за

Opel Vivaro: Налепници за спортски изглед се многу згодна работа

Дизајнерите на Opel препознаа спортски потенцијали, таму каде што никој не ги очекува. Спортот се сведува само на изгледот на Opel Vivaro и Zafira, но е ефектно.

Opel Vivaro се покажува во уште едно светло, досега непознато. Доставното возило со молња во маската е практично, приспособливо, ги има сите системи за асистенција како Mokka или Grandland, а на тоа доаѓа и возен комфор како во лимузина. Новина е тоа што доставните возила можат да изгледаат спортски. За изгледот се грижи комплетот украсни ленти што се водат како „Vivaro Sportive“.

Комплетот фолии навистина му дава интересна појава на Vivaro. Ефектот е уште поубедлив ако станува збор за електричната изведба, за Vivaro-e. Електричарот на Opel, со 260-те њутнметри што стојат на располагање практично од првиот метар, постигнува солидна динамика во возењето. До брзина од 50-60 километри на час, чекор со електричниот погон можат да држат само вистински спортски машини. Потоа се менува сликата, но уживањето е тука.

За „комбето“ да стекне глас дека има спортски квалитети, Opel го ангажираше прочуениот рели-ас, Јоаким Винкелхок. Долгогодишниот амбасадор на Opel ги провери динамичките квалитети на спортски дотераниот Vivaro-e на тркачка патека. Не која било патека, туку токму Хокенхајмринг. Поранешниот Ф1-пилот, шампион на Леман и победник во ДТМ, појури со електричниот Vivaro-e по тркачката патека, без возилото да испушти грам штетни материи. Во така инсценирана средина, на тркалка патека и со тркалчки ас, на Vivaro му прилега стилот што му го даваат украсните фолии „Vivaro Sportive“.

New item by Automedia MK / Google Photos

Истото важи и за Opel Zafira-e Life, којашто производителот ја нарекува „комфорен електричен автомбоилски салон на тркала“. Посебно за неа е скроен комплет налепници „Expressive“. Описот на овој едноставен, но ефектен комплет налепници продолжува во жаргон како од модните писти: „Модерната, карактеристична мустра со триаголници и линии краси големи површини по страниците, по хаубата и по задниот поклопец, претворајќи го чистиот и флексибилен ван во елегантен и разантен просторен крстосувач“.

Големите модели на Opel со спортски стил имаат традиција во Риселсхајм

Идејата, Opel Zafira-e Life, како и Opel Vivaro и Vivaro-e, да добијат спортски стил, не е случајна. Претходната генерација на Vivaro исто така беше достапна во верзија „Sport“. Посетата на онлајн-продавницата https://www.opel-accessories.com/en-DE/opel открива дека цената на комплетот налепници изнесува 399 евра. Зависно од бојата на каросеријата, може да се избира сребрена или црна варијанта. 

New item by Automedia MK / Google Photos

Вториот комплет „Expressive“, што е дизајниран посебно за Zafira-e Life, исто така е достапен во сребрена или црна боја, и соодветно чини 449 евра. Тоа се необврзувачки цени што важат за испорака во Германија, без монтажа.

Линк до товарните модели на вебсајтот на Оpel во Македонија

Украсни сетови може да се нарачаат и за возила што веќе одамна ја извршуваат својата дејност по улиците. Квалитетот секако дека е на соодветно ниво, со користење материјали што се отпорни на УВ-зраци и со налепници што се скроени точно по мера. Во Opel најмногу би сакале да ги видат своите комбиња со украсните сетови, во црно-жолта или сребрено-жолта комбинација, во боите на мотоспортот во Opel.

Многустраните товарни модели на Opel може да бидат и во оваа улога:

Сите модели на Opel што се во понуда на македонскиот пазар, со цени и детални технички податоци, како и можност за споредба, можете да ги погледнете на нашиот онлaјн-каталог Автосалон МК, на следниот линк https://avtosalon.mk/inventory/?marka=opel

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Porsche им држи часови по германски на бегалци од Украина

Mercedes EQS SUV: Најпретставителните 20 бројки за најлуксузниот СУВ