General Motors има ново лого, гигантот од Детроит се префрлува на струја

Одамна е јасно од каде пристигаа бројните тези за штетноста на електричните автомобили, за божемното загрозување на животната средина поради батериите и за лажните биланси на СО2. Политиката во меѓувреме се смени, General Motors јасно ја насочува својата иднина кон погонот на струја. Целта е една: Што побрзо и што помасовно. Има ново лого, има и јасен слоган „Everybody In“. Ова е ново историско поглавје за светот.

General Motors почнува нова кампања со којашто најавува забрзано воведување на електричниот погон во својата понуда од возила. Наречена „Everybody In”, кампањата јасно ги повикува сите да се вклучат во електромобилноста. Клучниот дел од кампањата секако е новото лого, коешто го прикажува GM како компанија што цели кон свет со нула незгоди, нула емисија и нула сообраќаен метеж.

Кампањата става нагласок на три теми:

  • Да се привлече вниманието на нова генерација купувачи и да се забрза преоѓањето на електричен погон
  • Да се прикаже лидерството на GM во електричниот погон, вклучувајќи вложување во висина од 27 милијарди долари во електрични и автономни возила до 2025 година и лансирање 30 нови електрични возила во светски рамки до крајот на 2025 година
  • Нагласок на досегот, перформансите и приспособливоста на платформата Ultium.

Ultium ќе биде основата за идната генерација електрични возила на General Motors, со гама што ќе почнува од модели за најширокиот пазар, до возила со високи перформанси. Таа гама секако ќе ги вклучува и GMC HUMMER EV и Cadillac LYRIQ. Платформата на GM ќе дозволува досег до повеќе од 700 километри, а во најсилната варијанта ќе овозможува забрзување до темпо сто за околу три секунди.

Различно од кога било досега, ги имаме решенијата, можностите, технологијата и волуменот за секој да седне во електричен автомобил. Нашиот нов бренд-идентитет и кампањата се осмислени за да го прикажат тоа

Дебора Вал, директорка на маркетинг на GM

Кампањата ќе вклучува инфлуенсери од најразлични профили, меѓу кои Малколм Гладвел, автор на „The Tipping Point“, Бетани Хамилтон, професионална сурферка и жртва на напад од ајкула, Коди Ригсби, фитнер инструктор и Ерин А. Сајмон, светски прочуен гејмер.

https://www.instagram.com/p/CJyvZJsnNHi/

Новото лого на General Motors е со светла сина боја, којашто асоцира на чисто небо како резултат од нултата емисија во иднина и на енергијата на платформата Ultium. Заоблените агли и фонтот со мали букви оддаваат посовремен впечаток и непосредна блискост. Буквата „m“ е потцртана, заради поврзување со претходните логоа на GM и воедно како визуелен приказ на платформата Ultium. Во празниот простор во буквата „m“ се крие и симбол на приклучок за струја.

Во рамките на концернот General Motors спаѓаат марките Chevrolet, Buick, GMC, Cadillac, Baojun и Wuling.

Претходна објаваКинескиот Aiways по Холандија и Германија стартува и во Белгија
Следна објаваКупувачите бараат Mokka-e, Opel не може да произведе

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here