Ред Дот е меѓу трите најценети одликувања во светот на дизајнот, каде што не се оценува само изгледот, туку се гледа и функционалноста. Жирито е составено од експерти од цел свет, што заедно со строгите норми на оценување му дава веродостојност на овој забележан настан. БАИК годинава освои награда Ред Дот за концептниот автомобил од подмарката Аркфокс.
Концептниот автомобил Аркфокс 77° го привлече вниманието на судиите од 52 држави од цел свет, во конкуренција на илјадници пријави за натпреварот во дизајн Ред Дот.
Инспирацијата за дизајнот на Аркфокс 77° потекнува од пределите на географска ширина од 77 степени, што спаѓа во Арктикот. Во оваа екстремна средина, глечерите се тие што го создаваат пејзажот преку нивното бавно, но моќно движење. Предизвикот за дизајнерите на БАИК при создавањето на нивниот концепт 77° од престижната електро марка Аркфокс, којашто е дел од групацијата, беше исклучителната способност за приспособување којашто е неопходна за тие екстремни услови, за секаква форма на живот.
Аркфокс 77° е осмислен како купе-ван за најекстремни услови на возење, којшто располага и со врвни перформанси. Како концептен автомобил од марка што произведува само електрични автомобили, 77-ката располага со напредна аеродинамичност, ултра лесни материјали и интелигентни системи за рационално користење на енергијата во батеријата.
Концептниот автомобил се потпира на начелата на дизајнерскиот правец Арк-Флоу, што го создаде шефот за дизајн во БАИК и ѕвезда од светот на автомобилите, Ентони Ло.
Аркфокс 77° е прво концептно возило што е создадено од тимот на Ентони Ло, откако тој почна да работи во БАИК во октомври 2024 година. Студиото за дизајн на БАИК во Торино е главен координатор на сите дизајнерски студија на кинескиот производител во светот, вклучувајќи ги центрите во Пекинг и Шангај.
Концептниот Аркфокс го најавува и новиот правец во којшто ќе се развива дизајнот под надзор на Ентони Ло, наречен „побрзо, но подобро“.
БАИК е третата марка во портфолиото на Премиум Брендс на македонскиот пазар, покрај Киа и Волво. Неодамна на тест беше СУВ-знаменосецот Икс 75, којшто очекувано привлече големо внимание.
















