Холандската влада е подготвена да ја повлече одредбата, којашто ѝ даде моќ да ги блокира или менува корпоративните одлуки во Нексперија, доколку Кина одобри да продолжи извозот на критичните чипови, кажуваат упатени извори.
Доколку повторно продолжи испораката во следните денови, Холанѓаните се подготвени да ја повлечат министерската одредба веќе во следната недела, кажуваат изворите. Финансиските проблеми меѓу Нексперија и компанијата во Кина исто така ќе бидат надминати.
Акциите во Вингтек Технолоџи, сопственик на Нексперија со седиште во Кина, пораснаа за 10 проценти при заклучното тргување на берзата во Шангај.
Дополителен знак дека затегнатоста попушта е најавата на холандската влада во соопштението што беше издадено доцна на 6-ти ноември, дека се очекува кинескиот огранок на Нексперија во Кина, во следните денови да продолжи со испораката на чипови.
„Имајќи ја предвид конструктивната природа на нашите преговори со кинеските власти, Холандија е убедена дека испораката на чипови од Кина за Европа и останатиот свет ќе доспее до клиентите на Нексперија во следните денови,“ изјави холандскиот министер за економија Винсент Кареманс во соопштението.
Холандската влада ја презеде контролата врз Нексперија кон завршетокот на ноември, поради загриженост дека Вингтек ќе го блокира производителот на чипови и дека со тоа ќе го загрози производството на клучни компоненти. Холандија се повика на потезите на основачот на Вингтек, Жанг Шуженг, кој наводно „ги злоупотребил финансиските ресурси за сопствено збогатување и за збогатување на неговите останати компании во Кина.“
Вингтек ги порекна тие обвинувања и испрати петиција од вработените, за Жанг да се врати на местото на извршен директор, од коешто беше сменет со одлука на судот во Амстердам на 7-ми октомври.
Германските производители во итаница да обезбедат кинески чипови од Нексперија
Со оваа интервенција, холандската држава доби право да ги блокира или менува корпоративните одлуки, вклучувајќи преселување на делови од компанијата и отпуштање на директори, во период од една година. Пекинг одговори со воведување забрана за извоз на производите на Нексперија.
Холандскиот огранок на компанијата испорачува чипови што во своите возила ги користат БМВ и концернот Фолксваген. Оттаму на 29-ти октомври беше испратено соопштение до клиентите, дека се прекинува директната испорака на вафери до фабриката за монтажа во Кина, којашто покриваше околу половина од продукцијата во времето пред кризата.
Доколку не се постигне разрешница, европските производители за само неколку денови ќе се најдат во ситуација кога ќе мораат да го запрат проиводството, предупредија здруженијата на производителите.
Компаниите ги користеа последните ресурси за да го задржат производството во тек, а некои дури се подготвуваа и за целосно запирање, соопшти АЦЕА, здружението на европските производители на автомобили.
















