за

Нисан го следи примерот на Тесла за да произведува поевтини електрични автомобили

Гига-одливките ќе ги скусат трошоците за производство за 10 проценти, ценат во Нисан.

Тојота е една од компаниите што користат гига-преси.. Каросеријата на новата генерација БЕВ модели на Тојота ќе биде изработена од три модули, побрзо и поевтино

Нисан ќе користи гига-леење, постапка на производство што Тесла прва почна да ја применува. Јапонскиот производител им се придружува на светските ривали во потрага по иновации со коишто се скусуваат трошоците за производство.

За изработката на задниот дел од подот на своите електрични автомобили, Нисан ќе користи машини што дејствуваат со притисок од околу 6.000 тони. Компанијата најавува дека првите електрични модели што ќе бидат изработени со новата технологија ќе почнат да се продаваат по 2027 година.

Постапката ќе ги скуси трошоците за производство за 10 проценти, кажуваат од Нисан. Тоа е дел од пошироката стратегија, со којашто треба да се постигне цената на електричните модели да биде иста со цената на моделите со бензински мотор, до 2030 година.

Јапонските производители се впуштија во трка со соперниците, како Тесла и кинескиот гигант БИД, за да зафатат поголем дел од светскиот пазар на електрични автомобили.

За производители како Нисан, којшто ги произведува најпродаваните ЕВ во Јапонија, високата цена на батериските електрични автомобили претставува голема пречка за нивна поширока прифатеност.

Тука стапува на дело гига леењето. Постапката користи огромни машини, за цели секции од шасијата да се изработат со леење во еден чекор. Со тоа отпаѓа потребата со заварување да се спојуваат дузини делови, се штеди на време, машини, работна сила и трошоци.

Тесла беше предводник на овој технолошки пристап, а Тојота е меѓу производителите што го прифатија истиот.

Процесот е сличен со леењето под притисок, што веќе се користи во изработката на помали делови.

„Во нашата фабрика во Точиги подолго од 10 години користиме леени плочи за деловите од предната структура на клима уредите,“ кажува Хидејуки Сакамото, извршен потпретседател за производство и за набавка. Нисан е „мошне искусен во леењето структури од автомобилите,“ кажа тој во фабриката на компанијата во Јокохама.

Во фабриката се наоѓа линијата за пробно производство на батерии со цврст електролит, којашто во почетокот ќе работи со капацитет за батерии за 2.000 до 3.000 електрични возила.

Производителот претходно најави дека има цел во следните три години да ја зголеми продажбата на 1 милион возила и да воведе 30 нови модели, вклучувајќи 16 електрични модели.

Нисан се подготвува за новиот вид батерија, ја враќа ЕВ-топката кај себе

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Полска се двоуми дали 60 млрд. евра на ЕУ да потроши на фабрика на Џили

Кинеските производители на автомобили имаат најмногу иновации