Во времепловот на Мерцедес-Бенц, за мај 1904 година стои дека се случило преселување на управата на Дајмлер-Моторен-Гезелшафт, на друштвото за мотори на Дајмлер, од Канштат, во новата фабрика во Унтертиркхајм, Штутгарт.
Тоа е роденденот на една од најстарите локации на Мерцедес-Бенц во светот, којашто годинава одбележува 120-годишнина. Во почетокот се произведуваат мотори, менувачи и оски, но и цели возила. Во следните години, фабриката се посветува на производство на мотори и компоненти. Поради тоа, во Унтертиркхајм се сосредоточува и развојот на техника, како и тестирањето.
Фабриката се ширеше низ годините. Денес Унтертиркхајм е центар за напредна технологија и водечка фабрика за погонски технологии во целиот ланец од локации ширум светот, на коишто Мерцедес-Бенц произведува мотори и погонски склопови.
Секоја година од фабриката излегуваат преку 2 милиони мотори, менувачи, оски, компоненти и батерии. Тие се вградуваат во најразлични моделски серии, во фабрики што се наоѓаат на три континенти.
Симболично отворање на центар за батерии за електрични возила за 120-годишнината на Унтертиркхајм
Истражувањето и развојот на погонски технологии опфаќа голем дел од активностите на локацијата. Неодамна таму почна да работи еКампус, стручен центар за развој на батериски ќелии и батерии за идните електрични возила со сребрената ѕвезда. Секако дека постои голема симболика, кога најстарата локација за производство на мотори на Мерцедес-Бенц, во својата 120-годишнина добива центар за развој на батерии. Во електричните погони се вложуваат стотици милиони евра.
Фабриката се состои од повеќе погони што се распоредени долж долината на Некар. Уште пред неколку години во комплексот почна производството на погонски системи за електрични и хибридни возила. Тука се наоѓа и ковачницата. Секако не недостига и патека за тестирање. Во Унтертиркхајм воедно се наоѓа и административното седиште на Мерцедес-Бенц Груп АГ.
Во сите погони и ограноци работат преку 23.000 лица, од кои 14.100 во производството. Годинава со полн капацитет почнува и производство на погонски компоненти за електрични возила.
Во Бад Канштат се произведуваат мотори, во Метинген се оските и ливницата, менувачи се работат во Хеделфинген. Од 2021 година оттаму излегуваат и батерии за моделите Е-Ку-С и Е-Ку-Е. Флексибилно се произведува во Зирнау, каде што воедно се врши и обуката. Во Брил од 2022 година постои и фабрика за батерии, за хибридните модели.
До 2030 година, преку 70 проценти од енергетската потреба ќе се покрива од обновливи извори. Следната цел е целосно производство со енергија од обновливи извори, во целата фабричка мрежа на Мерцедес-Бенц.
















