Дефендер како ексклузивен спонзор на годинешниот Скопски Џез Фестивал беше мошне присутен со своите модели пред публиката, и не случајно, во секое јавување од настанот, беше спомнувано дека во возилата работи аудио систем од Меридиан. Што значи оваа марка на аудиофилската сцена?
Меридиан Аудио и триото Дефендер-Дискавери-Рејнџ Ровер се мошне слични марки, зависно од гледиштето. Како пример, Рејнџ Ровер Евок во специјалната серија Епик, што е актуелна есенва, чини на македонскиот пазар 65.900 евра. Уште малку над тоа е пар ДСП8000 Икс Е, дигитален аудио звучник, врвното што има да го понуди Меридиан Аудио. Точно тоа е спојот меѓу британската марка што е икона на теренското возење и во исто време прва асоцијација за благородништво на четири тркала, со исто така британската марка што е гордост на сцената на аудио езотеријата. Секако дека Меридиан е марката на којашто Џеј Ел Ар, Џегуар Ланд Ровер, ѝ доверува да развива аудио системи за своите модели. Цената на ДСП8000 Икс Е, помалку или повеќе, е 80.000 евра.
Фановите на британската марка теренски возила можеби го имаат пропуштено поглавјето, и потсетување нема да биде на одмет: Дифендер, Дискавери, Рејнџ Ровер, Џегуар, отсега се водат како засебни марки на Џегуар Ленд Ровер, односно на Хаус оф Брендс, нивната матична куќа.
Шесте скапи басови на Меридиан 8000 се како шест цилиндри на Дискавери
Во мерилата на автомобилската бранша, Меридиан ДСП8000 Икс Е располага со шест бас единици со пречник од 200 милиметри и со 24 милиметри óд, по три на секоја страна. Тоа прави асоцијација со мотор со 6 цилиндри, со клипови чијшто димензии исто така се наведуваат со пречник и óд. Ако веќе се прави таква асоцијација, врвните звучници на Меридиан со конструкцијата се поистоветуваат со мотор Ве-6.

На тоа следи уште една единица за средни тонови и една единица за високи тонови, сместени во посебно куќиште, за вибрациите оздола да не се пренесуваат. Бидејќи станува збор за активни звучници, тоа значи дека им е потребен само извор на звук, односно засилувачката секција е вградена во нив. Тоа значи по еден засилувач од Класа АБ за високотонците и среднотонците, со моќност од 150 вати на 4 оми. Секој од басовите, исто така има засебен засилувач. Тоа се вкупно шест премостени парови засилувачи од Класа Д, секој со по 240 вати при 4 оми. Врв е огромниот и тежок тироидален трансформатор, што има посебни намотки за секој засилувач.
Димензиите се важни и во аудио-езотеријата, каде што несомнено припаѓа Меридиан Аудио. Осумилјадарките се високи 1 метар и 35 сантиметри, широки се 40 сантиметри (16 сантиметри на врвот) и длабоки 53 сантиметри (21 сантиметар на врвот). Тежината е уште повпечатлива: 110,5 килограми. Два звучници, уште малку па четвртина тон.

Најдоброто од Меридиан се вградува ексклузивно во Рејнџ Ровер
Името Рејнџ Ровер, и на матичната куќа Џеј Ел Ар секако, повеќе е од обврзувачко дека сета технологија и целото знаење што е насобрано во Меридиан Аудио, навистина се пренесува и во аудио техниката што се вградува во целото моделско семејство на Хауд оф Брендс, како што уште се води Џеј Ел Ар.
Како што постои избор од мотори, опременост, тркала, така постои и избор од три изведби на аудио системите што Меридиан Аудио ги испорачува за вградување во знаменосецот Рејнџ Ровер. Врвот е Меридиан Сигнач’р Саунд Систем, со зачудувачка бројност на звучници – вкупно 39 на број! И моќноста на засилувачот го следи стандардот, со 1.600 вати, 1.6 киловат. Некои скутери имаат толкава моќност.

