
Европскиот автомобилски пазар во јули порасна за 5,5% во споредба со истиот месец во 2024, покажуваат првичните податоци на аналитичарската куќа Датафорс. Приклучните хибриди ја зголемија продажбата за 52 проценти, додека батериските електрични автомобили напредуваа за 34 проценти во споредба со ланскиот јули.
Продажбата на кинеските автомобили напредуваше за 68 проценти, меѓутоа е забавена во споредба со динамиката во претходниот период. Соодветно и нивниот пазарен удел падна од рекордните 5,5 проценти во јуни, на 5,3 проценти во минатиот месец.
Тесла продолжува да паѓа, со продажбата за 37 проценти удолу.
Податоците што ги објави Датафорс опфаќаат 99 проценти од пазарот во ЕУ, ЕФТА (Швајцарија, Исланд и др.) и Обединетото Кралство. Единствено недостигаат податоците од Кипар.
Вкупно годинава, пазарот е само 0,1 процент понапред од лани, со продадени 7.933.760 автомобили.
Неколку поголеми производители на автомобили од Европа со длабоки корени, постигнаа позабалежлив раст во јули. Фолксваген како концерн со најголема продажба имаше раст од 12 проценти, по него е групацијата Рено со 10 проценти, а добро напредуваше и групацијата БМВ, на петтото место, исто така со раст од 12 проценти.
Продажбата на марките на Стелантис главно ја држи динамиката, со пад од 1,3 процент, во време додека раководењето со концернот го презема новиот извршен директор Антонио Филоса.
Покрај Тесла, во јули им се намали пазарот и на Џагјуар Ланд Ровер (-21 проценти), Сузуки (-14 проценти) и Џили, заедно со Волво, со пад од 13 проценти.
Кај кинеските производители, притискањето на Чери со новите марки Омода и Џејку, резултираше со раст од 730 проценти од минатиот јули. Продадени се 9.177 возила, наспроти 1.107 возила во истиот месец лани. Би Уај Ди ја зголеми продажбата за 231 проценти, со 13.529 возила.
Меѓу марките со најголем скок се Шкода, со раст од 30 проценти и продадени 17.989 возила повеќе во споредба со јули 2024, за што е главно заслужен новиот електричен модел Елрок. Потоа доаѓа марката Фолксваген со 14 проценти плус и продажба зголемена за 15.302 возила, што е заслуга на високата побарувачка за изведбата на новиот Тигуан со приклучен хибриден погон. Тука се надоврзува Би Уај Ди, со 231 проценти во плус и продажба зголемена за 9.440 возила. Најмногу се продаваат Сил Ју, Силајон 7 и новиот електричен автомобил од градската класа Долфин Сурф.
Добри резултати постигна и Липмотор, кинеската марка во којашто има удел Стелантис, со продажба што напредуваше на 2.389 возила од само 23 во минатиот јули. Купра постигна продажба зголемена за 44 проценти, со продадени 24.152 возила. Дачиа исто така се издвојува со растот од 15 проценти и продадени 54.592 возила, што е дело на новововедениот компактен СУВ-модел Бигстер.
Меѓу марките што заостануваат зад пазарната динамика, покрај Тесла, се Ауди, со 10 проценти во минус и 6.028 помалку продадени возила од лани, потоа Волво со пад од 17 проценти и Сеат, со пазар намален за 18 проценти, главно поради тоа што концернот повеќе притиска за марката Купра, којашто носи поголема добивка.
Џагјуар во јули продаде само 28 возила, меѓутоа марката се подготвува за новиот старт, како нагласено луксузна марка што ќе произведува само електрични возила.
Би Уај Ди ги предводи кинеските марки во Европа, Џили има и скокови и падови
Со исклучок на новите марки на Чери и Би Уај Ди, кинеските марки имаа различни резултати на европскиот пазар во јули.
САИЦ Мотор, којашто ги произведува возилата на марката МГ, постигна раст од 14 проценти, но значително опадна продажбата на електричниот модел МГ4. Тоа е резултат од високите царини за електричните возила од Кина што ги наплаќа ЕУ од октомври лани.
Шаопенг, кои неодамна објавија соработка со концернот Фолксваген на кинескиот пазар, во минатиот месец продадоа само 1.491 возила, иако и тоа е раст од 162 проценти.
Продажбата на марките на Џили, со исклучок на Волво, порасна 15 проценти, и тоа е заслуга главно на продажбата на Полстар, што е зголемена за 18 проценти. Линк енд Ко и Лотус имаа големи падови, со само 796 продажби на првиве и пад од 4,4 проценти, односно 152 продажби кај британската марка, што е пад од 61 процент.















