за

Олдтајмери вредни милиони ќе се продаваат масовно во Монтереј

Во Монтереј, на два часа возење од Сан Франциско, секоја година се собираат љубители на спортски автомобили и олдтајмери, на Неделата на Автомобилите.

Тој се вбројува меѓу најценетите собири во светот на автомобилите и годинава се одржува меѓу 12-ти и 21-ви август. Еден од највпечатливите настани во рамките на Автомобилската Недела е натпреварот во елеганција на Пебл Бич.

Покрај 18-та дупка на теренот за голф во Пебл Бич и прочуената 17-Мајл-Драјв ќе се одржи собир на најскапите колекционерски автомобили во светот, на натпреварот во убавина и во престиж.

Покрај овој Конкурс дЕлеганс, големо внимание привлекуваат и наддавањата за најблагородните автомобили во историјата. Наддавањата почнуваат на 17-ти август и ќе траат четири денови. Четири се на број и аукциските куќи што ќе ги вршат наддавањата: Bonhams (Лондон / Велика Британија), Gooding & Company (Санта Моника / Калифорнија, САД), Mecum (Волворт / Висконсин, САД) и RM Sotheby’s (Бленхајм / Онтарио, Канада). Близу 1.000 возила ќе бидат понудени на наддавање, а за голем број од нив се очекува да достигнат седумцифрена, па дури и осумцифрена вредност.

Најголемата ѕвезда на собирот на автомобилското благородништво е тешко да се издвои. Тоа може да биде Bugatti Type 57C Atalante од 1938 година, што Bonhams ќе го стави под „чекан“ на 19-ти август и за него очекува цена од 3,4 милиони долари. Можно е главен да биде уште еден примерок од истата марка и од истиот модел, Bugatti Type 57C Atalante, но тој е произведен во 1937 година и аукциската куќа Gooding & Company него го цени меѓу десет и 12 милиони долари.

New item by Automedia MK / Google Photos

Во трка за најдобар понудувач се вклучува и син Shelby 427 Competition Cobra, произведен во 1965 година, за чијашто продажба е надлежен Mecum. Пред една година, сличен автомобил достигна цена од близу шест милиони долари на наддавањето кај истата компанија.

New item by Automedia MK / Google Photos

Големи изгледи да потгикне најжестоко наддавање и со тоа да биде главна ѕвезда има и Mercedes-Benz 540 K Special Roadster од 1937 година. Ваков модел пред десет години го смени сопственикот за 9,68 милиони долари. Кај овој примерок станува збор за возило чијшто прв сопственик бил кралот Мохамед Закир, шах на Авганистан, и секако дека тоа е евидентирано во документите за возилото. Новиот сопственик може за историскиот родстер да плати меѓу девет и дванаесет милиони долари.

New item by Automedia MK / Google Photos

Mercedes-Benz годинава има главна улога кај RM Sotheby’s, аукциска куќа што постигнува најголем промет во светски рамки, во делот што се однесува на колекционерски возила. Од вкупно 26 модели од Штутгарт, што годинава се понудени на наддавање, аукционерите ценат дека дванаесет имаат големи изгледи да достигнат најмалку седумцифрена цена.

New item by Automedia MK / Google Photos

На спомнатиот 540 K Special Roadster му се придружува Mercedes-Benz 540 K Cabriolet од 1936 година, проценет меѓу два и 2,5 милиони долари. Исто толку треба да достигне и Mercedes-Benz 300 SL Roadster од 1963 година, што неодамна беше реставриран за близу половина милион долари и оттогаш има извозено само 300 километри.

New item by Automedia MK / Google Photos

На наддавањето кај RM Sotheby’s секако дека не смее да отсуствува уште една важна германска марка. Porsche 718 RSK Werks Spyder од 1959 година, новиот сопственик ќе го чини меѓу 4,8 милиони и 5,2 милиони долари. Станува збор за најуспешниот фабрички тркачки автомобил на Porsche, што има победено на 24 Часа леман, на 1000 километри Нирбургринг и на бројни ридски трки ширум Европа. Зад неговиот волан седеле Волфганф Гроф Берге фон Трипс, Јоаким Бониер и Ханс Херман.

New item by Automedia MK / Google Photos

Марката што е неизоставна од секое големо наддавање, секако дека доаѓа од Маранело. Само RM Sotheby’s има 32 модели од Ferrari да им понуди на колекционерите. Најскапиот од нив е Ferrari 410 Sport Spider од Scaglietti, за којшто ќе треба да се издвојат меѓу 25 и 30 милиони долари. Тоа е токму тркачиот автомобил со којшто Хуан Мануел Фанџо има учествувано на 1000-километарската трка во Буенос Аирес во 1956 година. Со овој автомобил триумфирале и Карол Шелби, Фил Хил и Јоаким Бониер. Меѓу 1956 и 1958 година, овoј Ferrari учествувал на 40 трки, на коишто постигнал 11 победи, а на своите возачи им обезбедил 19 места на подиумот.

New item by Automedia MK / Google Photos

Посебно е важен Ferrari F300, со којшто седумкратниот светски шампион Михаел Мумахер во 1998 година постигна четири победи (Канада, Франција, Велика Британија, Италија). За болидот се очекува да постигне цена меѓу шест и осум милиони долари.

New item by Automedia MK / Google Photos

Вкупната вредност само на возилата што RM Sotheby’s ќе ги понуди на наддавањето, надминува милијарда долари.

Врска до автомобилите што RM Sotheby’s ќе ги понуди на наддавање во Монтереј

https://rmsothebys.com/en/home/lots/mo22

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Овие модели на Volkswagen ретко кој ги знае

Land Rover Defender со мотор 5.0 V8 во серија од 25 примероци