за

Мини-возилата заминуваат, доаѓаат микро-возилата на струја

Производителите постепено се повлекуваат од сегментот од Twingo & Co, место тоа вложуваат во уште помали модели – со електричен погон.

OPEL ROCKS-E

Строгите норми за издувни гасови и скапите системи за пречистување направија најмалите и најдостапни автомобили на пазарот да почнат да исчезнуваат од продажните салони. Но, има нов тренд.

Renault Twingo и Ford Ka некогаш беа големи имиња на автомобилската сцена. Времињата се менуваат. На нивното место доаѓаат новите микро-модели со електричен погон, за коишто обично не е потребна ниту возачка дозвола. Загадувањето во градовите не е единствената причина за доаѓањето на новата генерација малечки автомобили со електричен погон. Исто толку е проблем и недостигот од простор.

По долги години најава и воспоставување моќни партнерства, Microlino стана дел од реалноста. Поточно, остануваат уште неколку месеци до првите испораки, што се очекуваат најдоцна до крајот на годинава. Микромобилот долг 2,5 метри и широк 1,5 метар ќе чини 12.500 евра. Досегот му изнесува 200 километри, највисоката брзина што може да ја постигне е 90 километри на час.

Microlino не е изум на денешницата. Идејата се навраќа на легендарниот модел Isetta, што своевремено го спаси BMW со големите, луксузни и брзи автомобили. Евтиниот и едноставен автомобил со мотор од скутер, во 1950-те години се погрижи за масовна моторизација. Неговиот идеен наследник Microlino сега ќе ги спасува градовите од колапс.

Истата мисија ја има и израелскиот City Transformer. Името е сосем веродостојно, затоа што тој е првиот автомобил во светот што ја менува ширината, зависно од потребите и условите. Додека се вози, Transformer е широк 1,4 метар. Кога ќе стане тесно, на пример, при паркирање или маневрирање во тесен простор, тркалата се вовлекуваат и ширината на возилото се сведува на само еден метар. Со скусена трага, возилото со две седишта едно зад друго смее да се вози најбрзо 45 km/h. Кога тркалата ќе се извлечат, поради подобрената стабилност може повторно да се вози до 90 km/h.

Приспособливоста е силна страна и на моделот City One од стартап-компанијата ACM од Минхен. Самото возило е мошне компактно и изведено е наједноставно, за да се постигне цена од 15.000 евра. Меѓутоа, посебноста на City One е во батеријата. Во нормален случај, возилото има досег до 100 километри. Замислата е батеријата да може да се надградува. Кој има потреба од повеќе досег, може да купи дополнителна батерија, што личи како куфер, и истата да ја вгради во багажникот. На тој начин може да се достигне досег до 240 километри.

Основачот на една од главните компании-добавувачи за автомобилската индустрија, Magna International, 89-годишниот Франк Штронах исто така планира микро-автомобил. Австриецот в година ќе стартува со производство на моделот Sarit во Канада, како независен проект од Magna. Во овој случај посебно импресионира цената: 4.000 евра за микро-автомобилот со досег до 100 километри и брзина до 25 km/h.

Микро-автомобилите всушност долго време се присутни на сцената. Еден од најпознатите е Peel P50 од 1960-те години, што со должината од 1,37 метар уште се води како најмал автомобил во светот според Гинис. Уште еден мошне успешен модел од оваа категорија е Renault Twizy, што се продава уште од март 2012 година. Електричниот двосед со впечатлива појава понуди спој меѓу мотоцикл и автомобил.

Моментно на сцената на микро-автомобилите е главен Citroen Ami, што од следната година ќе се нуди и под сестринската марка Opel, како Rocks-e. Во Франција досега се продадени повеќе од 6.500 примероци, на кои им се придружуваат уште 2.000 примероци во Италија. Ami засега се продава на само пет пазари, наскоро стартува и Велика Британија. Според Французите, поевтино е да се потпише договор за лизинг на Citroen Ami, отколку да се купува месечен билет за јавен превоз. Цената е под 7.000 евра.

Ценовната предност што ја постигнуваат микро-автомобилите во споредба со обичните мини-модели лежи и во фактот што тие се хомологираат како лесни моторни возила. За нив важат многу поблаги норми, на пример, за безбедноста и за заштитата на патниците. Покрај тоа, погонот е послаб, брзината е ограничена. Од друга страна, тоа одбива широк круг купувачи, кои не се сакаат да се откажат и од таа минимална комоција кај обичните мини-модели.

Wuling е најпродаван елеткричен автомбоил во Кина, со цена од 4.000 евра

Добар пример доаѓа од Кина. Најпродавано електрично возило моментно е SAIC GM Wuling. Со досег од 180 километри и цена од околу 4.000 евра, микро-моделот на струја во првите седум месеци од годинава се продал во двојно повеќе примероци од Tesla Model 3, што е на второто место на најпродавани автомобили во земјата.

Каде нé води иднината, може да осознаеме и на нашите улици. Пица Џакомо веќе со години ги користи микро-моделите со погон на струја во доставата на храна. Македонскиот огранок на светскиот гигант во логистиката ДХЛ, годинава започна со електрификација на возниот парк и пет од шест релации низ Скопје покрива со достапни возила на струја. Нема да биде изненадување ако новата генерација микро-автомобили во видно време се појави прво кај ДХЛ.

Во меѓувреме, еден од најпознатите и веројатно најзаслужни микро-модели, Smart, преоѓа во нова димензија. Новата генерација возила на Smart стартува со СУВ со должина на Mercedes A-Class.

>>> Citroen Ami за една година привлече 6.500 купувачи во Франција

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Само еден од десет продадени автомобили во Норвешка не е електричен

Русите на рели возат камиони: GAZ победник на релито „Симбирски тракт“