за

По 2028 година само на струја: Кои се новите модели на Опел

Опел по 2028 година во Европа ќе продава само електрични автомобили. Ова е планот за новите модели што ќе бидат лансирани дотогаш.

Манта е големото име што ќе го носи новиот модел на Опел, произлезен од студискиот автомобил Опел Експериментал од 2023 година.

Забавената побарувачка за елктрични автомобили во време кога Европа троши пари на туѓи војни, присили некои од производителите на автомобили да ги препроверат своите предвидувања околу електромобилноста. „Ние по 2028 година во Европа ќе нудиме исклучиво електрични возила“, најави шефот на Опел, Флориан Хитл, уште во минатата пролет.

Доколку Риселсхајм остане на оваа прогноза и на купувачите на Опел по 2028 година нема да им стојат на располагање нови автомобили со мотор со внатрешно согорување, тоа значи дека и хибридниот погон во моделите што допрво почнуваат со продажба годинава, нема да биде достапен како погонска варијанта за четири години отсега.

Опел во текот на годинава ќе воведе 48-волтен благ хибриден погон и приклучен хибриден погон во комплетно новите модели во својата понуда. Станува збор за нова генерација на Грандланд и за Фронтера, којашто доаѓа на местото на Кросленд. Од финансиско гледиште, тоа е голем трошок за производителот.

Опел Грандланд со целосно електричен и со хибриден погон

За втората генерација на Грандленд, првичниот план беше моделот да се нуди само во целосно електрична изведба. Семејниот СУВ се темели врз новата платформа Стела Медиум на конернот Стелантис. Таа беше претставена лани во јули и беше најавена како „платформа за чисто електрични возила.“ Исто како што е случај со сестринскиот модел, со новиот Пежо 3008, Грандленд сега ќе се нуди и во целосно електрична и во приклучна хибридна изведба.

Слично е кај втората новодојденка, Фронтера. Таа е конструирана врз усовршена изведба на платформата ЦМП, односно тоа во основата е иста платформа со Корса и Мока. Кај неа ќе може да се избира меѓу благ хибрид и целосно електричен погон.

По завршетокот на 2024 година, во понудата на Опел повеќе нема да постои модел што не се нуди во хибридна или електрична изведба. Фронтера доаѓа на местото на Кросленд, и со значително поголеми димензии од неа, своето место во понудата на Опел ќе го најде меѓу стилската Мока и компактната Грандленд.

Манта за поттикнување на емоциите кај фановите на Опел

За 2025 година е во план да се изврши моделско освежување на Мока, којашто меѓу другото ќе добие и 48-волтен благ хибриден погон.

Една година подоцна, Риселсхајм ќе ја изненади сцената со автомобил што ќе поттикне емоции меѓу фановите на германската марка на Стелантис. И не само кај нив.

Во 2026 година се враќа моделското име Манта, за моделот што исто така е конструиран врз платформата Стела Медиум. Студијата од салонот за мобилност во Минхен во минатата година го најави изгледот на новиот модел.

Доколку Опел остане на својот план, по 2028 година да нуди само целосно електрични авотмобили, тогаш купувачите на Манта веројатно нема да можат да сметаат на благ хибриден или приклучен хибриден погон. Можно е Манта да се произведува само со електричен погон.

Околу погонот е многу појасно кај наследничката на Инсигниа, којашто е одложена за 2026 или 2027 година. Таму уште од почеток беше јасно дека ќе се користи само електричен погон.

На форумите се спомнува модел „Монца“ за којшто се верува дека ќе ја користи поголемата платформа на Стелантис, Стела Ларџ. За оваа платформа, Стелантис користи 800-волтна архитектура, што овозможува брзо полнење и досег до 800 километри. Но, можно е Опел да се реши и за сосем друга варијанта. Не е исклучено проектот Монца да се откаже целосно.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Волво по 45 години се збогува со дизелот

Електричниот знаменосец на Киа со две победи во Светски автомобил на 2024 година