Mitsubishi го прикажува новиот СУВ со погон на струја Airtrek на салонот во Гуанжу. Електричниот модел ќе се произведува во GAC Mitsubishi Motors, заедничка компанија на јапонската корпорација и Guangzhou Automobile Group (GAC).
Mitsubishi го разви новиот Airtrek според концептот на „е-крстосувачки СУВ“, со три значења на буквата е во ознаката: еднаш за електричниот погон, еднаш за „expanding“ во смисла на тоа што моделот ги проширува животните активности и еднаш за „expressive“, во смисла на тоа што моделот го прикажува единствениот карактер на Mitsubishi Motors.
Во дизајнот јасно се препознава печатот на Mitsubishi, со преден дел во којшто преовладува „динамичниот штит“ и со вообичениот хексагонален мотив во задниот поклопец. Изгледот на Airtrek треба да пренесува порака дека со возилото се маневрира лесно и истото располага со висока стабилност.
Внатрешноста е просторна и осветлена, со хоризонтално ориентирана арматурна табла, што придонесува за прегледноста и овозможува да се добие точна претстава за позицијата на возилото. Сите подрачја од кабината што се допираат, обложени се со мек материјал, а за чувство како во автомобил од висока класа се користат и штепови во сите детали. Со долгото меѓуоскино растојание и со широката кабина, новиот Mitsubishi Airtrek нуди изобилство од простор, за целото семејство да патува удобно.
Во поглед на погонот, енергијата ја испорачува батерија од 70 kWh, со којашто може да се постигне досег до 520 километри. Батеријата е поставена средишно во подот, што овозможи совршена распределба на тежината меѓу двете оски, како и ниско тежиште
Електромоторот, инвертерот и преносниот механизам се вградени во компактна единица со ниска тежина. Во комбинација со каросерија со намалена тежина и висока крутост, моќниот погон гарантира динамични перформанси и возни својства.
Такао Сато, претседател и извршен директор на корпорацијата Mitsubishi Motors, објаснува за името: „Го избравме името Airtrek за нашиот нов електричен СУВ, за голем број корисници да можат да уживаат во авантуристичко и активно возење со овој чисто електричен автомобил, што постигнува максимален досег од околу 520 km, без емисија на СО2 во возењето“. Јапонската компанија очекува новиот Airtrek да го прошири кругот на купувачи во Кина, каде што се применуваат масивни субвенции за поттикнување на користењето електрични возила.