Премиум Брендс денес го објави ценовникот за новото моделско годиште на кросоверот Стоник. Со сите промени во изгледот и целосно преработената внатрешност, што на моделот за 2026 година му дадоа позрел настан, можеше да се претпостави дека Стоник ќе биде позициониран повисоко отколку претходниот модел. Растот сепак е помал од претпоставките. Десетината проценти разлика лесно се оправдуваат со тоа што дополнително го нуди ова познато моделско име на Киа.
Претходничката балансираше околу 20.000 евра со веројатно најдобриот сооднос меѓу цената и добиеното во делот од пазарот што им припаѓа на градските кросовери и СУВ. Стоник во претходното моделско годиште се збогуваше од пазарот со широкогради акциски понуди, коишто неретко се случувало да му го попречат патот на новиот модел, кога тој ќе стартува со продажба со значително повисока цена.
Но, и тоа е дел од стекнатата доверба на клиентите за којашто менаџерите на Премиум Брендс зборувале многупати, а тоа значи, на Киа на македонскиот пазар не ѝ се случуваат такви сопнувања. Киа Стоник со новиот изглед и со обем на промени во внатрешноста што е реткост, не само за класата, туку и за браншата вооошто, стартува со цена од 21.200 евра, вклучувајќи го промотивниот попуст од 1.000 евра, од редовната цена од 22.200 евра.
За разлика од претходничката, што низ годините беше достапна и со 1,4-литарски атмосферски бензинец (100 КС) и со 1,2-литарски атмосферски (84 КС) и турбо бензинец, па дури и 1,6-литарски дизел во раните години, новата Киа Стоник стои на располагање единствено со 1,0-литарскиот турбо бензинец со 100 КС. Во погонот може да се избере и автоматски менувач со двојна спојка, место 6-степен мануелен менувач. Изведбата со 48-волтен благ хибриден погон и 115 КС, не се нуди на македонскиот пазар, затоа што би додала 20-на проценти во цената.
Три нивоа на опременост се во игра, почнувајќи од Концепт (само со мануелен менувач), преку Ултимејт (опција за ДЦТ7), до спортското и престижно ниво ГТ-Лајн (само со ДЦТ7).
Тоа што Стоник го нуди уште во почетната изведба е секако повеќе во споредба со претходничката и со тоа нуди дури уште подобра противвредност. Најочигледната разлика е во двојниот дислчеј, со возачки дисплеј и со средишен дисплеј од по 12,3 инчи, под заедничко стакло – како поздрав од Спортаж.
Примерот од Спортаж го следат и контролите за климатизацијата со двојна поставеност. На тоа следат уште безжичниот полнач (во Ултимејт и ГТ-Лајн), амбиенталното осветлување (во двете повисоки ниво) и предупредувањето за возило во мртов агол (само ГТ Лајн).
Клима уред и натаму е стандард, исто како и затемнети задни стакла, потпирач за лакти напред, задна камера и паркинг сензори напред и назад, систем за следење лента, автоматско долго светло, ретровизори со автоматско собирање. Единствено што недостига во Концепт се тркала од лесен метал, но домаќинските купувачи не придаваат големо значење на тоа, имајќи предвид дека тркала од лесен метал се купуваат и отпосле.
Киа Стоник · Дали е тоа автомобилот со најдобра противвредност до 20.000 евра?
Во Ултимејт, којшто чини 1.300 евра над Концепт, клима уредот добива автоматика, а следат уште пристап и старт без клуч, безжичен полнач, амбиентално светло, елеткрична паркирна сопирачка, самозатемнувачки ретровизор внатре, сензор за дожд, грејачи во седишта и волан, ЛЕД предни и задни светла, ЛЕД магленки и тркала од лесен метал од 16 инчи.
Две нови бои се авантуристичко зелена и јахта сина, материјалите во внатрешноста се сменети во споредба со претходничката.
