Десет различни видови звучници, распоредени насекаде по кабината
Системот Меридиан Сигнач’р Саунд Систем го сочинуваат десет различни видови звучници, што се распоредени на стратешки места, одредени според експертите на Меридиан Аудио.
4 Високотонци, два напред и два назад, насочени директно кон слушателите. За разлика од басовите, чијашто положба е релативно неважна, затоа што мозокот не може толку прецизно да ја одреди нивната положба, кај високотонците е важно да се постават прецизно и правилно. Тоа е вистинската максторија. Техниката, посебно.
4 Среднотонци, поставени релативно блиску до високотонците, коишто ги пренесуваат фрекфенциите што одговараат на човечки глас и на повеќето музичко инструменти
4 Басови, за ниски тонови без изобличување, вградени во предните и задните врати
1 Сабвуфер, со резонантно куќиште, вграден крајно десно во багажникот, што досега до најниските фреквенции
1 Централен канал, што го сочинува комбиниран средно- и високотонец, поставен врз арматурата табла, којшто е решавачки за да може да се одреди положбата на инструментите во просторот
2 Сараунд-звучници зад задната клупа, за опкружувачки звук, коишто придонесуваат да се прошири звучната сцена и да се постигне поголема веродостојност до присуство на концерт
4 звучници, 2 напред и 2 назад, што придонесуваат да се стекне тридимензионална звучна слика
2 х 2 високотонци и среднотонци вградени одзади на предните седишта (по два по седиште), со улога на централни звучници, за патниците на задната клупа да можат да уживаат во целосна просторна звучна слика
2 звучници во комбинација од средно- и високотонец, вградени во вратата на багажникот, за да може да се ужива во звукот кога возилото ќе се паркира и ќе се отвори багажникот.
4 х 2 високотонски звучници вградени во потпирачите за глава и помагаат да се прошири звучната сцена и да се доживее поголема веродостојност на звукот

Некои од технологиите што Меридиан ги користи во ЈЛР
Ар Кју
Систем што спречува создавање резонанци, односно одбивање на звучните бранови од одредени површини или рабови во кабината и нивно поклопување во звук што ја попречува звучната слика. Тоа посебно важи за басовите, коишто остануваат меки, длабоки и балансирани.
Дигитална прецизност
Соодносот меѓу сигналот и шумот е на врвно рамниште, што значи дека секој детал од снимката се пренесува. Изобличување на звукот не постои (сé е под 0,1 дБ), односно се сведува на подрачјето што мозокот не го регистрира.
Совршен Баланс
Високите и ниските тонови не се изобличуваат при посилно пуштање музика
Трифилд Три Д
Оваа технологија се однесува на наменски канал којшто просторно ги сместува сите инструменти, изведувачи и сали верно на реалноста, исто како што е снимено во студио или на концерт.
Виброхаптично аудио
Произведува осетни сигнали од аудиото, што се пренесуваат преку седиштата, за да се заокружи доживувањето на звукот.
Тоа е врвот што го има проектирано и испорачано Меридиан за знаменосецот Рејнц Ровер, токму „автобиографирана“ верзија на аудио системот. Основниот систем од Меридиан се води како Саунд Систем, средното ниво е Сараунд Саунд Систем. Кај Дефендер на пример, Саунд Системот содржи 11 звучници и 400-ватен засилувач, Сараунд Саунд Системот додава уште 4 звучници и уште 300 вати моќност. Сигнач’р останува привилегија на Рејнџ Ровер.

Системот Сараунд Саунд доаѓа како стандард во ексклузивните моделски серии на Дефендер, пример во Карпејшн Едишн
Кај Дефендер, што Аутомобили Груп го имаше избрано да ја претставува марката пред публиката на Скопски Џез Фестивал 2024, апсолутно врвниот настан на македонската музичка сцена, со влијание што досега и светски размери, Сараунд Саунд Системот на Меридиан, што значи средното ниво, доаѓа како стандардна опрема во специјалните серии. Тоа е взаемна почит меѓу имињата Рејнџ Ровер и воопшто Ланд Ровер, и Меридиан.
Сараунд-изведбата стандардно ја поседуваат Дефендер Ве-8 и Дефендер Ве-8 Карпејшн Едишн. Кај средните нивоа на опременост (СЕ), се вградува првото ниво, Меридиан Саунд Систем. Во нивоата С, доаѓа класичен звучен систем, што меѓу другото содржи 6 засилувачи и тоа говори дека уште од старт е внимавано на звучното доживување.
Можност да се нарача Сараунд-изведбата следи дури од нивото на опременост ХСЕ, како надградба над стандардниот Саунд Систем.
Соработката меѓу Џегуар Ленд Ровер и Меридиан Аудио отпочна во 2010 година. Во јули беше обновен договорот, со којшто Меридиан ќе продолжи да развива и испорачува аудио системи за Џеј Ел Ар и во ерата на електромобилноста. Во иднина, аудио експертите ќе бидат вклучени уште за време на самиот развој на новите модели, што значи тие ќе имаат влијание врз самата конструкција и проектирањето, каде што се изводливи такви зафати.
Најдоброто за крај
Тоа што всушност е најважната технологија што Меридиан ја вградува во Џеј Ел Ар, ЈЛР: Активно Поништување на Звук, се наоѓа во трета генерација, и ја има таа задача што сензори ги утврдуваат звуците што продираат во кабината, на пример, од работата на суспензијата при груби нерамнини во асфалтот, како и од моторот, по што од звучниците се пушта фреквенција со спротивна фаза, што ги потиснува несаканите звуци.
Една посета на салон да се слушне Дифендер или некој автобиографиран Рејнџ, нема да биде на штета.
















