за

Opel Adam е солиден избор за користено возило кај малечките

Opel Adam користено возило

Opel Adam обично привлекува внимание со изгледот, но се покажува дека најмалечкиот модел од Риселсхајм нема проблеми ниту со квалитетот по неколку години. Тој е добра алтернатива во однос на Fiat 500, Audi A1 или Mini

Opel Adam се појави во 2013 година, со цел потенцијалните купувачи на Fiat 500, Audi A1 и Mini да се привлечат кај марката од Риселсхајм. Моделот ја користи техниката од Corsa, но става поголем нагласок на стилот. Покрај тоа, симпатичниот градски автомобил се рекламираше и со изобилството од можности за сопственикот да остави личен печат на возилото. Најдоброто кај овој автомобил сепак е неговата релативно висока отпорност на дефекти. Купувањето користен Opel Adam не е ризичен потег.

Opel Adam користено возило 5

Со должината од 3,70 метри, Opel Adam ќе го собере во секое празно место за паркирање. Малата должина секако дека е предност во градскиот метеж и при паркирање, но со неа следува и помалку простор во кабината. Вообичаено за класата, на предните седишта нема проблеми со просторноста, но назад е толку тесно што одвај собира и детско седиште. Задната клупа може повеќе да се гледа како простор за одлагање на чантите или облеката.

Opel Adam користено возило 2

Багажникот исто така не е особено голем со своите 170 литри. Во најдобар случај, таму собира две гајби пијалоци. Со соборена клупа, малечкиот автомобил теоретски нуди простор за товарење голем 670 литри.

Со најсилните мотори, Opel Adam им конкурира на Abarth и на Cooper S

По почетокот се нудеа три бензинци, со моќност од 70, 87 и 100 КС. Како опција беше достапен и систем старт-стоп, кој е докажано ефикасен за заштедување гориво во град. Примероците на Opel Adam од понов датум користат 1,0-литарски трицилиндарец со 90 или 115 КС.

Opel Adam користено возило 7

Малечкиот Opel се нудеше и во фабричка изведба со вграден автогас, со 87 КС, и би вредело да се побара таков примерок на пазарот на користени возила. Дополнителниот резервоар за автогас има зафатнина од 35 литри и сместен е под багажникот. Но, тука мора да се смета на еден недостаток: Багажникот буквално се преполовува кај оваа изведба. Добар избор може да биде спортскиот топ-модел Adam S со 150 КС, кој е солиден противник за Mini Cooper S или Abarth 595.

Opel Adam користено возило 6

Добра страна на Opel Adam е и неговото спортско подвозје. При градско возење се чувствуваат лесната управливост и добрите возни својства. Opel Adam сепак не е најдобриот избор за долги патувања. На отворен пат се покажува спортската тврдост на подвозјето. Покрај тоа, кусото меѓуоскино растојание внесува по малку нервоза кога се совладуваат брзи и долги свијоци по автопат.

Нема пропусти во безбедноста или во опременоста

Радио, електрика за прозорците и централна брава следуваат уште во основното ниво. Кој сака повеќе опрема, може да избира меѓу варијантите со звучни имиња Jam, Glam и Slam. Инфо-забавниот систем Intellilink заслужува препорака, со дисплеј на допир од 7 инчи и поврзување со апликации за Apple CarPlay и Android Auto. Уште една варијанта што стои на избор е Adam Rocks, со пластични облоги на каросеријата и малку повишено подвозје, во некаков СУВ-стил.

Opel Adam користено возило 1

Бидејќи Opel уште од почеток нудеше најразновидни можности за ставање личен печат, на пазарот на користени може да се најдат примероци со двобојна каросерија или со шаховска табла на таванот. Нема проблеми ниту со безбедоста. На тестирањето на Euro-NCAP во 2013 година, автомобилот доби четири од можни пет ѕвезди. Тоа е пристоен резултат за малечок автомобил.

Квалитетот на изработка и издржливоста се на врвно ниво

Главната причина за избор на Adam за користено возило е малиот процент на дефекти што ги регистрирал германскиот ТУВ при редовните технички прегледи. Овие статистики веќе со децении служат како репер за оценување на издржливоста и на конструкциските квалитети на возилата. Дури 94 проценти од сите примероци на Opel Adam коишто се појавиле на технички преглед во германските станици лани, добиле печат од ТУВ дека се технички исправни, без ниту еден недостаток. Подвозјето, сопирачките, осветлувањето или моторот, сé е беспрекорно кај малечкиот Opel.

Opel Adam користено возило 4

Постојат само два „неславни“ моменти во историјата на Adam. Пред четири години, Opel ги повика возилата во сервисните работилници, заради отстранување на опасноста од одвртување на неколку завртки во подвозјето, а по две години следеше уште еден сервисен повик, овојпат поради опасност од кршење на зглобот во управувачкиот столб. Но, овие два проблема не го спречија Opel Adam да биде прогласен за „Најдобар малечок автомобил“ во извештајот на ТУВ за 2018 година.

Возачите што бараат само неколку години стар автомобил, кој не прави проблеми и уште изгледа добро, нема да погреши со Opel Adam. Малечкиот автомобил надоместува за ограничениот простор назад со темпераментни возни својства. Покрај тоа, нема дизел мотори што ги следат скандали. Цените за извоз за Opel Adam од 2013 година, со пристоен мотор и помалку од 100.000 километри, на германскиот пазар почнуваат од околу 5.500 евра. Но, поголема е веројатноста цената да е повисока. Пазарот ја цени докажаната издржливост на овој малечок автомобил со голем стил.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Renault 4 Стојаково до Ница

Македонско Renault 4 пишува историја на пат до Азурниот Брег

SsangYong Musso Fuzz

Единственото што ѝ недостигаше на оваа марка беше амбасадор