Opel сторнираше стотици нарачки за електричниот СУВ-модел Mokka-e. Проблемот е во недоволниот капацитет за производство. На купувачите што ја добија лошата вест, им се нуди друг избор, но тој може и да не ги одушеви.
Opel почна да прима нарачки за Mokka-e во септември и пазарот покажа огромен интерес. Но, токму големиот интерес му предизвика проблем на германскиот производител што заврши под покривот на Peugeot. Производствените капацитети се зафатени за цела 2021 година. Информацијата ја пренесоа неколку германски медиуми, повикувајќи се на извори што се упатени во концернот и во дилерската мрежа.
Стотици нарачки за Mokka-e мораше да се сторнираат поради преголемиот интерес. Opel веќе им испрати известување на купувачите на електричниот Opel, со содржина во спомнатиот контекст. Нарачаните примероци од Mokka-e не може да се испорачаат во 2021 година, ниту во следната година.
Opel го потврди сторнирањето и на оштетените купувачи на Mokka-e во замена им го нуди градскиот електромобил Opel Corsa-e, по посебно поволни услови. Но, купувачите на Mokka-e не се особено одушевени од замената.
Проблемот со испораката се случува во најчувствителниот момент за Opel. Уделот на германската марка на пазарот во Европа е под четири проценти. Mokka-e требаше да го означи новиот почеток на Opel, како марка што става силен нагласок на електричниот погон, и соодветно на тоа да ѝ донесе повиосока продажба на германската марка. Но, Opel очигледно се пресмета во поглед на предвидувањата за интересот за своите електрични модели.
Mokka-e ја користи истата платформа со градскиот електромобил Corsa-E. Тој се продава во европската мрежа на Opel уште од минатата пролет.