Кинескиот производител во државна сопственост САИЦ, присутен во Европа со својата марка МГ, досега продаваше главно електрични автомобили. На луѓе им се допаѓаше можноста да ги искористат масивните субвенции при купување автомобил на струја.
Нештата во меѓувреме се сменија, со казнените царини за кинеските електрични автомобили, што од ноември ќе почнат да се применуваат во ЕУ. Комисијата на ЕУ токму за МГ одреди највисока царина, што досега близу 50 проценти. Магазинот Ауто Билд, највлијателниот автомобилски медиум во Европа, секако дека ја погодува темата со тестот на МГ 3 со хибриден погон. Какви вистини за автомобилот открија германските експерти?
МГ 3 во рекламите изгледа мошне убедливо, со близу 200 КС, со седум години гаранција и со потрошувачка од 4,4 литри. Кинезите го нудат сето тоа по цена под 20.000 евра за основната изведба на германскиот пазар. Ауто Билд: „Личи како на улица да се делат пари: премногу е добро да биде вистинито.“
Германските новинари немаат забелешка за изгледот и ценат дека ниската цена не му се познава на Кинезот со британско име. Тоа сепак важи за тестираниот модел, којшто е во повисокото ниво Лакшери, со тркала од 16 инчи, диодни светла, камери, грејаќи во седишта и пристап без клуч.
Сите работи денес почнуваат од цената. Со 23.990 евра, МГ 3 „пак е поевтин од конкурентот Тојота Јарис Хибрид во основната изведба.“
Внатрешноста е пристојна, со неколку ситни пропусти
Просторноста на кабината и чувството се слични како во јапонскиот модел, меѓутоа проблем е кога назад седнуваат повисоки луѓе, поради тоа што покривот се спушта ниско. Поради хибридниот погон, во багажникот остануваат само 241 литри зафатнина. Задната клупа не е поделена, така се заштедува.
Тврда пластика владее во внатрешноста, но затоа има два дисплеи, што секогаш се стандард. Инфо-забавниот систем работи пристојно, со исклучок на неколку пермутации на германските зборови. За Андроид Ауто е потребен кабел, Карплеј работи без тоа.
Десното копче на воланот само некогаш реагира и ја попушта или стивнува музиката. При телефонски повик, ако е поврзано преку Карплеј, преку ова копче не може да се намести силината при телефонскиот разговор. Недостигаат и неколку копиња за климата и за системите за асистенција. Тоа што им пречи на аутобилдовци: „Ако се исклучи предупредувањето за брзина, без прашање се исклучува камерата за сообраќајни знаци.“
Хибридниот погон го сочинува 1,5-литарски четирицилиндарец со 102 КС, што преку тристепен автоматски менувач е поврзан со електромотор, кој е посилниот во оваа комбинација. Со 136 КС, тој најмногу учествува во системските 194 КС. Со батеријата од 1,8 кВч, МГ тврди дека може да се минат до 10 километри.
Во градско возење, системот ја нуди таа предност, што „мирно и навистина во траење од неколку километри функционира чисто електрично“. Кога ќе се вклучи моторот и ќе почнат да се менуваат степените, тоа не се чувствува. На автопат е друга слика: „И покрај раскошната вкупна моќност од 194 КС, брзо станува непријатно. Тоа се случува секогаш кога ќе почне нагорнина и автоматикот враќа бавно и со голем скок во бројот на вртежи.“
Уживањето исчезнува и кога е празна батеријата. Место силно забрзување, следи речиси ползење, и „потребно е трпение додека се достигне највисоката брзина од 170 км/ч.“ Со полна батерија, Ауто Билд измери 7,4 секунди, подобро и од фабричките осум секунди. За потрошувачката беа измерени 5,1 литри, што не е на нивото на Јарис Хибрид (4,4 литри).
Тоа што и покрај повремената резерва од сила не се чувстува спортски дух, „МГ 3 трпи од тоа што тежината е префлена нпаред: 66 проценти од тежината ја оптоваруваат предната, а само 34 проценти задната оска.“ Амортизацијата е мека, управувањето е без какво било чувство, но проблемот е друг. „На МГ 3 не може да му се прости долгиот пат на сопирање. Тоа навистина не е во тек со времето“. Ауто Билд измери 40 метри пат на сопирање.
Оцена тројка од Ауто Билд
Заклучокот на ценетите колеги: „Добро и поволно? Погонскиот концепт е друго, и надвор од автопатот навистина делува без проблеми. МГ мора да менува во финото дотерување, во ракувањето, а посебно во сопирачките.“
















