за

Lada в година почнува со производство на електричен автомобил

AvtoVAZ, производителот на Lada, јавува дека е почнато тестирање на прототипи на e-Largus, електрично комби со 400 километри досег.

На Русија ѝ се потребни автомобили, многу автомобили. Големите ветувања дека земјата ќе надомести со сопствено производство, откако се повлекоа странските компании, не се празни ветувања. Електричната Lada e-Largus влегува во фаза на тестирање, пред да започне пробното производство кон крајот на 2023 година.

Во Ижевск, главен град на Удмуртија, се одржа презентација на електричен автомобил Lada e-Largus. Моделот беше презентиран пред главарот на Република Удмуртија, Александер Бречалов, од страна на претседателот на AvtoVAZ, Максим Соколов.

Електричното комби, што во основата е Dacia Logan MPV, планирано е да се произведува во патничка изведба и како доставно возило. Половината од компонентите што се вградени во возилото потекнуваат од руско производство. Тоа е различно од Москвич, што наскоро стартува со редовно производство во фабриката во Москва. Возилата таму ќе се монтираат од полуготови модули (SKD) што се испорачуваат од кинескиот партнер JAC.

Паралелно се тестираат прототипи на патничката и доставната изведба на електричната Lada. Електромоторот со постојана магнетна побуда располага со максимална моќност од 110 kW, односно 150 КС. Батеријата со литиум-јон технологија е распоредена во дел во просторот за мотор, а во дел на местото каде што кај обичниот модел стои резервоарот за гориво. Просторноста на кабината е непроменета, малку се одзема од багажникот, којшто со 560 литри и натаму нуди изобилство простор.

Место обичните инструменти е вграден дисплеј, на којшто може да се следат сите информации поврзани со електричниот погон. Досегот изнесува максимално 400 километри, со возач и со 100 килограми товар. Носивоста е 430 килограми. Крајната брзина е ограничена на 145 km/h, забрзувањето од место до темпо сто трае помалку од 10 секунди.

Според директорот Соколов, со новото возило „се постигнуваат повеќе цели одеднаш“. Електричната Lada ќе овозможи фабриката во Ижевск да произведува со полн капацитет, но ќе искористи и рускиот инженерски капацитет.

Планот е пробното производство да започне во Ижевск уште во текот на 2023 година. Во фабриката моментно се произведуваат компоненти за Lada Vesta. На располагање стои површина од 300.000 метри квадратни.

Бречалов најавува дека во следните години ќе се вложува во мрежа од станици за полнење за електрични автомобили. Во подрачјето моментно се регистрирани околу 150 електрични автомобили, на коишто им стојат на располагање 13 станици со полначи. Планирани се уште најмалку 40 станици во следниот период.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Great Wall стартува со електрични модели во Европа

Mercedes E-Class, Fiat 600, Peugeot 3008: Ова се главните моделски новитети во 2023 година