Еуроимпекс почна со продажба на освежената Опел Корса

Продукт менаџерот Драган Јовев го претставува новото моделско годиште на Опел Корса во салонот на Еуроимпекс.

Со рутина на компанија што има пуштено во продажба и по половина дузина нови моделски генерации на македонскиот пазар, Еуроимпекс во нерутинска атмосфера, во присуство на медиуми и деловни партнери, во средата ја поздрави новата Опел Корса во салонот на Илинденска.

Ретко се случува слоган што се користи во глобална кампања на автомобилска марка и модел да биде толку погодена за македонската сцена, како што тоа е случај со „Јес, оф Корса“, за обновената генерација на германскиот градски автомобил. Повикувајќи се на познатата фраза што кај нас се користи веројатно повеќе отколку во домашната Германија – па и во исто така домашната Шпанија – носечкиот слоган во кампањата за освеженото моделско годиште на Опел Корса кај нас делува уште помоќно отколку за главните пазари за коишто слоганот бил доволно звучен.

Кога ние кажуваме „јес, од корс“, тоа обично подрабира дека е ставено на знаење оти некоја важна работа треба да се заврши примерно и одговорно, меѓутоа сето тоа со англискиот израз е подразблажено, за да се облагороди со балканска нота. Можеби сцената не помни како точно гласел слоганот за Опел Корса во времето на Ауто Експо и во времето на Скопски Саем, меѓутоа е сосем сигурно дека „Јес, оф корса“ ќе се спомнува уште долго.

Автомобилот на кого што се однесува слоганот е познат на сцената. Дури и одлично е познат. Корса редовно беше дел од јадрото на македонскиот автомобилски пазар, сé до почетокот на вонредниот период во 2010 година, од кога отсуствуваат какви било стандарди за создавање и освежување на возниот парк на ниво на држава.

Доаѓањето на освеженото моделско годиште на Опел Корса на нашиот пазар се погодува во време, кога пазарот повторно се освестува, дека увозот на луксузни стари автомобили од останатите нерегулирани пазари – читај бугарија – сепак не може да ги замени автомобилите што македонските возачки и возачи со генерации ги избирале како „свои“.

Во тој контекст, не е на одмет да се има предвид дека Опел Корса е најпродаван градски автомобил во домашната Германија во октомври, третпат годинава. Секој месец таму се продаваат во просек по 10.000 примероци. Еден од секои четири новорегистрирани примероци е во целосно електричната изведба.

Во салонот на Опел на булевар Илинденска во средата беа изложени пет различни моделски изведби од Корса, посебно за премиерата. Главното место секако ѝ припадна на изведбата ГС, со спортски нагласок во стилот.

Највпечатливата одлика на освежената Корса е маската, односно ликот со Опел Визор. Тоа е препознатливата шема со мазен и германски прецизно дизајниран панел што го соединува просторот меѓу светлата, во замена за класична маска, што личи како визир на кацига. Опел почна да го применува овој стил уште од Мока, продолжи со Астра, Грандланд и Кросланд.

Отмено делува натписот на името на моделот во средината на задниот поклопец. Новите светла ги користат сите предности на диодната технологија, од изгледот, до функцијата.

Бидејќи Корса по сите успешни генерации досега стекна статус на безстатусен, бескласен автомобил, секако дека е релевантно и тоа што може да се нарача изведба со целосно дигитален кокпит – Опел напоменува дека тоа е Снепдрагон кокпит, прочуен процесор на Квалком.

Директорката за маркетинг Ивана Манчева и продукт менаџерот Драган Јовев, кои ја водеа презентацијата, зборуваа за „детоксикација“, односно за дизајнот што е сведен на суштинското и тоа му дава современа и вкусна нота на изгледот на Корса (детоксот важи и за сите функции во возилото), а беше најавено и доаѓањето на изведбата со 48-волтен благ хибриден погон, чијшто предности очигледно веќе им се познати на македонските возачки и возачи. Токму Корса е првиот модел на Опел што ќе вози со оваа погонска технологија.

Покрај познатите мотори од 1,2 литар со 75, 100 и 130 КС, вклучувајќи го и ценетиот 8-степен автоматик – класичен, не со двојна спојка – достапен за посилните верзии, во гамата на Опел Корса секако дека влегува и целосно електричната изведба. Сега има две верзии на Корса Електрик, едната со 136 КС и продолжен досег во споредба со претходничката, втората со 156 КС, со електромотор од Астра и батерија со различна хемија од стандардната.

Вообичаено за секое моделско освежување, опременоста е дополнително збогатена. Во овие времиња, кога светот поскапува, пријатно изненадување е тоа што Корса останува под 20.000 евра. Основниот модел чини 17.400 евра, тековната акција привлекува уште толку со 16.500 евра.

Наскоро и видеото од новото моделско годиште на Опел Корса.

Опел Корса во онлајн-каталогот со сите нови модели на автомобили што се во понуда на македонскиот пазар · АВТОСАЛОН.МК

Opel Corsa 1.2 Edition

Претходна објаваФорд одвај продаде половина од планираното производство на електричниот пикап
Следна објаваРејнџ Ровер отвора листа на чекање за електричниот модел

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here