за

Mitsubishi најавува две концептни возила за салонот во Токио

Mitsubishi Motors ќе претстави концепти на електрично градско возило и на спортски автомобил Ralliart на салонот во Токио во јануари.

Наследник на прочуениот i-MiEV, еден од првите електрични автомобили за масовниот пазар, како и најава за иден спортски модел што ќе го носи знакот на Ralliart – тоа се двата концепти што Mitsubishi Motors ги потврди како премиера за салонот во Токио, што ќе се одржува меѓу 14-ти и 16-ти јануари.

За концептното возило што ја најавува новата генерација на малечкиот градски автомобил со погон чисто на струја, Mitsibishi открива дека тоа ќе биде автомобил со оригиналниот печат на марката, безбеден и комфорен. Меѓу целите при развојот било возилото да соединува лесно управување и да располага со мали димензии. Новиот „Mitsubishi EV“ ќе располага со солидни перформанси, ќе нуди напредни системи за асистенција, и секако, богати можности за поврзување со преносни уреди и користење онлајн-услуги. Серискиот модел EV ќе стартува со продажба напролет.

Јапонскиот производител што е дел од алијансата со Renault и Nissan, повеќе го држи во тајност вториот концептен автомобил за Токио Ауто Салон 2022. Под името Ralliart, коешто познавачите веднаш го поврзуваат со големите успеси на рели-патеките, вториот концепт ќе ги спои инженерингот на Mitsubishi Motors и страста за предизвици од типот на „Monozukuri“ (вештина на изработка).

New item by Automedia MK / Google Photos

Концептот на Ralliart ќе посредува чувство на премиум автомобил и ќе настапува со впечатлив стил, како предводник на визијата што компанијата ја има за нов Ralliart. На фотографијата што ја придружува најавата, прикажан е единствено масивниот заден дифузор, со стилизирана, но веројатно нефункционална издувна цевка во средината и со растер од ситни отвори за воздух по целата површина. Тоа навестува електричен погон со два електромотори и со врвни перформанси. Ефектот е постигнат, сцената со нетрпение очекува да ги види најавите за идните модели на Mitsubishi.

>>> Mitsubishi го враќа во игра името Ralliart

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Peugeot е главен и во кујната

Porsche отвора бутици за автомобили во градското јадро