за

Ralliart се развива во спортска подмарка на Mitsubishi

Mitsubishi изложува седум возила на Токио Ауто Салон, едно од нив е наследник на електричниот i-MiEV, останатите се под знакот на Ralliart.

„Новата ера е нова авантура“ за Mitsubishi. Така гласи мотото под коешто јапонската марка изложува на Токио Ауто Салон 2022. Главни модели на штандот се K-EV concept X Style, електрично градско мини на местото на пионерскиот i-MiEV и спортски дотерана верзија на новиот Outlander, прикажана како Vision Ralliart Concept.

Mitsubishi меѓу првите големи производители го јавна бранот на електромобилноста и пред повеќе од една деценија го пушти i-MiEV како прв електричен автомобил од големосериско производство. Во времето кога се чинеше дека и Македонија ќе се пријави навреме за електричната иднина, јапонскиот микро-автомобил беше понуден во официјалниот ценовник на Мак Аутостар. Неколку продадени примероци уште се во служба кај големи македонски компании.

Моделот напиша македонска историја, како прв електричен автомобил во официјална продажба. Во меѓувреме, Mitsubishi на Токио Ауто Салон го прикажува наследникот, во форма на K-EV concept X Style. Тоа е електрична изведба на микроавтомобилот Mitsubushi eK. Моделот припаѓа во посебно повластената категорија возила (keijidōsha – кеиџидоша) во Јапонија, долги до 3,4 метри, широки 1,48 метар, со мотори до 660 cm3 и моќност до 64 КС. Секако дека тоа е суперпопуларна категорија возила во Јапонија.

Mitsubishi K-EV concept X Style

New item by Automedia MK / Google Photos

Според произведувачот, електричниот eK располага со „Mitsubishi Motors-ness“ и спојува безбедност, сигурност и комфор, како и погодност за животната средина. Маневрирањето е лесно, возилото забрзува пристојно, возењето е тивко, мазно, типично за електричниот погон. Системите за асистенција не недостигаат, исто како и онлајн-поврзување.

Сериската изведба на Mitsubishi K-EV ќе стартува со продажба во Јапонија веќе напролет

Каросеријата располага со неколку додатоци во стил на СУВ и лакирана е во две бои. Покривот е во бакарна боја, за да потсеќа на бојата на намотките во електромоторот. Додатокот во името X ја нагласува комбинацијата од куса каросерија што надоместува во висина, стил на СУВ и предности на електрично возило. 

Mitsubishi Vision Ralliart Concept

New item by Automedia MK / Google Photos

Поинтересен за Европа е вториот концепт, под името Vision Ralliart Concept. Како основа служи новиот Mitsubishi Outlander, којшто има добиено силен спортски нагласок. Ralliart е големо име на сцената на мотоспортот, од времето кога Mitsubishi владееше со сцената на релито, со ѕвезди како Томи Макинен и Lancer Evolutuon. Јапонците не откриваат детали околу погонот, но е јасно дека се игра на карта на електричниот погон – маската е затворена, назад отсуствуваат издувни цевки. Дизајнот на тркалата исто укажува недвосмислено на електричниот погон. Можеби Mitsubishi ќе нé изненади со електрична изведба на Outlander, на кого што приклучниот хибриден погон му е стандард.

New item by Automedia MK / Google Photos

Лакирањето на каросеријата е посебно, затоа што се работи за мат црба боја, во којашто е вмешан син пигмент, и тој прави бојата да изгледа различно, зависно од аголот на гледање. Боите се специјалност на Mitsubishi, „дијамант црвената“ боја што се нуди како опција за Eclipse Cross е вистинско шоу.

New item by Automedia MK / Google Photos

Предниот и задниот браник се разликуваат од стандардниот Outlander, додадени се проширувања на крилата. Решетката под маската е активна, а масивниот заден дифузор потсеќа на рели-времињата и на Ralliart. Тркалата имаат пречник од 22 инчи, зад предните тркала се наѕираат моќни сопирачки клешти со 6 клипови. Во врска со погонот, од Mitsubishi единствено наведуваат дека поголемите сопирачки соодветствуваат на зголемената моќност на електромоторите. Марката со трите дијаманти е сосем извесно дека има уште многу што да раскаже за овој модел. Го чекаме следниот чекор на Mitsubishi, што ќе открие нови детали за Vision Ralliart Concept.

Mitsubishi Eclipse Cross Ralliart Style и Outlander Ralliart Style

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

Преку СУВ-двоецот од Outlander Ralliart Style и Eclipse Cross Ralliart Style, марката ги прикажува можностите за сопствениците на овие два модели да посегнат по понудата од прибор што наскоро ќе се нуди во мрежата на Mitsubishi, со печат на Ralliart. Во истата насока продолжува и концептот Outlander Wild Adventure Style, што исто така користи посебен прибор, но таков што е наменет повеќе за авантури и теренско возење, отколку за спортско возење. Повеќето од ставките од приборот кај овој автомобил се изработени во соработка со ogawa, јапонска марка опрема за активности во природа. Црната мат боја и тука прави големо шоу. Главниот момент е кровниот носач за багаж, што носи опрема за кампување од ogawa.

Outlander Wild Adventure Style

New item by Automedia MK / Google Photos

Останатите два концепти се Delica D:5 Tough x Tough, опремена со прибор од Ralliart, и Minicab-MiEV B-Leisure Style, авантуристичка изведба на микро-доставниот модел на Mitsubishi, којашто укажува колку е корисна батеријата на електричен автомобил за напојување на најразлични уреди при кампување.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

>>> Тест: Mitsubishi Space Star 1.0 Entry

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Goodyear развива гума што целосно е изработена од одржливи материјали

Часовници изработени од сопирачките од Peugeot 9X8