Како помина првиот кинески автомобил на технички преглед кај ТУВ?

Контролорите на ТУВ немаат забелешки за погонот на електирчниот МГ4, но најдоа неколку места во подвозјето и во сопирачките во коишто кинескиот автомобил заостанува зад најдобрите во поглед на издржливоста.

Во најновиот извештај што го објавува германското здружение ТУВ за извршените технички прегледи на возилата во земјата, првпат се појавува автомобил од кинески производител, електричниот МГ4. Што открија експертите?

Во периодот од јули 2025 до јуни 2026 година, германското здружение за техничка контрола ТУВ изврши увид во забелешките од редовниот технички преглед на 9.951.543 возила од сите категории на старост, од две до 13 години. Во извештајот на ТУВ влегуваат само возила што имаат позабележива продажба, односно најмалку 500 или 1.000 возила од одредена старосна категорија.

Тоа што електричниот МГ4 е прв автомобил од кинески производител што воопшто се има појавено во извештајот зборува доволно за успехот на моделот, но секако е најважно како поминува МГ4 на строгиот технички преглед.

МГ4 е пристоен модел од компакт-класата со електричен погон и доволна просторност во кабината, благодарение на меѓуоскиното растојание од 2,71 метри. Возилото долго 4,29 метри почна со продажба во Германија во 2022 година.

Во тековната моделска година, МГ4 доби освежен кокпит, со нагласок на поквалитетни материјали, на дисплеј од 12,8 инчи и на поедноставено ракување. Може да се избира меѓу опременост Стандард, Комфор и Луксуз, со тоа што поскапите изведби доаѓаат со подолг досег, а се нуди и спортска изведба Икс Пауер со погон на сите тркала.

Во првите години на производство, моделот со заден погон се нудеше со моќност од 170 до 245 КС. Основните модели располагаат со батерија од 51 киловатчас, додека изведбите со продолжен досег доаѓаат со раскошни 77 кВч. Во тој случај, досегот изнесува 520 километри. Во новата моделска година, тој се продолжи на 545 километри.

Врвот го претставува изведбата Икс Пауер, со два електромотора, погон на сите тркала, 435 КС и 600 њутнметри.

Според германските експерти, најдобар избор е изведбата со заден погон со 64 кВч и со брзо полнење со моќност до 154 кВ, што постигнува 80-процентна наполнетост за само 25 минути. Забелешка во поглед на возењето е тврдата амортизација.

Тоа што најчесто му се забележува на моделот е слабо изработената внатрешност, што се тресе и тропа, а исто и сложеното ракување со инфо-забавниот систем, нереагирањето на говорни команди и на сообраќајни знаци, или грубата работа на системите за асистенција.

На купувачи на користен МГ4 им се препорачува да проверат дали е вчитан нов софтвер, како работат системите за асистенција, клима-уредот и 12-волтниот акумулатор.

ОЦЕНИТЕ НА ТУВ ЗА ОДДЕЛНИ КАТЕГОРИИ

ПОДВОЗЈЕ

Уште при првиот технички преглед на 2 години се откриваат недостатоци во водењето на оските. МГ4 заостанува со квота на неисправност од 2,7 проценти (во просек 2,7 возила на секои сто проверени возила од моделот), додека просекот во оваа категорија е 0,5 проценти. Забелешките важат главно за оштетени гумени лежишта на триаголните и попречните водилки, како и истрошени носечки зглобови. Наспроти тоа, амортизерите, пружините и управувањето се беспрекорни.

СВЕТЛА

Во поглед на соборените светла, МГ4 е малку подобар од просекот. Најчесто се забележува за светла што се наместени превисоко. За друго нема забелешки.

СОПИРАЧКИ

Слаба точка: Кај 10,3 проценти од возилата има забелешки за сопирачките дискови. Просекот е 1,0 процент. Проблемот обично е кај задните сопирачки. Во некои случаи е утврдена и недоволна делотворност на сопирачките. Во цревата и цевките нема пропусти.

ЗАКЛУЧОКОТ НА ТУВ

„Квота на неисправност од 16 проценти при првиот технички преглед – тоа не е добро! Во поглед на високата квота на недостатоци во подвозјето и сопирачките, купувачите на користен автомобил треба добро да го проверат својот избор.“

Претходна објаваЕвропската продажба на автомобили порасна за 3,3 проценти во октомври, Кинезите подзабавија