Мерцедес-Бенц постепено ќе ги згаснува своите дејности во фабриката на Нисан во Мексико, ставајќи крај на производството на возила во погоните на Компас во Агуескалиентес, откако ќе заврши продукцијата на моделот ГЛБ, што оттука се испорачува ширум светот.
Се очекува продукцијата на изведбата на компактниот СУВ-модел ГЛБ со мотори со внатрешно согорување да заврши во мај 2026 година, соопшти претставник на Мерцедес.
Со овој чекор воедно завршува последната соработка во производство меѓу Мерцедес и Нисан, којашто ја опфаќа и самата фабрика во Мексико.
Медиумите во март објавија дека двата производители на автомобили планираат да ја прекинат соработката во фабриката што се простира на површина од околу 22 хектари.
Во рамките на широката офанзива со нови модели, Мерцедес воведува големи промени во својата производствена мрежа низ светот. Иднината на фабриката во Агуаскалиентес останува под знак на прашање.
Засегнатите страни во фабриката во моментов разгледуваат разновидни сценарија за фабриката Компас, наведе претставникот, додавајќи дека е изработен социјален план за вработените.
Во фабриката работат околу 800 лица, коишто меѓу другото беа задолжени и за производството на Инфинити Ку Икс 50 и Ку Икс 55, два СУВ-модели на премиум марката на Нисан.
Нисан уште во ноември го запре производството во фабриката во Мексико, наведувајќи ја како причина царината од 25 проценти што САД ја воведоа за увоз на возила од земјата, во април годинава.
Мерцедес-Бенц ќе ја произведува новата генерација на ГЛБ во Унгарија
Партнерството во Компас започна во 2015 година и се сметаше дека тоа е клучен дел од соработката меѓу Мерцедес и тогашен Рено-Нисан.
Соработката опфаќаше вложување сума од околу 1 милијарда евра во фабриката, којашто започна со работа во 2018 година и располага со капацитет за производство на 230.000 возила годишно.
Првичната замисла беше фабриката да вработува до 3.600 лица, но таа ниту на момент не проработе со полниот капацитет и постојано беше под надзор.
Мерцедес-Бенц неодамна ја претстави новата генерација на ГЛБ, како втор модел по ЦЛА што е базиран врз платформата ММА, и што ќе се нуди и во целосно електрична и во блага хибридна изведба.

Сите погонски изведби ќе се произведуваат во фабриката на германскиот производител во Кечкемет, Унгарија. Електричниот ГЛБ ќе стартува со испорака напролет, додека изведбата со мотор со внатрешно согорување ќе следи неколку месеци подоцна.
















