за

Great Wall стартува со електрични модели во Европа

Кој очекуваше кинеските производители да се пробиваат со евтини и едноставни автомобили, нека очекува подобро. Марката Ora е дел од концернот Great Wall и специјалност ѝ се електричните автомобили.

Ora Funky Cat

Кинескиот концерн Great Wall е познато име на нашиот пазар, преку СУВ-марката Haval и пикапите Steed, што возат каде што друг не вози. Сега се отвора ново поглавје, на европскиот пазар од јануари стартува марката Ora, специјализирана за електричен погон.

Прво па машко, прво па право на германскиот пазар. Ora е марката, Funky Cat е моделското име на електричниот автомобил, што од јануари 2023 година влегува во редовна продажба на германскиот пазар. Паралелно стартува и продажбата на уште неколку пазари во Европа, што веќе се имаат докажано како предводници на електромобилноста.

Кинеската марка што е дел од концернот Great Wall, покрај нам добро познатата марка СУВ-возила Haval, со своите H6 и Jolion – двата веќе беа на тест во Аутомедиа – ветува безбедност и ветува функција што ретко кој друг автомобил ја поседува. Камера го препознава ликот на возачката или возачот и возилото автоматски се приспособува. Тоа значи дека се вклучува омилената радио станица, соодветно се местат и ретровизорите, и секако, седиштето.

Уште една новина што кинескиот гигант добро нагаѓа дека ќе го заинтересира духот на купувачите е начинот на говорно командување со функциите на возилата. Исто како што командир на чета командува со говор, така и возачите во Ora Funky Cat ќе можат да наредат да се отвори сончевиот покрив, па дури и багажникот.

Напредна навигација со познавање на локалните посебности и автоматско паркирање исто така се во обемот на способностите на овој електричен автмобил. Производителот вели дека ORA Funky Cat е „повеќе отколку само автомобил“, таа е „верна придружничка во секој момент од животот.“

New item by Automedia MK / Google Photos

Големото деби на марката Ora, што е нова за Европа, с случи на салонот во Париз во октомври годинава. Моќно убедување пред купувачите се 5-те ѕвезди на тестот на безбедност на Euro NCAP. Со тоа доаѓа и гаранција за период од 5 години – без ограничување на километражата. За батеријата се гарантираат 8 години или 160.000 километри. Гаранцијата меѓу другото значи дека капацитетот нема да се смали под 70% по осум години.

New item by Automedia MK / Google Photos

Цената на германскиот пазар изнесува 38.990 €, што е неколку илјади евра над цената на електричниот Citroen e-C4. Опременоста исто така е на врвно ниво, како во поглед на инфо-забавните системи, така и во поглед на системите за асистенција.

Технички податоци · Ora Funky Cat

Погон

електричен

Моќност kW

126

Моќност во КС

171

Вртежен момент

250 Nm

Трајна моќност kW

60

Погон

Напред

Димензии и тежини

Должина

4235 mm

Ширина

1825 mm

Висина

1603 mm

Меѓуоскино растојание

2650 mm

Растојание од подлога

145 mm

Круг на вртење

11,2 m

Багажник

228 l

Багажник, со соборена клупа

858 l

Празно возило

1540 kg

Дозволена тежина

1970 kg

Носивост

430 kg

Забрзување 0-100km/h

8,2 s

Највисока брзина

160 km/h

Потрошувачка (WLTP)

16,5 kWh/100 km

Досег

420 km

Големина на батерија kWh

63,1

Вид на приклучок

Тип 2

Приклучок за брзо полнење

CCS

Времетраење на полнење

100%: 390 min. (AC полнач 11,0 kW); 80%: 46 min. (DC полнач 67,0 kW)

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota и Volkswagen имаат најмногу Топ 10 модели по земји

Lada в година почнува со производство на електричен автомобил