за

Во Македонија автомобилите се стари во просек 19,5 години

Како што постои политика во здравството, во економијата, во надворешните односи, така постои и автомобилска политика. Во Македонија, тоа е веројатно единствената политика што не се води, но и таа е утната.

Според државната статистика, во Македонија во 2021 година имало регистрирани 477.820 патнички автомобили. За девет години, возниот парк се зголемил за 58,3 проценти. Тоа само привидно е напредок. Возниот парк повеќе не се брои во години, туку во децении.

Во нормално организираните општества, меѓу останатите политики, односно начини на коишто се раководи со одредена проблематика, нормално е да се зборува и за автомобилска политика. Тоа е неопходно, посебно во времиња кога се случува пресвртница. Електромобилноста е најголемата пресвртница што ја има доживеано автомобилската индустрија по вградувањето на првиот мотор во кочија во 1886 година. Заедно со погонот на автомобилите, се менува и секојдневието. Возењето електрични автомобили не е само возење, туку и грижа околу начинот на којшто се добива енергијата за погон на истите.

Тоа што во Македонија недостига хронично, едно од 16-те илјади нешта, тоа е автомобилска политика. Не станува збор за друго, туку за најобична помисла, како ќе изгледа возниот парк во државата по 10 години. Одговорот на тоа не треба да се бара од „блиските“, туку од стручни лица што автомобилизмот го работат како професија. Кога се спомнува државата, граѓанскиот разум во моментов повлекува уште многу други помисли, меѓутоа каква и да е ситуацијата, на автомобилите мора да се мисли.

Тие автомобили што беа купени нови во рекордерската 2008 година, денес се стари под 14 години, значи пак се близу шест години помлади од просечната старост на автомобилите

Државната статистика покажува само дел од последиците од немислењето на автомобилите. Во 2008 година, просечната старост на патничките возила во Македонија изнесувала 15,4 години. Тоа е историски најниска вредност во временската рамка што ја наведува статистиката. Податокот е уште повеќе впечатлив, кога ќе се земе предвид дека една година претходно, просечната старост изнесувала 15,5 години. Во светот надвор од статистиката, возен парк што се подмладил за 0,1 година, не изгледа како да се променил многу. Меѓутоа, таа политика што во Македонија не постои, можела да го искористи тој податок и да утврди кои причини довеле до подобрувањето. Таква причина постои, а тоа е историски рекордната продажба на нови патнички автомобили. Во 2008 година, Македонија се поднови со рекордни 17.744 возила.

Број на патнички автомобили по категории на старост, по илјада возила, според Државен завод за статистика, податоци за 2021 година

New item by Automedia MK / Google Photos

Процент на патнички автомобили по категории на старост, по илјада возила, според Државен завод за статистика, податоци за 2021 година

New item by Automedia MK / Google Photos

Последната година, кога уште постојат нормални услови на организиран автомобилски пазар, тоа е 2009 година. На 10.574 регистрирани нови патнички автомобили, тогаш доаѓаат 2.944 увезени користени автомобили. Историската грешка следи во 2010 година, кога повеќе од 50.000 стари луксузни автомобили, собрани главно од бугарските автоплацеви, и дотогаш регистрирани на бугарски таблици, дополнително и со сменети податоци во личните документи на сопствениците, масовно се префрлуваат на македонски таблици. Потоа со години следи маса стари автомобили што се довлечкуваат. Ништо во Македонија нема „пораснато“ повеќе во изминатата деценија и пол, од отпади со безвредни луксузни автмобили.

Колку се стари денес евтините луксузни лимузини од бугарските отпади, што во 2009 година масовно се донесуваа во Македонија како автомобили „нови“ дваесет години?

