Микроавтомобилите на струја ги чека голем подем

Скусувањето на пазарот на мини-автомобили во Европа, заедно со смалениот број на градски автомобили со цена под 15.000 евра, им отвора голема шанса на микроавтомобилите.

Renault Twizy со години беше осамен во делот од пазарот, во којшто се бараат достапни возила со четири тркала и батериски електричен погон, наменети главно за младите и за градска средина.

Stellantis во моментов има три микроавтомобили со електричен погон: Citroen Ami, Opel Rocks-e и Fiat Topolino. Крајната брзина им е ограничена на 45 km/h, а со нив може да се управува веќе од возраст од 14 години, во неколку држави.

За да држи чекор со побарувачката, Stellantis вложува во својата фабрика во Кенитра, Мароко, за производствениот капацитет за микроавтомобилите да се зголеми двојно.

Ami беше лансиран прв во 2020 година, а по него следеше Rocks-e. Двата модели се покажаа како погодок. Од нив во 2022 година беа произведени вкупно 20.000 примероци. По приклучувањето на Topolino, годишната продукција се очекува да се зголеми на 35.000 до 40.000 примероци годишно.

Одговорот од Renault ќе пристигне во текот на годинава, со доаѓањето на Duo, којшто е производ на Mobilize, посебен огранок за мобилност на Renault. Во споредба со Twizy, новиот Duo ќе има подолго досег, повисок комфор, а ќе има и можност да се избере изведба со повисока крајна брзина. Renault тврди дека во својата фабрика во Танџир, Мароко, може да произведува по 17.000 примероци од Duo за една година.

fiat topolino premiera
Fiat Topolino Dolcevita поседува платнен покрив, отстранливи врати, а како опција може да се добие и туш, за миење по ден поминат на плажа.

Овие планови на производителите не минуваат незабележано од аналитичарите. Во неодамнешниот извештај на McKinsey се цени дека пазарот ќе вреди 100 милијарди долари во 2030 година.

Микроавтомобилите претставуваат нов избор на најдостапни автомобили на пазарот, откако производителите како Ford, Opel и Volkswagen го напуштија сегментот на мини-автомобили. Последувателно на тоа, мини-автомобилите моментно учествуваат со само 4,2 проценти на европскиот пазар, што е речиси два и пол пати помалку во споредба со 2010 година. Со тоа се отвори простор за микроавтомобилите, коишто чинат под 12.000 евра.

Новиот избор на најдостапни возила

Цените се за домашните пазари на микроавтомобилите

  • Renault Twizy — €11.400
  • Opel Rocks-e — €7.990
  • Fiat Topolino — €9.890
  • Citroen Ami — €7.790

Најголемите европски марки не се единствените што се заинтересирани за овој малечок пазар. Израелската стартап-компанија со електрични возила City Transformer прима нарачки за CT-1. Двоседот со чудна форма чини 16.000 евра и постгнува брзина до 90 km/h.

City Transform тврди дека CT-1 може во текот на возењето да се издолжи, за подобра стабилност и комфор, а потоа да се скуси за 40 сантиметри, на нормалното меѓуоскино растојание од 1 метар, за полесно паркирање и управување.

Важно е возилото да биде лесно подвижно во град, но клучниот фактор е достапноста.

„Повеќето електрични автомобили уште чинат повеќе од тоа што можат да си го дозволат повеќето“, цели аналитичарот на Gartner, Педро Пачео.

Не е само за тинејџери

Оперативниот директор на City Transformer и соосновач, Удо Меридор, убеден е дека сега е вистинското време за микроавтомобилите, затоа што голем број општини утврдија дека мораат да ги намалат метежот и застојот, додека во исто време ги охрабруваат жителите да преминат на поодржлив вид на превоз, со којшто се смалува емисијата на штетни материи.

„Според преднарачките, потрошувачите главно се на возраст меѓу 40 и 65 години“, кажува Меридор, додавајќи дека повеќето од нив живеат во предградијата. „Тие обично поседуваат автомобил и го гледаат City Transformer или како второ возило или како превоз во текот на работната седмица.“

Меридор вели дека компанијата цели на Германија, Обединетото Кралство, Франција, Италија и Холандија. Испораките се очекува да стартуваат во 2025 година.

„Сакаме да стартуваме со неколку илјади испорачани возила“, објаснува директоирот. „Цениме дека вкупниот производствен потенцијал би изнесувал 50.000 до 75.000 возила годишно.“

Тој додава дека преоѓањето на електрични возила ќе наиде на сопка, доколку возилата со мотори со внатрешно согорување се заменуваат со поголеми и потешки возила со батериски електричен погон.

„Батеријата на Tesla тежи исто колку City Transformer, плус батеријата, плус двајца патници и нивниот багаж“, кажува Меридор. „На градските центри им се потребни помали возила.“

За разлика од претходникот, Renault Twizy, новиот Duo има вообичаени врати, воздушна перница, поставени седишта и клима уред.

Прашање околу безбедноста

Големото прашање околу малечките автомобили е: Колку тие се безбедни?

„Прашањето на безбедноста несомнено е една од пречките за помасовно прифаќање“, објаснува Пачеко, аналитичар на Gartner.

Алан Дусе, директор на фабриката за производство на Citroen Ami, вели дека на микроавтомобилите не им се дозволува да возат по автопат и нивната брзина се ограничува, што им осигурува одредена безбедност на патниците.

„Во споредба со мопед или скутер, Ami е побезбеден. Тоа е важно кога во семејствата се разговара за купување возило за нивните деца“, објаснува Дусе. „Има безбедносен ремен со три точки, додека законите бараат само обичен ремен со една точка, потоа автомобилите имаат цевна кафезна структура, како и прегледност во 360 степени, што овозможува да се следи целата средина.“

Дусе посочува дека целната група за Ami всушност се младите лица без возачка дозвола – и додава дека пазарот за тие возила веќе е добро воспоставен во Франција.

„Од 40.000 микроавтомобили, Франција е дом на повеќе од 20.000“, кажува Дусе. „Кога го лансиравме Ami во 2020 година, целта ни беше да ги освежиме микроавтомобилите, за да допреме до помладата генерација. Тие сакаат мобилност, тие сакаат независност; 77 пропценти од нашите клиенти се семејства со двајца тинејџери.“

Голема е побарувачката во Франција. На 20-ти јуни, клиенти во Франција купија 300 од вкупно 800 примероци од Citroen My Ami Buggy, коишто дента беа достапни за купување. Целата количина се распродаде за 10 часови.

„Ова е само почеток на големата приказна, уште сега имаме бројни конкуренти што пристигаат на пазарот,“ кажува Дусе. „Пазарот расте, посебно за купувачите со ограничен буџет“.

Претходна објаваВладо Јаневски – бренд амбасадор на NISSAN QASHQAI
Следна објаваДвајца загинати при тест возење на Нирбургринг

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here