Скајвел БЕ11 · Тест · Кинезите сепак го измислија тркалото

Сцената е истренирана совршено, да се смее секогаш кога ќе се спомнат мотори со три цилиндри, електрични автомобили, па посебно кинески автомобили. И додека другите се смеат, Кинезиве напредуваа со чекори од преку седум планини. Веќе нема утка, Скајвел БЕ11 е солиден автомобил.

Скајвел е непознато име на сцената, а и изгледот на овој електричен СУВ не помага многу, за човек да стекне претстава, па барем и лажна, каков е БЕ11, дали тоа е буџет или премиум модел, дали е брз или е само економичен, а многу е неизвесно и каков ќе им се види на соседите. Посебно задоволство и предизвик е кога автомобил како Скајвел БЕ11 ќе дојде на тест во Аутомедиа. Тој ќе си замине, ќе дојде друга кола на тест, и така во круг. Меѓутоа, од гледиште на купувач, работите се сосем различни. И, каков се покажа Скајвел на тест, дали БЕ11 ги оправдува 40-те илјади евра?

Секогаш се предрасуди. Скајвел БЕ11 е автомобил што е развиен и произведен во Кина, и тоа е сосем доволно за луѓе да поверуваат дека тој е изработен од тенка ламарина и во него е натрупана евтина пластика што се распаѓа, некои луѓе згора на тоа уште веруваат дека Кинезите се мали по раст и автомобилите им се малечки, трети пак, можеби се убедени дека кинескиве автомобили се склопуваат во гаража, четврти стручно ќе оценат дека БЕ11 е копија на некое БМВ или Мерцедес, а оздола работи една иста техника, што се вградува во сите кинески автомобили и потекнува од 1980-те години.

Мора да им е многу забавно на тие експерти, што од око оценуваат какви се автомобилите. Но, како е во реалноста? Дебелината на ламарината се покажува на дело кога ќе се подигне тешката хауба, иако за тоа нема толку честа потреба како кај „баба ги возела“ лимузините. Можеби Кинезиве ќе требаше да бидат малку повнимателни со нежните Европејци и да вградат амортизери, а можеби се и попрактични, затоа што истите тие Европејци, од истата причина, ќе си отидат во сервис, секогаш кога ќе треба да се долее течност за ветробранот. Друга причина за хаубата да се отвора, нема.

Првото изненадување, однадвор барем, е изработката. Зјаевите насекаде се тенки и рамномерни, вратите не се вградени криво, споевите на браниците со крилата се беспрекорни. Истото важи и за лакирањето. Дебелиот хром на украсите во предниот браник, на рамките околу прозорците, елегантно изведените лајсни долу, сето прави човек да се замисли. Ова можеби и не лош автомобил.

Изгледот е класика. Реално, кога ќе се изгустира појавата во целина, единствено недостига маска – којашто тука и не е потребна, затоа што ова е целосно електричен автомобил.

Внатрешноста е „моторот“ на овој Скајвел БЕ11

Како што обично се случува со кинеските автомобили, изненадувањето следи во внатрешноста. Материјалите се познати: Дрво со отворени пори, темен хром, црни пијано финиш, површини што личат како велур, и секако, кожа, што не е најприродна, но со денешната технологија, оваа вештачка кожа е повеќе од прифатлива замена.

Чувството е како да се седнува во европски автомобил. За тој впечаток придонесува и стилот во уредувањето на кокпитот – боите, материјалите, формите, прекинувачите – што навистина личи како лимузина на Мерцедес-Бенц од пред петнаесетина години.

Ако се изземе само едно место во автомобилот на тест, а тоа е еден дел од налегнувањето на дрвениот украсен панел – што патем е совршена имитација – што зјае одвај половина милиметар од арматурната табла, и тоа само во делот лево од стреата на инструментите, сé друго е изработено за пример. Во Скајвел дури внимавале секој прекинувач и секое поле за ракување или преграда, да бидат обрабени со рамка. Најдоброто уверување дека се внимавало на завршната изработка е во дното на вратите. Таму штрчи еден попречен панел, што завлегува под праговите има задача да ја заштити рамката на вратата од валкање.

Кај Кинезите не минува автомобил што нема доволно простор назад – овој е како С-Класа

Просторноста е следното поле за уживање. Напред е сé јасно, а назад иако се очекува многу простор – БМВ, Мерцедес, Ауди, сите имаат продолжени изведби од своите модели посебно за Кина – пак го има повеќе. Вратите се натпросечно широки и се седнува како во лимузина. Простор има во сите правци, тука може комотно да се прекрсти нога преку нога.

Тест автомобилот дополнително е облагороден со тоа што поседува пакет со кафена кожа, вреден 2.500 евра. Во таква средина, со многу простор, квалитетни материјали, добра изработка, не недостига ништо за човек да се почувствува благословен. Единствено недостига местење на клупата по агол.

За „неочекувано“ пријатниот мирис внатре се заслужни јонизацијата на воздухот и пречистувањето на честички ПМ2,5

Опременоста е кинеска. Тоа е поимот за богато опремен автомобил денес, кинеска опременост. Само ставките за комфорот: Панорамски сончев кров, затементи задни стакла, електромотор за вратата на багажникот, пристап и стар без клуч, амбиентално светло во 128 бои, автоматски клима уред, диодни светилки во кабината и багажникот, разладувана преграда под потпирач за раце напред, електрика на седишта со греење, вентилација и меморија. И посебно ужување, јонизација на воздухот и пречистување на честички ПМ, истите тие честички што нé мачат постојано со загаденоста на македонските градови.

Кусо видео од тестот на нашиот канал на Инстаграм

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Единствено што заслужува забелешка е соборувањето на задната клупа, коешто е од релативно застарен тип и не соодветствува со класата на БЕ11. За да се собори клупата, треба прво да се повлече седечката површина, што дури и не е поделена, па да се преклопи нанапред, за по неа да се соборат потпирачите за грб, откако ќе се вовлечат потпирачите за глава. Тоа е долготрајна постапка, меѓутоа ако веќе може да се извлече некаква корист од тоа, на овој начин се псотигнува поголема висина на товарниот простор. И подот е целосно рамен, за по него да може да лизгаат предметите што се товарат. Багажникот не е од најголемите, меѓутоа и со тие близу 500 литри се живее повеќе од добро.

Следете го видео каналот на Аутомедиа на јутјуб

Главното е сепак возењето, и уште поважно, возењето со електричен погон. Како вози Скајвел БЕ11, кои се останатите предности и недостатоци, дали заслужува препорака, молие погледнете го видеото од тестот, на нашиот јутјуб-канал. И секако, ќе ни биде големо задоволство да „кликнете“ за да го следите нашиот канал на јутјуб.

https://www.youtube.com/@automediamk

 

 

Претходна објаваХоландија ќе им ја врати Нексперија на Кинезите, ако тоа ја реши светската криза со микрочипови
Следна објаваЗа стан од Пагани од 30 милиони долари во Мајами подарок суперавтомобил од 3 милиони долари

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here