комбинирани со 1,2-литарскиот PureTech со моќност од 100 и 136 КС.
Техничарите ветуваат заштеда од 15 проценти, но и нечујно стартување на моторот и посуверено поаѓање и забрзување од ниски вртежи.
Добрата стара класика ја претставуваат 1,2-литарскиот PureTech со 75 КС и 5-степен менувач, како и неговата турбо-изведба со 100 КС, со 6-степен менувач.
