Оттогаш почнува рапидно стареење на возниот парк. Додека во периодот од 2003 до 2008 година, возниот парк се подмладил за околу шест месеци, на 15,4 години, од 2009 година до 2021 година, Македонија си го остарела возниот парк за близу четири години. Познавачите на статистиката и луѓе што имаат претстава за тоа што го покажува статистиката, знаат дека ова стареење на возниот парк не значи дека граѓаните место автомобил стар 15 години возат автомобил стар 20 години, туку многу повеќе укажува дека граѓаните место автомобил стар пет или десет години возат автомобил стар дваесет и пет или триесет години.

Евтин користен автомобил во Македонија во 2022 година: Луксузна лимузина од пет метри со 300 КС, произведена во 2000 година, на којашто ѝ се потребни гуми што чинат најмалку илјада евра за да бидат дораснати за перформансите, што е убиствена без оригинални сопирачки дискови што чинат неколку илјади евра, со евтин издув што е монтиран како „спортски“, што баба ја возела, со универзални 186.000 километри, по цена иста како Corsa од 2010 година

Денес веќе може да се зборува многу потрезвено за последиците од отсуството на автомобилска политика во последнава деценија и пол. Од бугарските автоплацеви се довлечкуваа главно стари лимузини и тешки теренци од премиум марки, отфрлени и обезвреднети од Европа што се освести за загадувањето на животната средина, со криминално вратена километажа и украдени илјадници евра од купувачите. Место нормални користени возила, со цена што ќе им биде достапна и разумна на млади семејства, на бизнисмени што работата ги тера постојано да патуваат, на сениори што сакаат старото возило да го заменат со малку поново, за да не си го оптоваруваат секојдневието со поправки, а секако и буџетот, на госпоѓица што само сака црвена кола, во Македонија се носеа силни лимузини со 300 КС, кичерски тјунирани автомобили што денес се смешни да се појават на улица во Берлин или Париз.

New item by Automedia MK / Google Photos

По цена на скутер, се донесуваа силни автомобили од отпад, за коишто денес јавноста чита дека јуреле триста на час по автопат од Тетово или Куманово, и автомобили што главно се користат за кружење по дебармаалските улици, во потрага по паркинг место директно пред кафуле, во време кога народот го мислиме дека работи, со сопственици што се во некој чуден филм дека тие и автомобилот им се главна тема на градските ликови.

Денес пазарот на користени автомобили повеќе нуди луксузна лимузина со мотор V8 или V6 TDI од почетокот на милениумот, со 186.000 километри, со протектирани гуми, со светла од пластичарска, затоа што оригиналните ксенонски чинат илјадници евра, толку колку што впрочем е пазарната вредност на тој автомобил, отколку што може да се најде честит компакт, со домаќински мотор, стар седум, осум, десет години, со вистински 186.000 километри, што не е чекор пред отпад, затоа што одржувањето по цена од стотина евра годишно уште е остварливо.

Да ги сочуваше старите законитости на автомобилскиот пазар, што веројатно по некоја инерција останаа да се почитуваат од старите времиња, Македонија ќе имаше повеќе корист, отколку од масовното довлечкување „театарски реквизити“ во форма на евтини луксузни автомобили, што служат за глумење во некој сопственавтомобилски филм

Што можеше да се направи подобро, за Македонија да нема кубански стар возен парк? Единственото што можеше да се направи подобро, ќе беше ништо да не се прави. Доколку продолжеше динамиката на продажба на нормални домаќински автомобили како до 2009 година, и доколку беше ставена рампа за секаков увоз на евтините луксузни лимузини што во Германија или Швајцарија ги возел некој директор или доктор во својата област во почетокот на милемиумот, во Македонија денес веројатно ќе имавме автомобили стари до десет години во просек. Нормални автомобили, нормален пазар на користени автомобили што природно се надоврзува со продажбата на нови автомобили.

Едно видео од зимоска, снимено најрутински, сведочи совршено за последиците од отсуството од каква било грижа или план, за автомобилите што се со и покрај нас. Повеќе животот се раководи според автомобилите, отколку обратно

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Lamborghini со рекордно прво полугодие

McLaren ќе се вози и во Индија