
Мерцедес-Бенц последен пат произведе над 2 милиони возила во 2023 година, кога беше поставен и историски рекорд. Лани, Штутгарт испорача 1,8 милион возила од своите фабрики.
Меѓу моделите што се најавени за премиера годинава се луксузниот електричен ван ВЛЕ, што светот првпат ќе го види во сериска форма на 10-ти март, кусо потоа следат освежените моделски годишта на ГЛЕ и ГЛС, па нова генерација на Ц-Класа, што во почетокот ќе се произведува само во електрична изведба.
Силната моделска офанзива продолжува со лансирањето на АМГ ГТ, во изведба со 4 врати и исто така со погон на струја, а потоа стартува испораката на електричната изведба на новата генерација на ГЛЦ.
Мерцедес-Бенц очекува електричните модели и приклучните хибриди да учествуваат со 21 до 23 проценти во продажбата годинава. Понатаму, како што ќе доаѓаат нови модели, овој удел ќе се зголеми на околу 40 проценти во 2028 година.
„Со јасен план и со мошне конкурентна понуда од модели, напредуваме со нашата трансформација,“ изјави Калениус при соопштувањето на финансиските резултати на 12-ти февруари, во центарот за клиенти на Мерцедес-Бенц во Зинделфинген.
Раст преку технологија од следна генерација
Инженерите на германскиот производител работеа посветено во развојот на технологија од следната генерација. Калениус напомена дека резултатот од таа работа е основа за понатамошниот напредок.
Како пример за автомобил што обемно користи напреден софтвер, тој го наведе новиот ЦЛА. Тоа е првиот модел на Мерцедес-Бенц во којшто работи новиот оперативен систем МБ.ОС, што е развиен самостојно во компанијата.
Системот е дизајниран на начин што овозможува целата моделска понуда постојано да го добива најновиот софтвер. Тоа овозможува и соработки на светско рамниште, на пример во подрачјето на автоматизираното возење. На Западот, тоа ќе бидат соработки со Нвидиа, додека во Азија е можно да се вклучат стартапи од ковот на Момента.
Мерцедес во следните месеци ќе воведе систем за автоматизирано возење од Ниво 2++. Овој систем ќе овозможи возење од една до друга точка во услови на градски сообраќај. Возачот само ќе надгледува, додека возилото се движи целосно самостојно.
Стратегии за Европа, САД и Кина
За подобро да фати чекор на растечките пазари, Мерцедес-Бенц планира да разработи посебен пристап за одделните пазари. Во Европа, на пример, компанијата реши да одговори на барањата од дилерите и да продолжи со оваа моделска серија, откако ќе престане производството на тековната генерација во 2027 година.
Наследничката на А-Класата ќе се појави во 2028 година, врз платформата ММА, истата платформа со новата ЦЛА, со Европа како главен пазар, којашто учествува со две третини во светската продажба на Мерцедес-Бенц.
Во САД, каде што продажбата на Мерцедес-Бенц со години мирува на околу 300.000 возила, со 285.000 продадени возила во 2024 година, Германците очекуваат многу од освежените С-Класа, ГЛЕ и ГЛС. Во продукцијата во фабриката во Венс, Алабама, ќе се придружи ГЛЦ.
Директорот за продажба Матијас Гајсен гледа потенцијал и на прекуокеанските и на растечките пазари, вклучувајќи ги Турција, Средниот Исток, Индија и Латинска Америка. Во Индија, на пример, Мерцедес е мошне силен во сегментот на луксузните модели.
Засилување на локализацијата во Кина
Во Кина и натаму не може да се очекува зголемување на продажбата. Компанијата очекува дека во 2026 година ќе продолжи падот, откако продажбата лани се намали за 19 проценти, на 552.000 возила. Врз тоа влијае префрлувањето на купувачите кон домашните луксузни марки, како и силната ценовна конкуренција.
На среден рок, Мерцедес-Бенц очекува да ја одржува продажбата во Кина во распон меѓу 500.000 и 600.000 возила. Компанијата ја засили локализацијата и соработува со локални партнери, како Момента. Во Пекинг и Шангај се вработени околу 2.000 инженери, коишто развиваат решенија посебно за кинескиот пазар.
Во сите модели што се произведуваат во Кина, исто така ќе се вчитува нова верзија на софтверот МБ.ОС, без какво било доцнење.
Врвните моделски серии под силен притисок
Меѓу главните цели на Калениус беше да се постигне раст кај врвните моделски серии. Тоа се однесува на С-Класа и на изведбите под знакот на Мајбах, потоа електричната Е Ку С, Г-Класата и сите модели на АМГ.
Овие модели учествуваа со 15 проценти во продажбата лани, со 268.000 возила. За годинава се очекува нивниот удел да се задржи меѓу 14 и 15 проценти.
Калениус посочи дека стагнирањето во голем дел се должи на престанокот на производството на АМГ А35 4Матик, којашто го означуваше влезот во гамата на АМГ, но моделот не беше доволно профитабилен.
За моделите од врвот на понудата на Мерцедес-Бенц се очекува дека ќе продолжат со силниот раст дури по 2028 година. Доколку продажбата на Мерцедес-Бенц надмине два милиони возила, најмалку 300.000 возила ќе бидат од луксузниот сегмент.
Вештачка интелигенција ќе ги скусува трошоците
За да се достигне маржа од 8 до 10 проценти до 2028 година, Мерцедес ќе продолжи со строга контрола на трошоците. Само во 2025 година, трошоците се скусени за 3,5 милијарди евра, кажа директорот за финансии Харалд Вилхелм.
Во Германија, околу 6.000 вработени ја напуштиле компанијата, објавија локалните медиуми. Бројот на вработени што добиваа бонуси, смален е од 91.000 на 85.000 лица. Во светски рамки, се проценува дека работната сила се скусени 10.000 работни места.
Калениус кажа дека менаџерските структури се поедноставени и подмладени. „Станавме многу побрзи и поагилни,“ вели шефот.
Мерцедес-Бенц очекува дека вештачката интелигенција ќе добие поважна улога во забрзувањето на процесите, вклучувајќи го производството, каде што се планира воведување на хуманоидни роботи.
Производството се сели во Источна Европа
Производствените капацитети се смалени и до 2028 година ќе се сведат на 2,2 милиони возила.
Во Европа, активностите се насочуваат кон фабриката во Кечкемет, Унгарија, каде што производството е поевтино отколку во Германија. Мерцедес А-Класа се сели од Раштат во Кечкемет.
Трите германски фабрики, во Раштат, Зинделфинген и Бремен, заедно ќе произведат 900.000 возила, односно 100.000 возила помалку од порано.
Калениус тврди дека преку половина од вкупните инвестиции се однесуваат на Германија, со што се потврдува посветеноста на Мерцедес-Бенц на својот домашен пазар. „Тука веројатно ќе вложиме повеќе од која било дрига компанија“, тврди шефот.















